Македонија
Илиевски обвинува за скандал, фирма на Божиновска должела речиси 1 милион евра на МЕПСО
Денес го објавуваме најновиот скандал поврзан со една од најблиските соработнички на Мицкоски, министерката за енергетика, Сања Божиновска, изјави на прес-конференција Методија Илиевски, СДСМ.
„Божиновска која важи за партнер на Мицкоски во енергетика премиерот ја претстави како врвен експерт и менаџер во оваа индустрија. Божиновска која криеше и се уште крие дека има бугарски пасош, крие и многу други работи поврзани со нејзиното работење во приватниот сектор. Компанијата „ЕНГ сервис трејд ДОО Скопје“, фирма чиј основач и еден од управителите била токму Сања Божиновска, во период од 2016 до 2017 направила долгови од речиси 1 милион евра кон државната МЕПСО. Замислете, над 70% од вкупниот долг на МЕПСО во тоа време го направила само една фирма, фирмата на Божиновска. Долгот е за неплатена електрична енергија и до крајот на 2017 година достигнал 59 милиони денари или скоро 1 милион евра. Еве го тој документ“, додава Илиевски.
Тој вели дека по одредено време, МЕПСО покренува постапка за наплата на долгот и иницира тужба против фирмата на Божиновска. Во 2019 година, спроведено е и вештачење од судски вештак кој ја утврдил вистината на каматите на фирмата на Божиновска која му должена на МЕПСО. Значи цели две и пол години Божиновска нема абер од плаќање на долгот кон државата.
„Со наталожен долг кон државата, Божиновска го менува името на фирмата и прераснува во друг субјект. Наместо ‘ЕНГ Сервис Трејд’ сега се вика ‘КАРСЗЗ ТРАДЕ ДООЕЛ Скопје’. Веќе во 2022 година, фирмата ‘КАРСЗЗ ТРАДЕ ДООЕЛ Скопје’ работи со загуби и станува деловно неактивна. Причина за бришењето е поради тоа што не поднела годишна даночна пријава, внимавајте, за 2019 година. Денес ја прашуваме Божиновска а го прашуваме и Мицкоски, каде се парите? Дали се вратени 1 милион евра долг кон државната МЕПСО, де факто пари на граѓаните? Каде се 1 милион евра? Ова ли се менаџерските способности и експертизата на Божиновска, да згаснуваат и менуваат имиња на фирми кои должат пари? Понатаму, Мицкоски да одговори, како може да постави кадар да раководи со енергетика и де факто да биде одговорна и за работењето на МЕПСО, а притоа таа да му должи на МЕПСО огромна сума пари? Дали ова не е само по себе конфликт? Зошто Мицкоски ја избра Божиновска и дури и направи и цело ново министерство? Во какви бизнис релации се двајцата? СДСМ располага со други информации за катастрофалниот учинок на Божиновска со приватниот сектор кои укажуваат дека таа не е способно за функцијата но има и сомнително минато како менаџер. Како ова ќе се одрази на нејзиното работење можеме само да претпоставиме, но повеќе од јасно е дека ништо добро не може да се очекува. Во следните денови ќе излезе со повеќе информации за сите овие скандали“, завршува Илиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

