Македонија
(Интервју) Трајанов: Османи ѝ прави штета на државата со својата политика на коленичење
Дипломатијата на коленичење не дава резултати, дециден е лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, во интервју за „Макфакс“.
„Не прифаќам изјава на министер за надворешни работи, за него да не е битно што ќе каже натепаниот, а не му е битно ни што ќе кажат институциите во сопствената држава, да ги негираш институциите. Тезите на Османи се на штета на државните интереси и тоа кажува дека ова е политика на коленичење, се ставаме во подредена положба на Бугарија“, вели Трајанов коментирајќи ги последните случувања во односите со Бугарија.
На прашањето дали треба да стравуваме од ново вето од Бугарија, лидерот на ДС одговара: „Ако се сложиме да го смениме Уставот, тогаш во моментот кога ние ќе прифатиме уставни промени, наредниот ден ќе имаме ново барање со закана за вето и тоа Бугарија ќе го практикува постојано. Сè дури има негација, навреди и условувања за процесот за ЕУ, тогаш залудно ќе биде што и да направиме“.
ДУИ е во криза и треба да си ја плати цената затоа што во една ваква ситуација ја ризикува позицијата на Владата, додава Трајанов на прашањето кој треба да отстапи од министерката позиција на сметка на Алијансата за Албанците доколку влезат во власта.
Тој ја повтори тезата за соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници во власта.
Сега, оценува Трајанов, тој принцип е нарушен, а тоа во иднина ќе предизвика дополнителни проблеми и ќе дојде нарушување во внатрешната меѓуетничка кохезија.
ДУИ, како што вели Трајанов, треба да процени и да отстапи најмалку две министерства доколку Алијансата за Албанците влезе во власта.
За идејата на ДУИ за заеднички европски фронт, Трајанов дециден: Тоа е една опасна флоскула и манипулација со јавноста, божем прават сојуз за Европа. Постои некој, не сакам Албанците да ги навредам, но тоа го користат за некаков сојуз со Бугарија и да биде на штета на националните интереси на Македонија. Не верувам дека тука има некаков заговор, но така може да се прочитаат тие определби. Бугарија бара отворање на Уставот, ама сега еве и Албанците бараат да влезат“.
Ниту Ковачевски ниту Ахмети не треба да има монопол врз процесот на евроинтеграцијата, за него треба да има поширока поддршка, додава Трајанов.
За американската црна листа, за безбедносната состојба во државата, борбата со корупцијата и слично во интервјуто за „Макфакс“, Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Вреди“: Се враќа целосната функционалност на Комисијата за односи меѓу заедниците, нов чекор за зајакнување на Охридскиот рамковен договор
Со години, Комисијата за односи меѓу заедниците беше ставена на маргините, оценуваат од „Вреди“.
„Беше де факто ослабена од политиките на ДУИ. Нејзината улога беше ослабена. Ја изгуби реалната тежина во процесите на одлучување, иако произлегува од Охридскиот рамковен договор.
Од денес, тоа се менува. На чело на Комисијата е избран пратеникот на „Вреди“, Аднан Азизи. Тој ќе предводи нова фаза. Фаза на целосна функционалност и јасна институционална одговорност.
Комисијата повеќе нема да биде формалност. Таа ќе биде активен орган. Функционален механизам со реално одлучување и директна одговорност за правична и соодветна застапеност, употребата на јазиците, образованието и културата, со цел целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор и Бадинтеровиот принцип“.
„Вреди“ како што додаваат од партијата, става крај на практиките на институционално занемарување. Законот за правична и соодветна застапеност, подвлекуваат дека ќе се спроведува со целосна сериозност. Според нив, институционалната еднаквост повеќе нема да остане само на хартија.
Македонија
Савески-Хрицова: разговарано за предизвиците во гонењето на висока корупција, како и за можностите за избегнување на одолговлекување на постапките
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески и амбасадорката на Словачката Република Ивета Хрицова на заедничка средба ги разгледаа можностите за идна соработка особено во областа на реализацијата на европските реформи во работата на Јавното обвинителство.
Меѓу клучните активности во претстојниот период, преку контакти со словачкото обвинителство, ќе биде иницирана размена на искуства во повеќе области, студиски посети, како и испитување на можностите за потпишување меморандум за соработка меѓу македонското и словачкото обвинителство.
Савески и Хрицова разговараа и за предизвиците во гонењето на висока корупција, како и за можностите за избегнување на одолговлекување на постапките.
Македонија
Утре променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер
Утре ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно и нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 21 степен.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Следува период на променливо облачно време со сончеви периоди во текот на денот. Локално ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Утре ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Во недела ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
