Македонија
Истрагата за мостот „Око“ ја презема Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција

Наредба за спроведување истражна постапка против три лица донесе надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција по добивање на предметот од Основното јавно обвинителство – Скопје. За трите лица постои сомнение дека сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Осомничените, во периодот од 2009 до 2012 година, при спроведување постапка за јавни набавки, со неизвршување на својата службена должност овозможиле изведувачот на проектот за изградба на пешачкиот мост „Око“ на реката Вардар да стекне имотна корист во износ од 26.653.424 денари.
По склучување на договорот во висина од 92.546.647 денари за јавна набавка на работи, Општина Центар како инвеститор, од една страна, и изведувачот на градежните работи, од друга, склучен е и анекс на договорот за јавна набавка, со што вредноста на договорот се зголемила на износ од 119.197.783 денари.
„Првоосомичениот како извршен орган на Општината и потписник на договорот за јавни набавки и анекс-договорот за јавна набавка, второосомничениот како потписник на барањата за исплата, кој имал обврска да ја проверува документацијата и со тоа да го следи степенот на реализација на проектот, и третоосомничениот како овластено одговорно лице за следење на текот на изведбата на проектот во согласност со договорот, не ги запазиле законските одредби од Законот за јавните набавки. Осомничените во согласност со своите надлежности не презеле активности за активирање и наплата на банкарските гаранции депонирани во деловните банки од страна на изведувачот, ниту побарале продолжување на рокот на важност на гаранциите во износ од 8.773.714 денари за дадените аванси“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство на Република Македонија.
Оттаму додаваат дека првоосомничениот во согласност со склучениот анекс-договор, иако бил обврзан, не го продолжил рокот на важност на банкарската гаранција за навремено и квалитетно извршување на работите во износ од 17.879.710 денари, која, по раскинувањето на договорот, требало да ја активира и наплати во корист на Општина Центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Предложен притвор за кичевецот кој утрово со секира си го уби таткото и тешко ја повреди мајка си

Основното јавно обвинителство Кичево поведе истражна постапка против кичевец осомничен за кривични дела убиство и обид за убиство.
„При вршење семејно насилство рано утрово, во дворот на семејната куќа во селото Србјани, осомничениот 47-годишник го лишил од живот својот татко, а се обидел да ја убие и својата мајка. При вербална расправија, со нож и секира најпрво го нападнал таткото, прободувајќи го по телото и удирајќи го со секирата по главата. Потоа и нанел убоди со нож во вратот и на неговата мајка. Од многубројните повреди оштетениот маж починал при укажување прва помош, а жената е пренесена на Ургентниот центар во Скопје во тешка состојба“, извести вечерва Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кичево вечерва достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Осомничениот беше уапсен откога самиот пријавил во Итната медицинска помош дека ги нападнал родителите.
Македонија
Невреме со град, дожд и грмотевици вечерва во Струмица: поплавени улици, паднати дрвја и делови од градот без струја

Откорнати дрвја, поплавени улици и делови од центарот без струја е билансот од невремето со град, дожд и грмежи вечерва во Струмица. За санирање на штетите на терен се јавното претпријатие „Комуналец“ и Територијалната противпожарна единица на Струмица.
Пожарникарите известија дека отстраниле паднато дрво врз автомобил на улица.
„Вечерва (недела) 11.05.2025 година, околу 20.00 часот на ул.Ванчо Китанов, ТППЕ Струмица со едно противпожарно возило и двајца пожарникари-спасители интервенираше на отстранување на паднато дрво врз автомобил. За кратко време дрвото е отстрането од улицата“, објави Противпожарната единица на Струмица.
Струмичани јавуваат дека невремето почнало пред 20 часот и за кусо време улиците биле поплавени и побелени од град.
Дијаспора
Муцунски се сретна со македонските иселеници во Шведска

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска и утре престојува во дводневна работна посета на Кралството Шведска. Фокусот на првиот ден од посетата беше ставен на бројната македонска дијаспора – при што ја посети и присуствуваше на литургија во македонската православна црква „Св. Наум Охридски“, се сретна со претставници на дијаспората и со македонски стопанственици кои работат и инвестираат во Шведска.
„Посетата на црквата ’Св. Наум Охридски’ во Малме и средбата со македонската заедница, како прв министер за надворешни работи кој присуствувал на утринска литургија во оваа црква, беа можност за разговор за нивните иницијативи, предизвици и очекувања. Се разговараше и за владините политики насочени кон унапредување на односите со дијаспората, при што беше потврден значајниот придонес на македонската заедница во јакнењето на односите меѓу двете држави. Во шведскиот град Трелеборг, во организација на Обединетата Македонска Дијаспора, министерот Муцунски се сретна со македонски стопанственици кои успешно делуваат во Шведска. Во фокусот на средбата беа можностите за инвестирање во Република Северна Македонија, јакнењето на економската соработка и активната улога на дијаспората во економскиот развој на државата“, известија од Министерството за надворешни работи.
Утре министерот Муцунски предвидено е да има средба со министерката за надворешни работи на Шведска, Мариа Малмер Стенергрард.