Македонија
Институтот за јавно здравје издаде важни препораки за безбедна употреба на вода по прекинот на водоснабдувањето
Институт за јавно здравје издаде препораки во насока за тоа кои чекори треба да се преземат одкако водата ќе биде пуштена.
„Имајќи предвид дека е најавен прекин на водоснабдувањето, населението треба да биде запознаено и информирано дека ризиците по здравјето на населението може да се јават не само за време на недостатокот на вода туку, дури и да се зголемат после пуштањето на водата за пиење во водоводната мрежа односно по отстранување на дефектот“, велат од ИЈЗ.
Оттаму, како превентивни јавно-здравствени мерки и мерки на внимателност препорачуваат:
– Граѓаните да не ја пијат веднаш водата по нејзиното пуштање во водоводната мрежа зашто контактното време на резидуалниот хлор и водата во мрежата (време потребно резидуалниот хлор да почне да делува врз микробиомот присутен во водата), во услови на пониски амбиентни температури може да потрае и до 1 час;
– Може да се очекува водата за пиење по пуштањето во водоводната мрежа да ја промени бојата, добие невообичаен мирис, да има видлива заматеност или евентуално страни тела (ситни зрнца песок или инсект и сл.). Во таков случај, повторно се препорачува истата да не се пие сè до момент на стабилизација на тие органолептички својства (боја, мирис, вкус, заматеност);
– Непосредно после доаѓањето на водата во водоводните цевки во домовите, потребно е да се испуштат СИТЕ чешми во домот да истечат неколку минути, па да се провери дали органолептичките својства се во ред, па дури потоа да се пие;
– По добро истекување на водата, потребно е почесто и добро да се исчистат мрежичките на чешмите (во средство за чистење бања или бел оцет);
– Како дополнителна мерка на внимателност се препорачува, доколку граѓаните сепак одлучат веднаш да ја пијат водата, истата да се преврие многу кратко (1 -2 минути), потоа да се разлади и консумира;
– Граѓаните треба да имаат предвид дека превриената вода го губи благопријатниот вкус. Истиот може да се подобри доколку водата се претура од една во друга чаша неколку пати, со цел да врзе повеќе кислород од воздухот (процес наречен аерација);
– Најдобро е во текот на првите часови после пуштањето на водата во водоводната мрежа, граѓаните сè уште да консумираат пакувана вода, сè до добивањето на известување од јавното претпријатие дека водата е исправна и безбедна за консумација;
– Во однос на водата за капење, препорачуваме после доаѓањето на водата во водоводната мрежа, задолжително да се зголеми температурата на водата во бојлерите (во кујна, бања и сл.), со цел дополнително превентивно термичко уништување на бактериите доколку потенцијално навлегле во водоводната мрежата;
– Најдобро е температурата на топлата вода во чешмите да биде над 55 степени, сепак потребна е мерка на внимателност да не дојде до изгореници особено кај мали деца или повозрасни лица.
Најважно од сè, велат од ИЗЈ, е да се почитуваат препораките објавени од Институтот за јавно здравје и другите релевантни институции вклучени во процесот, објавени на нивните веб страни или преку другите средства и платформи за информирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Христовото раѓање дава смисла на човештвото и вербата за подобро утре исполнето со мир, љубов и благосостојба, среќен Божиќ, посака ВМРО-ДПМНЕ
„Христовото раѓање е празник кој дава смисла на нашето човештво и вербата за подобро утре исполнето со мир, љубов и благосостојба. Да се насочиме кон добрите дела и хуманоста, бидејќи тие се темелите на христовата вера“, се вели во божиќната честитка на ВМРО-ДПМНЕ.
„ВМРО-ДПМНЕ посакува празничните божиќни мигови, да ги исполнат вашите домови со топлина, мир и хармонија. Нека се пренесе гласот дека Христос е роден.
Да ги споменеме и сите оние кои страдаат и да им помогнеме. Да правиме добри дела и да подаваме рака на секого. Без оглед на разликите, едни со други треба да си бидеме потпора во животот. Само така ќе покажеме дека сме силни и сме фактор во општеството.
Само со труд, работа и верба во Бога, да придонесеме за подобрување на животот на сите граѓани во Македонија.
Нека е честит и вековит празникот Божиќ.
Да е вечна Македонија!
Христос се роди! Навистина се роди!“, се додава во честитката.
Македонија
Разочарани сме од омразата и од упорните обиди да се потисне албанскиот јазик и да се девалвираат Албанците, велат од ДУИ
„Во духот на празничните денови, се воздржуваме од остра реторика, но не можеме да останеме неми пред агресијата на државата врз нашите колективни вредности. Длабоко сме загрижени и разочарани од упорната омраза, од недостатокот на волја за соживот, од упорните обиди да се потисне албанскиот јазик и да се девалвираат Албанците во овој наш заеднички дом“, велат од ДУИ.
„Оние што мислат дека ќе израснат рушејќи ги своите соседи, своите сограѓани, се во голема заблуда – никој не станал поголем со тоа што го омаловажувал другиот, напротив..
Разочарани сме и од молкот на тие сограѓани што гледаат, а не реагираат. Ова не е прашање само за Албанците, ова е прашање за вредностите на оваа држава.
Она што ние како Албанци го имаме за свето – нашиот јазик, нашето достоинство, нашето рамноправно учество во оваа земја – не може да биде постојана мета на агресија без последици по државата во целина.
Во пресрет на Божиќните празници, на сите православни верници им посакуваме мир, хармонија и топлина во нивните домови. Вистинските вредности не се мерат со тоа колку ќе се намали другиот, туку со тоа колку можеме да растеме заедно, во почит и разбирање.
Соживотот не е слабост, туку сила. Различностите не се пречка, туку богатство. На сите граѓани им посакуваме празници исполнети со добрина и надеж за подобро утре за сите нас“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Скопје
Посебен сообраќаен режим денеска во Скопје
СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека денеска по повод Христијанскиот празник Бадник на подрачјето на град Скопје ќе се одржи Бадникова манифестација во склоп на Бадникови Поворки и свечен собир на Кумовите бадникари на платото на Соборниот Храм Св. Климент Охридски, како и Божиќна манифестација во склоп на Бадникови Поворки со траса на движење од пред општинската зграда на општина Кисела Вода, по ул.„Петар Дејлан“, десно по ул.„Борис Трајковски“, лево по бул.„Македонија“, во продолжение по ул.„Св. Кирил и Методиј“ до пред Музеј на град Скопје, потоа на ул.„Македонија“ во продолжение се до плоштад „Македонија“ каде што ќе се одржува централната манифестација.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за пренасочување на сообраќајот како и мерки за посебен режим на сообраќај на сообраќајниците каде што ќе се движат Бадниковите Поворки и околу верските објекти.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.