Македонија
Кабинетот на министерот за здравство Меџити одамна е дувло на непотизам, велат од ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ оценува дека кабинетот на министерот за здравство Фатмир Меџити одамна е дувло на непотизам. По принципот на непотизам како што велат, се вработува кадар без соодветни критериуми и на скопските клиники, иако станува збор за врвни здравствени установи од терциерно ниво кои треба да се синоним за квалитет во здравствениот систем.
„Директно во кабинетот на министерот за здравство работи ни помалку ни повеќе, туку сестрата на неговата сопруга. Покрај сестрата на неговата сопруга, во кабинетот работи и нејзиниот брат.
По примерот на останатите семејни лози кои се вработуваат, како ќерката на екс пратеничката Мира Дизел, синот на директорот на Клиниката за урологија и ќерката на директорот на Клиниката за очни болести, во кабинетот на Меџити е ангажиран како советник на министерот и близок роднина на Арбан Таравари, претседател на партијата од која доаѓа Меџити.
Непотистички стебла го урнисуваат и онака кревкото здравство, а Владата на СДС и ДУИ е одговорна за егзодусот на медицинскиот персонал, како и воопшто за лошата состојба во здравството“, истакнуваат од оваа партија.
Во меѓувреме, како што додаваат, додека се долги и комплексни процедурите за медицинскиот кадар кој работи повеќе години со договор на дело, Меџити вработува и унапредува административен кадар во ова Министерство, со однапред наместени огласи и процедури кои се нетранспарентни и не соодветствуваат на потребите на секторот како здравството.
„Главно за сите овие предизборни вработувања, унапредувања и наградувања во Министерството за здравство и пошироко во здравството, е дека помалку важниот коалициски партнер СДС, се задоволува со сооднос од 50% за вработувања на Македонци и 50% на административен кадар од ДУИ и Алијанса за Албанците.
Ваквите неадекватни политики, негрижата за кадарот и неговиот квалитет граѓаните ќе ги прегазат на изборите што следат, а здравствениот систем итно ќе биде рестартиран“, подвлекуваат од опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.