Македонија
Кабинетот на Иванов бара одговор од МВР: Врз основа на што УБК ги следи активностите на претседателот
Од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов реагираат на јавно објавеното решение за притвор на поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, кој е обвинет во предметот „Титаник“ на СЈО, и негираат дека Иванов имал средба со него, како што било наведено во службената белешка на УБК. Од Кабинетот бараат одговор од Министерството за внатрешни работи и од Управата за безбедност и контраразузнавање врз основа на што се следат активностите на претседателот на Република Македонија и неговиот Кабинет од страна на УБК.
„Кабинетот на претседателот на Република Македонија e згрозен од содржината на јавно објавеното решение за притвор на лицето Кирил Божиновски, каде што се цитира идентична службена белешка на УБК, како и во случајот на Миле Јанакиески. На идентичен начин се злоупотребува претседателот на Република Македонија. Единствената разлика во содржината на цитираната белешка е што во првиот случај се посочува на остварена средба со посредник на Миле Јанакиески, а во вториот на средба со посредник на Кирил Божиновски“, велат од таму.
Од таму додаваат дека категорично ги негираат изнесените наводи во службената белешка на УБК и информираат дека ниту е побарана, ниту одржана средба со Кирил Божиновски, ниту со негов посредник. Негираме и дека, велат од таму, е остварена средба со посредник на Миле Јанакиески.
„Кабинетот на претседателот на Република Македонија јавно прашува дали сè уште незаконското следење на комуникации се прикрива со користење измислени извори? Јавно ги повикуваме Министерството за внатрешни работи и Управата за безбедност и контраразузнавање да одговорат врз основа на што се следат активностите на претседателот на Република Македонија и неговиот Кабинет од страна на УБК“, се вели во соопштението.
Од Кабинетот на Иванов ги повикуваат и собраниската Комисија за надзор над работата на УБК, Советот на јавни обвинители, Судскиот совет и Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации да утврдат одговорност за целиот случај и да го известат претседателот на Република Македонија.
„Кабинетот на претседателот на Република Македонија нема добиено одговор за барањата упатени вчера, до министерот за внатрешни работи, до директорот на УБК и до претседателот на Основниот суд Скопје 1, за достава на службената белешка на МВР-УБК, која е со лажна содржина и наведува на сомневање дека се следат активностите на претседателот на Република Македонија, а воедно е употребена како аргумент при определувањето мерка притвор на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Информираме дека за овој случај, Кабинетот на претседателот на Република Македонија извести странски дипломатски претставници во Република Македонија“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права
Владата на денешната 141 седница беше информирана за текот на постапката за номинирање кандидати за позицијата судија во Европскиот суд за човекови права.
Во таа насока, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја презентираше Информацијата за реализираните активности, согласно известувањето доставено од Комисијата за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, со кое се информира за предлогот на Комисијата за избор на тројца кандидати: Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски.
„По разгледувањето, Владата ја усвои Информацијата, по што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како надлежна институција задолжена за спроведување на административните и техничките активности во постапката, ќе продолжи со обезбедување мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти при Советот на Европа, во однос на исполнувањето на пропишаните критериуми од страна на предложените кандидати“; соопштија од Владата.
По добивањето на мислењето од Меѓународниот советодавен панел, Комисијата ќе ја достави листата со тројца кандидати до Владата, по што конечната листа ќе биде проследена до Парламентарното собрание на Советот на Европа.
фото/Depositphotos
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.

