Македонија
(Интервју) Ленин Јовановски: Од Арсовска зависи дали в петок Скопје ќе биде блокирано

„Арсовска е маќеа на цело Скопје“, вели Ленин Јовановски, директор на „Слобода превоз“, во интервју за „Макфакс“.
Од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, и од директорот на ЈСП зависи дали приватните превозници в петок ќе го блокираат цело Скопје поради неисплатениот долг, вели Јовановски, објаснувајќи ја ситуацијата со блокадата и хаосот во главниот град.
„Ако таа не чувствува одговорност за ова што ќе му се случи на Скопје и дека работите може да ескалираат во уште порадикален правец, а нејзе да ѝ е сеедно, тогаш јас не можам да направам ништо. Ако градоначалничката сака да се однесува уличарски, како нешто да прави во сопствениот двор, а не во градот Скопје, тогаш нека си ја преземе одговорноста за она што ќе се случува понатаму“, потенцира Јовановски.
Објасни дека приватните превозници направиле сè за да не дојде до ситуацијата во која се наоѓа градот со јавниот превоз и дека претходно добивале одредени ветувања од надлежните дека ситуацијата ќе се подобри.
Бевме соочени со ветувања дека состојбата ќе се надмине и дека треба да почекаме некаков ребаланс на буџетот, вели Јовановски, но тоа што било договорено не се почитувало и придонело за зголемување на нервозата, но и за долгот кај приватните превозници.
„Долгот не бил ни приближно толку голем како што е сега. Каде оди дрскоста и лажењето на Арсовска“, прашува Јовановски.
Дали Јовановски и приватните превозници се заложници на политиката и се користат во битката против Арсовска, дали постои можност од манипулации со продажбата на билетите во приватните автобуси, каква е состојбата со возниот парк кај приватните превозници и кога тој ќе се обнови и слично, во интервјуто за „Макфакс“ со Ленин Јовановски од „Слобода превоз“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Правичната застапеност на Албанците е уставна категорија, му се допаѓало тоа на Минчев или не

Првиот вицепремиер на Северна Македонија, Изет Меџити, реагираше на изјавите на министерот за јавна администрација од партијата ЗНАМ, Горан Минчев, во врска со вработувањата на Албанците во државните институции.
Во јавна објава, Изет Меџити го обвини Минчев дека користи реторика слична на онаа на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, и потенцираше дека правичната застапеност на Албанците е уставна категорија која не може да се доведе во прашање.
„Минчев да не се однесува како копија на Апасиев, затоа што воопшто не личат еден на друг. Горан Минчев треба да ја напушти реториката на Димитар Апасиев и да се однесува како министер на сите граѓани во нашата заедничка држава“, напиша тој.
Изет Меџити исто така ја потенцираше одлуката на Владата за трансформација на работниот однос од договор на дело во трајно вработување за околу 1500 лица во здравството, од кои 750 се Албанци, додавајќи дека за оваа одлука се горди.
На крајот од својата реакција, Изет Меџити упати јасна порака до Минчев и до сите што го оспоруваат правичниот принцип на застапеност на Албанците во институциите:
„Правичната застапеност на Албанците во државните институции е уставна категорија, непроменлива и неповратна, која се почитува и ќе се почитува, му се допаѓало тоа на Минчев или не!“
Македонија
ДОМ: Властите легализираат уништување плодни полиња, ова не е зелена политика, туку кратковидно решавање на енергетската криза

Демократската обнова на Македонија (ДОМ) е категорично против „уништувањето на земјоделското земјиште за профит на бизнис-интереси под превезот на ‘зелена енергија’“. ДОМ отсекогаш се залагал за обновливи извори, но не на сметка на домашното производство на храна и егзистенцијата на земјоделците.
„Оваа одлука е погрешна и штетна! Наместо да се користат веќе деградирани површини, индустриски зони и покриви на објекти, властите легализираат уништување на плодни полиња. Ова не е зелена политика, туку кратковидно решавање на енергетската криза на сметка на иднината на земјоделството“, велат од ДОМ.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со Николоски: Претседателката ја поздрави интензивната инфраструктурна активност

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се сретна со заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
Претседателката Сиљановска-Давкова ја поздрави интензивната инфраструктурна активност, како одговор на потребата од подобра внатрешна и регионална поврзаност, како и поврзаност со ЕУ.
Во модерната инфраструктура, таа гледа основа за побрз економски развој, како и зголемување на домашните и странските инвестиции.
Министерот Николоски ја запозна претседателката со изградбата на патната и железничката мрежа, како и со активностите за унапредување на јавниот превоз.
Обајцата изразија очекување стратешките проекти во транспортниот сектор да придонесат за подобрување на животниот стандард на граѓаните и овозможување одржлив развој.
На средбата се зборуваше и за последните измени на Законот за урбанистичко планирање. Според министерот, мнозинството од 68 гласа „за“ зборува за висок степен на усогласеност на пратениците.
Со законските измени, во поглед на поставувањето фотоволтаични централи и ветерници, тој не гледа зголемена опасност по плодното земјиште и смета дека постојат правни механизми за нејзино спречување.