Македонија
Интерконектор за гас со Грција, по 7 години недомаќинско владеење на СДС и ДУИ, поставени се темелите за енергетска стабилност, велат од Владата

Една година Влада на ВМРО-ДПМНЕ, една година Министерство за енергетика рударство и минерални суровини и поставена основа за енергетска стабилност, сигурен и ефикасен енергетски систем за одржлив и модерен развој, велат од Владата.
Според соопштеното, по 7 години нестручно и недомаќинско владеење на СДС и ДУИ со енергетскиот сектор кој доведе до девастација на електро енергетските капацитети и неколку кратно зголемување на сметките за електрична и топлинска енергија на граѓаните поставени се темелите за енергетска стабилност и независност.
„Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини успешно го финализираше процесот на усвојување на новиот Закон за енергетика, со што Македонија изврши целосно транспонирање на Четвртиот енергетски пакет на Европската унија познат и како „Пакет за чиста енергија“.
Се овозможи воведување на паметни броила, батериски системи, граѓански енергетски заедници како и либерализиран пазар и дигитализација.
Се зголемија таксите за минерални суровини со што од 1 јануари 2025 година, Министерството започна со собирање до 100% зголемени такси за експлоатација на минерални суровини, со цел подобрување на редот во користењето на националните ресурси.
Зголемена е наплатата на концесиските надоместоци за минерални суровини за 2.5 пати па така наплатата за период 01.01.-15.04.2024 година изнесува 110.576.324,00 денари, додека пак за период 01.01.-15.04.2025 изнесува 260.258.272,00 денари“.
Посочуваат дека се заштитија ранливите потрошувачи со финансиска поддршка за потрошена електрична енергија.
„Во новиот Акциски план за 2025 на Еусаир стратегијата Македонија успеа да вгради два свои гасни проекти со соседна Грција и Србија кои беа подржани од страна на Европската Комисија: Гасен интерконектор со Грција, Проект за интерконекција со Србија“.
Додаваат дека е пуштен во работа новиот 400/110 kv трансформатор во ТС Битола 2 кој ќе го намали притисокот врз преносната мрежа и ќе ја зајакне сигурноста на снабдувањето во градовите Струга, Охрид, Ресен, Битола и Прилеп, обезбедувајќи стабилна електрична енергија за време на зголемената потрошувачка во зимските месеци.
„Проект за јакнење на преносната мрежа – Милетково (MEPSO). Нова трансформаторска станица 400/110 kV во вредност: 34.7 милиони евра. Приклучок за 1.2 GW од обновливи извори. Овој проектот за јакнење на преносната мрежа во југоисточниот регион на земјата вклучува изградба на нова 400/110 kV трансформаторска станица во близина на селото Милетково, поврзување со постоечката 400 kV линија од Дуброво до Солун, како и реконструкција на постоечките 110 kV линии и станици во и помеѓу Милетково, Валандово и Струмица.
Понатаму втора фаза – ветерен парк Богданци со дополнителни 4 ветерни турбини секоја со капацитет од 3,4 MW. Ова проширување значително ќе ја намали зависноста од увоз на електрична енергија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од населбата Драчево денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе остане дел од населбата Драчево.
Од 08:30 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Маркова Река во населба Драчево, општина Кисела Вода, ќе останат без струја.
Македонија
Сончево и ветровито време, температури до 38 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, по должината на Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 22, а максималната ќе достигне од 31 до 38 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Во следните денови следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток и за време на викендот кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе достигне до 40°C.