Македонија
И денеска нема да биде објавен протоколот, јавноста пак нема да види кои се отстапките на Македонија

Министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска го потпишаа билатералниот протокол кој беше еден од клучните документи за отворањето на преговорите со Европската Унија.
„ Задоволството е големо што денес сме со министрите Маричиќ, Бочварски, Бектеши да бидеме на втората меѓувладина седница. Имавме конструктивни разговори каде што разговаравме за петте области преку пет работни групи. Од овој протокол се гледа дека е сработено доста. Сите групи создадоа меморандуми, проекти, рече Османи, но не откри кога ќе се објави протоколот.
Јавноста и денес нема да има можност да види што точно пишува во протоколот и што точно Македонија ќе отстапи во преговорите со Бугарија.
Бугарското национално радио објави дека содржината на протоколот ќе биде објавена во следните денови, најверојатно по утрешната средба на амбасадорите на ЕУ во Брисел.
„ Познато е дека документот е на најмалку 10 страници и содржи конкретни мерки и рокови, особено расчистување на историските спорови меѓу Софија и Скопје. Во историската комисија има договори за Свети Наум, Свети Климент, Св. фигури и настани. Во 2024 година мора повторно да се договорат наставните програми, откако ќе се изјасни комисијата за историски прашања, Бугарите да се вклучат во Уставот на РСМ, да има рехабилитација на жртвите на југословенскиот режим и отворање на архивата на тајните служби“, соопшти бугарското радио.
Ова е втор протокол потпишан меѓу двете земји. Првиот протокол од првиот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија меѓу Бугарија и Северна Македонија беше потпишан на 10 јуни 2019 година во Софија. Оттогаш, комисијата нема одржано никакви состаноци.
Според чл. 12 од Договорот за добрососедство од 2017 година, мешовитата меѓувладина комисија одржува редовни состаноци еднаш годишно со цел да се разгледа нејзината ефективна имплементација, да се усвојат мерки за подобрување на билатералната соработка и да се решат прашањата кои произлегуваат при спроведувањето на Договорот.
Потпишувањето на фамозниот протокол следуваше после тридневната дебата во македонското Собрание и гласањето на заклучоците по информацијата од Владата за францускиот предлог во кој беше и овој документ.
Овој документ Османи и Генчовска го криеја две недели колку што траеја и протестите во Скопје и останатите градови против прифаќањето на францускиот предлог и билатералниот протокол.
Орце Костов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.