Македонија
(Интервју) Илија Серов од руската амбасада: Потезите на вашата земја не се дипломатски, туку се насочени кон Русија во целина
„Со засилување на русофобијата на Западот се искривува и перцепцијата за руската политика на Балканот. Има обвинувања за мешање на Русија во билатералните спорови на државите од регионот. Можам да кажам дека фантазијата на авторите на овие изјави нема граници“, вели руското аташе за медиуми во Амбасадата на Руската Федерација во Македонија во интервју за „Макфакс“.
За протерувањето на 5-темина руски дипломати од Македонија и за тоа каков ќе биде одговорот од руска страна, Серов вели: „Овој чекор нема да остане без одговор кој ќе биде адекватен и чувствителен. Кампањата со протерувањето на руски дипломати нема никаква врска со нормалната дипломатска практика. Таа не е насочена кон конкретни лица туку кон нашата земја во целина“.
Претставникот на руската амбасада во нашата земја смета дека Западот намерно сака да ја прекине комуникацијта со Русија.
„Очигледно не сака да ја слушне вистината за која зборуваме и која можеби е непријатна за некого. Вашата земја се придружи на оваа кампања. Руската страна е отворена за соработка, додека, за жал, Северна Македонија презеде неколку отворено непријателски чекори. Ние не бевме иницијатори на овие негативни трендови во нашите билатерални односи“, вели Серов.
Дали украинскиот конфликт би можел да се прелее и на Балканот? Дали и колку е реална заканата од употреба на нуклеарно оружје? За настаните во Буча и слично, во интервјуто за „Макфакс“ одговара аташето за медиуми во Амбасадата на Руската Федерација во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Временска најава: Од попладне дожд, грмежи и северен ветер
Под влијание на влажна воздушна маса денес попладне, во текот на ноќта и утре ќе има повремени локални врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни (над 15л/м2) и ќе има услови за појава на ретки грмежи, информира УХМР.
Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер (над 60км/ч.), а дневната температура утре ќе опадне за неколку степени.
Во среда и четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а нови локални врнежи од дожд повторно се очекуваат во петок и во деновите од викендот.
Во Скопје, кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Во текот на ноќта и утре ќе дува засилен северен ветер.
Македонија
Утре без вода делови од Центар
Дел од корисниците на општина Центар утре ќе останат без вода.
„Поради промена на шибер во шахта на ул.Тасино Чешмиче бб (Градинка Кочо Рацин), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул.Тасино Чешмиче од 09:00 часот до завршување (општина Центар) и поради уличен дефект ф 200 мм на Бул.Партизански Одреди спроти Соборен Храм (Паркинг ЈАТ), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од ул.Максим Горки до Бул.Партизански Одреди и дел од Бул.Партизански Одреди од 09:00 часот до завршување“, соопшти Центарот за управување со кризи.
Македонија
Претседателот на општинската организација на СДСМ во Ѓорче Петров поднесе оставка
Претседателот на општинската организација на СДСМ во Ѓорче Петров, Костадин Ацевски, поднесе оставка поради лошите резултати на локалните избори. Според него, оставка треба да поднесат и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, како и целото раководство на партијата.
„Изборите завршија, време е да се понесе одговорност. Иако се вложив целосно, сепак резултатот е лош. Поднесувам неотповиклива оставка како претседател на општинската организација како чин на објективна и морална одговорност за лошите резултати. Верувам дека е исправно оставка да поднесат и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, како и целото раководство на СДСМ, не само заради лошите резултати туку и заради начинот на дејствување во изминатиот период“, вели Ацевски.
Тој додава дека СДСМ е преголема идеја за да остане непрепознатлива.
„СДСМ мора да биде силна опозиција и силен коректор на оваа лоша власт. И покрај оставката останувам член на СДСМ за подобро Ѓорче, подобро Скопје и подобра Македонија“, рече Ацевски.

