Македонија
И седмоодделенците ќе имаат учебници од септември, МОН и БРО најдоа преодно решение

По неколкудневни разговори Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието изнајдоа решение за непречена реализација на воспитно – образовниот процес за учениците од седмо одделение. Од септември тие ќе можат да ги користат учебниците кои се применуваат досега, со додатни материјали кои ќе бидат изработени од страна на Бирото за теми кои недостасуваат во истите, а предвидено е да се изучуваат годинава. За оваа цел е донесена и одлука за одложување на имплементацијата на Концепцијата за основно образование, во седмо, осмо и деветто одделение, извести МОН.
Предизвикот со генерацијата ученици кои од септември ќе бидат седмо одделение, настана поради тоа што досега не беа изработени нови учебници за нив, согласно новите наставни програми и Концепција. Иако претходното раководство јавно информираше дека сите учебници се изготвени и се печатат, реалноста е дека ниту еден не е испечатен, а најголем дел не се ниту изработени, ниту одобрени.
Министерството за образование и наука изразува благодарност до директорот на Бирото за развој на образованието, Абдулфета Фетаи и до сите кои учествуваа во процесот на изнаоѓање решение и очекува продолжување на добрата соработка во интерес на учениците и нивна квалитетна едукација.
Информираме дека целосно нови учебници за седмо одделение ќе има од учебната 2025-2026 година. Доколку Концепцијата за основно образование која влегува во процес на ревидирање, согласно мислењата на наставниците и другите засегнати чинители во воспитно – образовниот процес, биде изменета и има потреба, ќе бидат изготвени и нови наставни програми и учебници и по други одделенија, велат од МОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Петрушевски: Кацарска, Трпков, Коцевски и Русковска се директно одговорни за ставање под закрила на криминалот на СДС и ДУИ, доаѓа крајот на ваков правосуден систем

„Македонија мора да функционира како правна држава, а за тоа неопходни се коренити реформи во правосудството. Неопходно е независно судство и неопходно е судство да е растоварено од политички влијанија. Функционирањето на Кацарска и Трпков судството во сојузништво со партиските послушници на СДС и ДУИ обвинителите, Коцевски и Рускоска е поразително за Македонија. Кацарска, Трпков, Коцевски, Рускоска и останатите кои не постапувале по предметите, ги одолговлекувале постапките, или неоправдано се откажувале од кривично гонење се одговорни за лошата слика на судскиот систем“, посочи Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Извештајот на Транспаренси каде Македонија има пад од 12 места на светскиот индекс на корупција потврдува дека токму ваквото правосудство е најслабиот столб во општеството. Кацарска, Трпков, Коцевски, и Рускоска се директно одговорни за ставањето под закрила на политичките криминалци од СДС и ДУИ. Тие се одговорни за распространетоста на корупцијата во пандемски размери, за раст на криминалот и недовербата на граѓаните во судскиот систем која е само 2 проценти. Неказнивоста, недостатокот на навремен и ефикасен институционален одговор, “заборавените“ предмети, и не постапување по наводите за криминал на Кацарска судството се само дел од причините за продлабочување на недовербата во судскиот систем“, вели Петрушевски и додава:
„Коцевски и ЈО со прст не мрднаа по мноштвото докази кои излегоа во јавноста за сторен криминал. За Коцевски не постои институтот за отворање на предмет по допрен глас. Кацарска и Трпков пак се синоним за контрола на судството под диригентската палка на СДС. Тие си играа со судбините на луѓето од случајот за 27 април. Мора да постои одговорност. Се става крај на лицата во правосудството кои работат под политички диктат. Владеење на правото како институт е неопходно и треба да заживее во Македонија“.
Македонија
Лимани: Брзиот развој на индустријата, континуираниот напредок на технологијата и новите услови за работа, ја наметнуваат потребата од ревидирање на листата на опасни занимања

Денеска се одржа презентација на новата листа на опасни занимања/работни места подобни за предвремено пензионирање во согласност со нивото на ризик и предложениот степен на пензија, како дел од проектот Ревизија на листата на опасни занимања кои се квалификувани за предвремено пензионирање со бенефициран работен стаж (БРС).
Во последните години, со поддршка на Светската банка како доверлив партнер, Министерството за социјална политика, демографија и млади реализираше низа активности фокусирани на подобрување на управувањето со системот на социјално осигурување.
Овие активности имаат за цел оптимизација и рационализација на системот, поедноставување и скратување на процедурите за остварување на социјалните права, намалување на оперативните трошоци на системот, зголемување на вклученоста на ранливите категории, модернизација и дигитализација на бизнис процесите, како и создавање на правичен систем за сите граѓани.
Една од активностите на проектот реализиран од министерството, чии резултати беа презентирани денес од експертите во ова поле, е ревизија на листата на работни места со стаж на осигурување со зголемено траење, или позната меѓу нас како бенефициран стаж.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани обраќајќи се пред присутните се осврна на причините кои упатуваат на нужноста за ревидирање на оваа листа на опасни занимања. Во таа прилика истакна:
„Брзиот развој на индустријата и континуираниот напредок на технологијата, заедно со подобрувањето и модернизацијата на условите за работа, наметнуваат потреба од ревидирање на листата на работни места кои се вршат во тешки услови или во услови кои ја намалуваат работната способност на работникот.“
Лимани укажа на фактот дека оваа листа на глобално ниво се прегледува редовно, обично на секои пет години. Додека пак во Република Северна Македонија, се уште се користи иста листа на работни места од осамостојувањето на државата, наследена од поранешна Југославија.
„Ситуацијата во законодавството не ја прикажува реалната слика која ја имаме на терен, бидејќи од времето на утврдувањето на работните места со бенефициран стаж, настанати се значајни промени. Условите за работа се значително подобрени а мерките за безбедност и здравје при работа се многу унапредени. Дополнително, некои индустриски гранки веќе не постојат, што ја прави таа листа неточна за актуелната ситуација,“ рече Лимани.
Денешната презентација на ревидирани работни места со бенефициран стаж се заснова на неколку месечната теренска работа на експертите. Во таа насока, министерот обраќајќи се на присутните претставници на работодавачите и работниците, ги покани активно да учествуваат во дискусиите со експертите. Притоа, истакна дека сите нивни забелешки и сугестии ќе бидат земени во предвид пред листата да стане конечна.
„На крај, врз основа на цврстото убедување дека човечкиот капитал е највредниот ресурс во секој аспект на општеството и во процесот на работа, Ви се обраќам, како важни актери во овој процес, да продолжите постојано да вложувате во здравјето и безбедноста на работниците, во нивната благосостојба и професионален развој,“ порача Лимани.
Македонија
„Еколошки геноцид врз Охридското Езеро: Владата го жртвува јавниот интерес поради коруптивни бизнис-зделки“, велат од партијата Левица

„Левицата најостро ја осудува неодговорната, корумпирана и клиентелистичка политика на Владата предводена од ДПМНЕ и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кои со доделувањето концесии за стопански риболов вршат директен еколошки геноцид врз Охридското Езеро“, велат од партијата Левица.
„Фактот што две од шесте концесионерски компании се основани во текот на самиот огласен рок претставува класичен пример на непотизам, незаконско фаворизирање и злоупотреба на јавните добра за остварување лични и партиски профити. Овој скандалозен потег уште еднаш покажува дека владејачката гарнитура нема никаков интерес за заштита на националното природно богатство, туку исклучиво се раководи од тесните бизнис-интереси на поединци блиски до власта.
Дополнително, доделувањето концесии е направено без сериозна научна основа, без темелна процена на состојбата на рибниот фонд и без одобрување од релевантните институции и експерти. Оваа непромислена и штетна политика директно го загрозува опстанокот на автохтоните видови, особено охридската пастрмка и белвицата – видови што се наоѓаат во критична состојба поради долгогодишната небрежност на властите.
Особено алармантен е фактот што Владата дозволува годишен улов од десет тони риба во услови кога вештачкиот мрест и порибувањето се прекинати веќе шест години. Оваа катастрофална одлука е директен напад врз екосистемот на Охридското Езеро, кое е под заштита на УНЕСКО и претставува светско природно наследство.
Владата свесно ги игнорира предупредувањата на еколошките здруженија, научната заедница и на граѓаните, кои со години алармираат за драстичното опаѓање на рибниот фонд и за деградацијата на екосистемот. Со ова не само што се уништува природното богатство на државата туку се доведуваат во директна егзистенцијална опасност традиционалните рибари и иднината на одржливиот риболов во регионот“, соопштуваат од партијата Левица.
Тие бараат итно поништување на концесиите за стопански риболов во Охридското Езеро, враќање на рибниот фонд под строг државен надзор и воведување трајна забрана за комерцијален улов додека не се обнови природната рамнотежа, спроведување итни мерки за ревитализација на езерскиот екосистем, вклучително и повторно активирање на вештачкиот мрест и контролиран процес на порибување и кривична одговорност за сите инволвирани во оваа еколошка катастрофа, како и ревизија на целиот процес на доделување на концесиите.
„Охридското Езеро не е приватен имот на корумпираните политички елити – неговата заштита е одговорност на сите нас“, додаваат од партијата Левица.