Македонија
И натаму се намалува бројот на ковид-пациенти, вкупно 123 во цела држава

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 123 и има околу 420 празни болнички кревети во ковид-центрите, информираат од Министерството за здравство.
Од таму потсетуваат дека поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид-пациенти.
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците низ земјава, со исклучок во главниот град, е пријавено дека се лекуваат вкупно 73 пациенти позитивни и суспектни на вирусот.
Во болниците во Скопје тој број изнесува 50 пациенти, од кои двајца биле примени во последните 24 часа. Во изминатото деноноќие дома биле пуштени 3 оздравени пациенти.
„Во болницата во Битола се хоспитализирани 10 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 10 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 5 пациенти, во Велес се лекуваат 10 болни, а во Куманово 13 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 7 пациенти, во Прилеп 4, во ковид-центарот во Гостивар 3, а во Струга 5 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 4 пациенти, во Кичево 2, а во Кавадарци и во Гевгелија нема хоспитализирани лица позитивни или суспектни на вирусот“, се наведува во соопштението од ресорното министерство од каде додаваат дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.
Исто така се нагласува дека во скопските ковид-центри бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 90 слободни места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски на средба со шефот на ОБСЕ Вал: Владата не е реформска и не решава проблеми

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р Христијан Мицкоски денеска оствари средба со Шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија Килијан Вал.
На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба и евроинтегративниот процес на државата.
Претседателот Мицкоски информираше за предизвиците со кои се соочува Македонија на политички и економски план, како и дека треба поголема подготвеност и енергичност во решавање на проблемите која што не се гледа кај актуелната власт.
Македонија оваа година претседава со ОБСЕ и таа треба да биде пример, а владата треба да оддаде поголема посветеност на безбедносните прашања, особено затоа што во изминатиот период видовме големо занемарување во тој поглед.
Претседателот Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е активно посветена, но не гледа суштински реформи и сериозен пристап од страна на власта, па така државата е на врвот на листата на корупција, бизнис климата е нарушена, има партизација на јавната администрација и голема недоверба на судството, а не се споделуваат ниту европските вредности од страна на власта.
Соговорниците се согласија да се продолжи со натамошна соработка.
Македонија
Средба Џафери – Гир

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, потпретседателите Горан Мисовски и Хусни Исмаили и координаторите на пратеничките групи застапени во Собранието, Јован Митрески, Никола Мицевски, Арбер Адеми и Сурија Рашиди одржаа работна средба со амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир.
На средбата беа разменети мислења за актуелните случувања во Собранието, парламентарниот дијалог, работата на ЕУ-агендата и динамиката на усвојувањето на законите, вклучувањето на Собранието во скрининг-процесот и напредокот на дијалогот „Жан Моне“, а соговорниците се осврнаа и на уставните измени.
Заеднички беше оценето дека градењето доверба и добрата соработка меѓу партиите во Собранието не е важна само за успешна реализација на реформите врзани со евроинтеграцијата, туку дека и оваа соработка е важна бидејќи ја обликува политичката култура во земјата.
Беше договорено вакви средби да се одржуваат на редовна основа со цел да се разгледа одблиску напредокот на државата на патот кон Европската Унија.
Македонија
Муцунски на работна средба со претставници на Стејт департментот: Потврдени одличните билатерални односи помеѓу Македонија и САД

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, од вчера престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави. Во рамките на посетата тој оствари работна средба со високи претставници на Стејт департментот.
„Во рамките на средбата со Стивен Џи, директор во Директоратот за јужноцентрална Европа, и Бенсон Сивек, офицер, кој е одговорен за Македонија, ги потврдивме одличните билатерални односи помеѓу нашата држава и САД, кои неопходно е во иднина да продолжат да се надградуваат во духот на стратешкото партнерство помеѓу двете земји“, напиша Муцунски во својата фејсбук-објава.
Муцунски во својата објава потенцира дека на средбата ја нагласил заложбата на ВМРО-ДПМНЕ за итни и темелни реформи во правосудниот систем, но и забрзан економски развој како одговор на тешката економска состојба во државата и високото ниво на криминал и корупција.
Во следните неколку дена тој ќе оствари средби со членови на Конгресот, високи претставници на меѓународните организации и ќе присуствува на националниот молитвен појадок, кој ќе се одржи утре во Вашингтон.