Македонија
Исклучените пратеници од ВМРО-ДПМНЕ размислуваат дали да прават нова пратеничка група
Седумтемина пратеници исклучени од ВМРО-ДПМНЕ размислуваат дали да дејствуваат како независни или ќе формираат нова пратеничка група. Некои од нив за „Макфакс“ велат дека денеска имаат координација, а во наредните денови најавуваат дека ќе ја соопштат својата одлука. Засега ја отфрлаат можноста да се приклучат кон друга пратеничка група.
За формирање нова пратеничка група се потребни најмалку пет пратеници, а според Деловникот, може да назначат свој координатор и активно да учествуваат на координациите со претседателот на Собранието.
Неизвесно е дали на седумтемина ќе им се приклучи и пратеничката Владанка Авировиќ од СПМ, која ги поддржа уставните измени за разлика од своите сопартијци, кои беа против. А сè уште не се знае како ќе дејствува и пратеникот Панчо Минов, кој најави дека ќе го замрзне членството во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Емилија Александрова, Нола Исмајлоска-Старова, Елизабета Канческа-Милевска, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов и Зекир Рамчиловиќ во петокот вечерта беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ по гласањето на уставните измени. Од партијата побараа тие да си поднесат и оставка од функцијата обвинувајќи ги дека работеле спротивно на волјата на граѓаните.
Тие, пак, непосредно по гласањето во Собранието, испратија писмо во кое со четири барања го условуваат гласањето на уставните измени. Бараат уставен амандман со гаранција за македонскиот идентитет, уставен амандман што ќе се важи ако Грција не го ратификува договорот за промена на името, што ќе значи безусловно поништување на сите уставни промени и на договорот од Преспа, името за внатрешна употреба да се менува постепено во зависност од тоа како ќе се реализира членството на Македонија во ЕУ и НАТО, како и прифаќање на иницијативата за простување на сите обвинети за настаните на 27 април и основање собраниско тело со план за национално помирување во рок од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

