Македонија
(Интервју) Зоран Витанов: Претседателот на државата ја узурпира функцијата

Во Македонија немаме лидери, имаме луѓе што ја окупираат позицијата лидер, вели претприемачот Зоран Витанов во интервју за „Макфакс“.
„Има два вида лидери, оние што ги краси столчето – тие кога ќе седнат некаде и додека се таму, имаат авторитет, и оние што го красат столчето – всушност, каде и да седнат, бидејќи имаат автохтон авторитет, тие ја красат позицијата. Кај нас имаме луѓе што ги краси столчето. Погледнете ги сите бивши премиери, бивши претседатели, денеска во општеството се никој и ништо, тоа значи дека биле октроирани. Секој следен премиер е сè полош од претходниот“, нагласува Витанов.
Според него, народот во државата е навикнат на квазилидерство и октроирани лидери.
„Стево Пендаровски, што сега се нарекува претседател на државата, ги обвини луѓето дека како стока влегуваат во автобусите, а тој стана претседател внесувајќи ги луѓето како стока во автобусите давајќи им сендвичи. Претседателот на државата ја узурпира функцијата лидер. Го цитирам, но не се согласувам со него за тоа: ‘Треба да му земеме мерка секому што ќе се обиде да ги смени името и идентитетот на народот и тој доаѓа на власт и тој одобрува промена на Уставот, кој претходниот претседател не сакаше да го потпише. Тоа зборува дека ние имаме опортунисти, немаме лидери’“, вели Витанов.
„Нас нè водат губитници, ова е лудило, санаториум“, додава Витанов.
Оценува дека во државата постои огромна класна разлика меѓу населението, која од ден на ден станува сè поголема.
Запрашан за коментар во врска со тоа колку се реални најавите на актуелниот министер за економија, Крешник Бектеши, за намалувањето на цените на некои од основните животни производи, Витанов со одговор: Ве молам, да не се множиме со нули. Народот ги толерира Ахмети и Бектеши, треба да ги игнорираме, а не да ги анализираме“, потенцира Витанов.
Колку се реални проекциите на власта за предлог-буџетот за 2023 година, во каква состојба е државата на економски план, дали ќе имаме стабилен денар, дали и како менаџира власта во услови на криза, во што да се вложува во периодот што следува, во интервју за „Макфакс“, Зоран Витанов, претприемач.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Каевски: Неспособноста на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ е на директна штета на граѓаните

„ВМРО-ДПМНЕ и шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски продолжуваат со добро познатата пракса на скапи и нетранспарентни задолжувања. Мицкоски најави, а неговите градоначалници спроведуваат скапи задолжувања на општини кои важат за едни од финансиски најстабилни“ рече денеска на прес-конференција портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски.
Каевски напомена дека „Аеродром, Бутел, Гази Баба, Прилеп се општините кои преку општински обврзници ќе ги задолжат своите граѓани. Заедничко за сите задолжувања е што тие се прават без да се наведе за што ќе се употребат парите, без да биде наведен рокот на отплата, а никој не знае ни колкави ќе бидат каматните стапки, кои поради економската криза стануваат се повисоки“.
„Она што се знае е дека овие обврзници ќе може да ги купи секој, вклучително и крупниот бизнис и големи компании кои потоа можат да влијаат врз работата и носењето на одлуки на градоначалниците и Советите. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ преку владата што ја предводи ги раздолжи општините. 50 милиони евра беа исплатени кон општините за да се расчистат долговите што локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ ги направи до 2017 година. По 12 годишното владеење со општините, ВМРО-ДПМНЕ остави задолжени општини, општини со блокирани сметки и општини без проекти“ порача тој.
Македонија
Три возила се судрија на Стража: превртено комбе, возачот повреден

Три возила се судриле, а комбе со скопски регистарски таблички е превртено пред превојот Стража. Од МВР за „Макфакс“ велат дека едно лице е пренесено и во болница. Екипа со јавен обвинител излегла на терен.
„Се случи сообраќајна несреќа, во која учествувале три товарни моторни возила (комбиња): ‘ивеко’, со прилепски регистарски ознаки, управувано од 46-годишниот Р. Б. од Прилеп, ‘фиат’, со скопски ознаки, што го управувал 39-годишниот скопјанец Ц. М., и ‘пежо’, исто така со скопски регистарски ознаки, управувано од 38-годишниот скопјанец И. А.“, велат од МВР.
Сообраќајот повеќе не е во прекин, а возилото е отстрането.
„Во несреќата телесни повреди добил возачот на ‘пежото’, И. А., кој бил пренесен во гостиварската Општа болница ‘Ферид Мурад’ за укажување лекарска помош“, додаваат од МВР.
Македонија
„Авионот е полн, нема да леташ за Париз“, патник вратен од аеродромот иако имал повратни билети на „Визер“

Патник од Скопје во саботата бил вратен од Меѓународниот аеродром „Скопје“ со објаснување дека авионот за Париз е полн иако имал купено два повратни билета од „Визер“. Откога аеродромската служба му кажала дека авионот е полн, тој побарал објаснување и тука, како што вели, почнала вистинска голгота низ која минал на аеродромот.
„По давањето на пасошите, во рок од една минута нè известија дека нема место на летот, дека сите места се зафатени и дрско ни рекоа дека денес нема да летаме за Париз. Кога прашавме како е тоа возможно кога имаме два билета, службеникот се јави некаде и по долга консултација со некого, рече дека проблем е второто име, не се поклопува со пасошот. Билетот беше за флексибилен партнер, опција што ‘Визер’ ја дозволува, но не беше дозволено онлајн да се впише името и кажав дека веднаш тука на шалтер ќе го впишеме. Ми рече дека треба да платам 6.100 денари за да се впише името на вториот патник, на што се согласив бидејќи се ближеше времето за полетување, но тој ја смени цената на 8.500 денари, па потоа на 14.000 денари и цело време телефонски се консултира со него. Во еден момент ни рече да чекаме ако некој не дојде на летот, да влеземе на негово место. Чекавме 20 минути пред да сфатиме дека сме изиграни“, се пожали патникот.
Побарале помош од аеродромското обезбедување за кои велат дека се обиделе да ги смират, но не можеле да помогнат. Се обиделе на друг шалтер да побараат решение на проблемот, но аеродромската служба повикала полиција.

Од „ТАВ Македонија“ велат дека тие се само поддршка на „Визер“ и нивните агенти на аеродромот постапуваат по правила и упатства на авиокомпанијата, ќе одговорат за инцидентот, но само на патникот
Патникот вели дека билетите ги купил два месеца порано и долго го планирал патувањето. Платил хотел и билети за фудбалскиот натпревар „ПСЖ – Ремс“. Поради летот, му пропаднале речиси 800 евра и најавува дека со тужба ќе бара обесштетување.
Од „ТАВ Македонија“, компанијата што управува со Меѓународниот аеродром „Скопје“, за „Макфакс“ велат дека тие се само поддршка на авиокомпанијата и нивните агенти на аеродромот ги спроведуваат услугите за прифаќање и испраќање на патниците, нешто што се случува на нивните шалтери, но од името на „Визер“ и по нивни правила и инструкции. Нагласуваат дека патниците со купувањето на билетот склучуваат договор со авиокомпанијата и сите натамошни ситуации треба да ги решаваат таму. Ќе одговорат на жалбата од патникот, но само нему, јавно нема да кажуваат детали.
„Во согласност со нашата компаниска политика за приватност и доверливост на бизнис-информациите, како и во согласност со Законот за заштита на личните податоци, нема да навлегуваме во поединечни барања или жалби од патници. Доколку некој клиент ни упати барање или жалба, тој/таа ќе добие одговор и разрешување во согласност со нашата политика за управување со жалби, а притоа ќе бидат почитувани сите закони и прописи“, велат од „ТАВ Македонија“.
Од авиокомпанијата „Визер“ најавија објаснување за инцидентот по разгледувањето на жалбата.
„Визер“ е нискобуџетска авиокомпанија на која од Министерството за транспорт и врски за „Макфакс“ велат дека досега ѝ исплатиле речиси 10 милиони евра за субвенции во периодот од 2012 до јули 2020 година кога договорот беше суспендиран поради корона-кризата, а целосно истече во март минатата година и не беше обновен.
Во Министерството за транспорт во моментот се врши евалуација на доставените понуди од „Визер“, „Луфтханза“ и на Ејџијан ерлајнс“ на повикот за субвенции.