Македонија
Исаки: Пријателството меѓу Македонија и Хрватска постојано се надградува

Односите и соработката меѓу Република Северна Mакедонија и Република Хрватска се во постојана нагорна линија, истакна заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки по средбата со државниот секретар во Државниот уред за Хрватите надвор од Хрватска, Звонко Милас.
„Пријателството во последните три децении континуирано се надградува со продлабочување и зајакнување на меѓусебниот политички дијалог, економската соработка, културната, трговската и туристичка размена и соработка во многу други сфери. Не помалку значаен сврзник во нашите меѓусебни односи се и претставниците на нашата заедница во Хрватска и на хрватската во Северна Македонија, кои преку низа активности остануваат во постојан контакт со својата матичната држава, култура и јазик и паралелно даваат особен придонес во квалитетот на нашите одлични билатерални односи и соработка“, рече Исаки.
Додаде дека во заеничкиот разговор бил поздравен фактот што двете влади имаат многу позитивен однос кон прашањата за малцинствата, кои претставуваат комплексни теми.
„Малцинствата ги споделуваат истите проблеми со кои се судираат сите граѓани во една држава, почнувајќи од актуелната пандемија до социо-економските прашања, но истовремено имаат и дополнителни предизвици поврзани со зачувување на нивниот културен и национален идентитет, а пред сè заштитата на културното наследство, образование и негување на мајчиниот јазик“, предочи Исаки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР: Проблемот со двојните матични броеви почнал во 1981 година

Министерството за внатрешни работи во врска со денешниот брифинг за медиуми на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на која кажа дека илјадници луѓе се заведени во Избирачкиот список со два матични броја информира дека ваквата појава започнала во 1981 година.
Од МВР уверуваат дека по откривањето на грешката, веднаш е пристапено кон поништување на овие матични броеви и таа постапка веќе подолг период е во тек, а голем дел од овие матични броеви се поништени.
„Ваквата појава започнала во 1981 година, кога во Република Северна Македонија е воведено електронско определување и евиденција на матичните броеви. Постапката за поништување на матичните броеви трае веќе подолг период и е во тек, а голем дел од овие матични броеви се поништени. Изјавата дека во Република Северна Македонија има 20.000 дупли матични броеви е неоснована и неаргументирана, имајќи ги во предвид евиденциите со кои располага Министерството за внатрешни работи“, се наведува во реакцијата.
Од МВР појаснуваат дека определувањето и запишувањето на матичниот број започнало на 01.01.1981 година и требало да заврши на 31.12.1985 година. Во овој временски период, велат од МВР, направени се грешки при определувањето и запишувањето на матичните броеви што довело до определување на дупли матични броеви за едно исто лице.
Покрај ова, дупли матични броеви се определувале и подоцна како резултат на нецелосни проверки од страна на вработените во управните служби, погрешни податоци добиени од УВМК како и технички пропусти на постоечкиот Систем за автоматска обработка на податоците.
„Заради целосно и навремено ажурирање на матичните броеви, Одделот за граѓански работи, Секторот за управно надзорни работи, Одделението за државјанство, граѓански состојби и матичен број се вклучи во овој процес во делот на утврдувањето на дуплите матични броеви, изготвува списоци со податоци и ги доставува до ОУР Скопје за понатамошна постапка за проверка во матичната евиденција и нивно поништување. Досега се обработени дупли матични броеви за тековни години од 1954 до 2019 година. Од 1930 година до 1954 година постапката за проверка на овие матични броеви е во тек и во овој период од направена анализа има помал број на вакви матични броеви“, се наведува во реакцијата.
Македонија
Во Македонија 890 нови случаи на коронавирус, 35 лица починаа

Во последните 24 часа во Македонија се потврдени 890 нови случаи на коронавирус, 35 лица починаа, а оздравени се 1.024 пациенти, соопшти Министерството за здравство.
Во последните 24 часа се направени 3.284 тестирања, а регистрирани се 890 нови случаи на Ковид-19 во:
Скопје – 349, Битола – 68, Куманово – 59, Прилеп – 52, Тетово – 36, Струмица – 35, Велес – 32, Охрид – 29, Кавадарци – 27, Штип – 25, Кочани – 24, Кичево – 20, Гостивар – 19, Виница – 15, Гевгелија – 14, Неготино и Валандово – по 11, Струга, Свети Николе и Радовиш – по 9, Пробиштип – 7, Крива Паланка – 6, Ресен и Берово – по 4, Делчево и Демир Хисар – по 3, Богданци, Демир Капија и Кратово – по 2, Крушево, Македонски Брод, Пехчево и Дојран – по 1.
Пријавени се вкупно 35 починати лица: 7 од Скопје (35г, 39г , 61г, 69г, 73г, 80г ,84г), 6 лица од Куманово (65г, 70г, 73г, 74г, 76г и 87г), по 3 починати лица од Прилеп ( 71г,72г и 77г) и Битола (64г,65г и 74г), по 2 лица од Кавадарци (75г и 76г), Велес (53г и 79г), Штип (67г, 69г), Струмица(54г и 84г), Крива Паланка(71г и 72г) и Струга(62г и 72г), по едно лице од Гостивар (77г), Кочани (34г), Кичево (57г) и Охрид (77г).
Сите се починати во болнички услови.
Досега во земјата се направени вкупно 681.272 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 145.001, бројката на оздравени пациенти е 120.707, на починати е 4.357, а бројот на активни случаи изнесува 19.937.
Македонија
Средба Димитров – Шаленберг

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, ја заокружи еднодневната работна посета на Австрија со средба со федералниот министер за надворешни работи, Александар Шаленберг.
Димитров нагласи дека прашањето за почнување на преговорите на земјата за полноправно членство во ЕУ има силни геополитички импликации за Унијата како проект за европско обединување и укажа на загриженоста за негативното влијание на секое понатамошно одолжување на пристапните преговори врз кредибилитетот на ЕУ во регионот, а со тоа и на улогата на Унијата како глобален актер.
„Ова е клучен момент за постигнување чекор напред во евроинтегративниот процес на Северна Македонија со ЕУ, што би значело и преточување на интересот на Австрија како непосреден сосед на регионот на Западен Балкан во конкретен резултат базиран на објективно вреднување на копенхашките критериуми“, рече Димитров.
Министерот Шаленберг ја поздрави посветеноста на земјата во спроведување на реформите што значат вистинско приближување кон европските стандарди и нагласи дека поддршката и интересот на Виена за заеднички успех е сосема јасна.
Соговорниците разменија мислења за продлабочување на билатералната соработка, која се одвива во рамките на континуирана техничка помош, но и преку економската и инвестициската рамка, како и хуманитарната помош во контекст на ковид-кризата. Димитров се заблагодари за солидаризирањето на Австрија со регионот уште од самиот почеток на здравствената криза, информираат од неговиот кабинет.
„Во овие тешки времиња што ги предизвика пандемијата, пријателската помош е повеќе од добредојдена и во тој контекст би сакал да упатам благодарност за континуираната политичка и економска поддршка, но и значајната помош за секторот здравство од Австрија“, истакна Димитров на средбата.
- Свет3 месеци
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Европа2 месеци
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Економија2 месеци
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“
- Свет1 месец
(Видео) Полиција собори маж на земја пред неговото мало дете зашто немал маска
- Црна хроника2 месеци
Брат и сестра нападнати на Широк сокак
- Економија2 недели
„Оштетени штедачи“: Фирма на Игор Џамбазов зела неповратен кредит од Еуростандард банка
- Регион2 месеци
Вучиќ за ковид-пасошите: Кои сте вие да го ограничите движењето на некој што не сака да се вакцинира?
- Македонија2 недели
Ѓорчев: Мојот татко е во кома откако се вакцинираше во Ниш