Македонија
Иницијативниот одбор закажа вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 28 март
Иницијативниот одбор закажа вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 28 март во Скопје. Членовите велат дека главни точки за дискусија ќе бидат отчет за сработеното од страна на актуелниот претседател Христијан Мицкоски и гласање на доверба.
„Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес по неколку месеци интензивна работа, успеа да обезбеди поддршка и потписи од големо мнозинство на делегати кои учествуваа при изборот на сè уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски. Делегатите кои пристапија се едногласни дека Мицкоски ги изневерил очекувањата и дека не исполнил ниту едно од дадените ветувања за враќање на партијата на победничките патеки, за зголемување на капацитетите за коалицирање и за обезбедување меѓународна поддршка“, се наведува во соопштението.
Членовите на Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес сметаат дека е недозволиво претседателот на којшто му ја дале довербата, да не свика конгрес и да не се обиде да им објасни кои се причините за последователните изборни порази и катастрофалниот рејтинг.
„Затоа иницијативниот одбор одлучи, со поддршка на мнозинството членови, да свика седница на Конгресот надвор од редовниот термин. Иницијативниот одбор одлучи да го закаже 17. вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 28 март во Скопје. Во наредните денови, Иницијативниот одбор ќе ги формира телата за спроведување на конгрсот, ќе го промовира слоганот и ќе почне со дистрибуција на покани и материјали за делегатите“, се наведува во соопштението.
Членовите наведуваат дека ВМРО-ДПМНЕ со Мицкоски е руинирана до непрепознатливост.
„Партијата е поделена, раскарана, нема капацитет за коалицирање и нема поддршка од стратешките западни партнери. Неговото бегање од одговорност и од заземање ставови по сите важни прашања резултираше со низа последователни порази на парламентарните, претседателските и локалните избори во Охрид, Штип и Ново Село. Христијан Мицкоски нема капацитет да ја води партијата и тоа го препознаваат граѓаните“, велат од Иницијативниот одбор.
Од таму наведуваат дека доколку Мицкоски ѝ мисли добро на Македонија и на ВМРО-ДПМНЕ веднаш ќе се повлече од функцијата и ќе го поддржи одржувањето на Конгресот.
„Секој обид да се избегне отчетот пред делегатите кои го избрале е мајтапење со членството и купување време за лично богатење на грбот на партијата“, велат од Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

