Македонија
Искинати кабли, уништени огради, детските игралишта навечер се места за пиење алкохол, Герасимовски апелира на подигање на свеста
Во текот на изминатите денови непознати сторители уништиле дел од урбаната опрема во Капиштец, на Водно и во Дебар Маало. Станува збор за клупа и дел од реквизити од детските игралишта „Партение Зоографски“, „Славка Недиќ“ и новото игралиште во близина на ТЦ „Зебра“. Искинати се кабли и уништени се лулашки и огради, а со тоа и оневозможена е детската игра за најмалите. Поради овој и слични вандалски однесувања, градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, ги повикува поединците кои ја уништуваат урбаната опрена да престанат да го прават тоа, а граѓаните да ги пријавуваат оние што ќе ги затекнат во вакви дејства.
„На годишно ниво Општина Центар извојува од 3 до 5 милиони денари за оштетена јавна опрема. Наместо овие средства да бидат искористени за нови детски игралишта на локации на кои сега ги нема. Воедно, уништената урбана опрема значи недостиг на место за седење во блискиот парк, простор за оддишка на пензионерите или мајките со деца, помалку лулашки или лизгалки во детските паркови и на игралишта. Уништената урбана опрема е лицето на нашето однесување и сликата за нашата свест. И треба да се запрашаме каде одиме. Штетата што се прави на јавнопрометните површини е во количини што не се за потценување затоа апелирам до сите оние поединци или група вандали да не ја уништуваат урбаната опрема и истовремено замолувам граѓаните што ќе забележат несоодветно однесување и уништување на јавното добро да го пријават во полициска станица“, посочи Герасимовски.
Општина Центар ги известува граѓаните дека во ноќните часови детските игралиште се користат како места за собирање и пиење алкохол, а наутро општинските служби чистат искршени стаклени шишиња и срчи. Општина Центар апелира за внимание и од страна на родителите за постапките и однесувањето на своите деца.
Општината потсетува дека уништувањето на урбаната опрема претставува прекршочно дело за што следуваат казни од надлежните институции. Со цел да го заштитиме јавното добро, градоначалникот Герасимовски ги повикува граѓанските организации, месните и урбаните заедници да се вклучат во подигањето на свеста за зачувување на урбаната опрема, како и да се вклучат во конкретни активности, кои ќе придонесат за подобрување на актуелната состојба. Сите имаме одговорност да ги чуваме околината и јавните добра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температура до 25 степени
Времето утрово е студено со појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот, ќе биде сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време со студени утра и температури кои наместа ќе се спуштаат под нула степени. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла или ниска облачност. Дневната температура ќе биде без значителни промени.
Македонија
Не е за пиење водата во тетовските села Мерово, Луковица и Седларево, како и во прилепското село Ропотово
Регионалниот центар за управување со кризи Тетово, извести дека од Центарот за јавно здравје ЈЗУ – Тетово добиле информација дека испитаните примероци на вода за пиење од селата Мерово, Луковица и Седларево (Општина Желино) не одговара на законските и стручни прописи за бактериолошка анализа.
„Потребно е да се врши редовна дезинфекција на водата за да може да се употребува за пиење“, велат од ЦУК.
РЦУК Битола, информира дека од Центар за јавно здравје ЈЗУ – Прилеп е докажана здравствена микробиолошка неисправност на водата за пиење од регионалниот водовод (Општина Долнени) во с. Ропотово и во основното училиште на с. Ропотово.
Македонија
Се’ уште забранета водата за пиење во Струмица
Изречената забрана за пиење на водата од струмичкиот водоснабдителен систем останува на сила, соопшти Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) по резулатите од анализираните мостри земени на 18 октомври годинава во рамки на спроведениот вонреден инспекциски надзор во водоснабдителниот објект – фабрика за вода на ЈКП „Комуналец” Струмица.
Од АХВ информираа дека кај сите мостри претходно зголеменото ниво на манган е во рамки на дозволените вредности, но микробиолошки, четири од земените мостри не ги исполнуваат безбедносните критериуми поради детектирано зголемено присуство на колиформни бактерии во водата.
Целта на контролата беше увид во досегашните активности спроведени од страна на ЈКПД Комуналец од Струмица во однос на спроведувањето добра производствена и добра хигиенска пракса, како и други технички зафати во водоснабдителниот систем.
Во рамки на надзорот, земени се 6 мостри за анализа на водата од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец Струмица и тоа: една мостра од сирова вода која доаѓа од браната, сирова вода од чешма во фабриката, втора мостра на хлорирана/третирана вода за пиење од чешма во фабриката за вода, три мостри вода за пиење од мерните места одредени од ЈПКД Комуналец во нивниот мониторинг план за земање мостри вода за анализа и една мостра вода за пиење земена по случаен избор на инспекторот од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец.