Македонија
Истрага против седум лица и предлог за мерка притвор за петмина осомничени за случајот „Кипер“

Денешната координирана полициска операција со кодно име „Кипер“ беше спроведена под раководство на предметен јавен обвинител, од страна на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе во содејство со Одделот за специјални и посебни операции. Акцијата е резултат на предистражна постапка што се спроведуваше од месец септември 2023 година до месец јуни годинава. Во постапката е опфатена седумчлена организирана криминална група, која делуваше на тeриторијата на државата со цел извршување на кривични дела поврзани со организирање на група за извршување на кривични дела криумчарење мигранти.
Денеска беа извршени претреси на пет локации на подрачјето на Штип, Злетово, Пробиштип и Велес. Лишени од слобода се пет лица. При извршените претреси пронајдени и одземени се: патничко моторно возило, прашкаста материја, вага и мобилни телефонски апарати што лицата ги користеле за извршување на кривичното дело.
Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, предметниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против шест македонски и еден српски државјанин. Постои основано сомнение дека првосомничениот како организатор на криминалната група е сторител на кривичните дела „Организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ од член 418-в и „Криумчарење на мигранти“ по член 418-б, петмина од останатите сомничени се товарат дека се сторители на истите кривични дела како членови на групата, додека на седмоосомничениот му се става на товар дека помагал во извршување на кривичното дело „Организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ .
Според обезбедените докази од предистражната постапка во текот на 2023 година и 2024 година првоосомничениот заедно со две лица – странски државјани и тоа едно идентификувано лице по потекло од Пакистан и Н.Н лице државјанин на Република Србија се здружиле и организирале меѓународна криминална група во Р.С.Македонија. Оваа група била дел од меѓународна криминална мрежа која заради стекнување имотна корист со однапред определени задачи извршувала кривични дела криумчарење на мигранти. Во временскиот период од месец септември 2023 година до месец јуни годинава осомничените организирале илегално пренесување на групи мигранти државјани од Сирија и други земји од блискиот и далечниот исток и земји од Африка – Ирак, Конго и Нигерија преку илегални премини на т.н. „зелена граница“.
Првоосомничениот на организиран и претходно договорен и воспоставен начин на телефонска комуникација користејќи телефонски броеви од српски мобилни оператори и интернет комуникација, заедно со останатите двајца организатори на криминалната група го планирал и договарал бројот на мигрантите кои ќе бидат пренесени на територија на Р.С.Македонија, притоа договарајќи ги локациите каде ќе бидат пренесени, времето и местото – точната локација каде се наоѓале мигрантите подготвени за прифаќање и натамошно превезување кон кумановско -липковскиот регион.
Со помош на водичи т.н. “качаци“, мигрантите координирано биле водени на претходно утврдени и договорени локации, од каде „качаците“ им ја испраќале локацијата на организаторите. Првоосомничениот ги известувал останатите припадници на групата и им давал задачи за обезбедување на товарни возила и изработување на импровизирани бункери во нив за прифаќање и превезување на мигрантите, а на седмоосомничениот припадник на групата му давал задача да ги прими и подигне паричните средства исплатени за успешно извршеното криумчарење на мигрантите преку територијата на Р.С.Македонија. Откако илегалните мигранти биле превезени до претходно договорените локации, првоосомничениот во договор со организаторот Н.Н лице од Република Србија го организирал понатамошно прифаќање и криумчарење од Р.С. Македонија во Р.Србија.
Петмината осомничени денеска се изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје и за истите предметниот обвинител ќе предложи определување на мерка притвор, додека едно лице е веќе на издржување мерка притвор во КПУ Затвор Скопје за сторено кривично дела „криумчарење мигранти“, а за другото лице кое е во бегство е определена мерката притвор во отсуство во друг кривично-правен настан. Оправданоста на предлогот предметниот обвинител го темели на фактот дека постојат околности кои го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, доколку се бранат од слобода. Особено, ако се има предвид видот, зачестеноста од извршувањето на овие кривични дела на територијата на РСМ. Воедно, постојат особени околности кои укажуваат дека осомничените ќе ја попречуваат кривичната постапка со меѓусебно влијание на сите инволвирани во извршувањето на кривичните дела, а кои треба да се испитаат во текот на истражната постапка, но и со влијание врз сведоците, а постојат и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе ги повторат кривичните дела. Сите овие околности упатуваат на тоа дека во конкретниот случај целта на притворот не би можела да се оствари со некоја друга мерка за обезбедување присуство на осомничените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Без вода делови од Гази Баба и Кисела Вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска ( четврток) поради изведување на водоводен приклучок од ф – 80 мм на ул. Михаил и Евтихиј бр. 33 во населба Кисела Вода, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од ул. Михаил и Евтихиј. ( општина Кисела Вода).
Од таму со соопштение дека поради изведување на водоводен приклучок од ф – 100 мм на ул. 30 во населба Трубарево, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од населба Трубарево. ( општина Гази Баба ).