Македонија
„Како канцери со метастази сте се закачиле на државниот организам“, остри реакции за децата и снаите што стануваат судии и обвинители
Остри реакции, негодувања, но и иронија, донесоа снаите, синовите ќерките и сопругите на политичари и обвинители, кои положија завршен испит на Академијата за судии и јавни обвинители и се на чекор да гонат или судат криминал. Адвокатот Јанаки Митровски не е изненаден што 18 отсто од положените кандидати се деца на звучни имиња. Драган Пешевски, исто така адвокат, остро реагира и вели: „Срам да ви е!“ Воислав Димоски, адвокат и ексобвинител, смета дека решение за ваквата појава е ветинг (проверка).
Митровски смета дека има проблем во изборот на вакви кадри за судии и обвинители.
„Воопшто не сум изненаден од информациите што излегоа во јавност дека една петтина од конечната ранг-листа се деца на политичари, судии, обвинители. Напротив, изненаден сум од нискиот процент и очекував да биде двојно поголем. Како адвокат што имал родител етаблиран адвокат можам да направам компарација. Конкретно, јас дипломирав во петок и почнав во понеделник. Сум ги поминал сите чекори од носење бурек до пишување жалби. Сметам дека не им прават добро на своите деца бидејќи од самиот почеток им го подриваат авторитетот“, посочи Митровски за „Макфакс“.
Пешевски посочува дека со вакви избори ќе нема кој да ги гони високиот криминал и корупцијата.
Само децата на политички подобните и моќните ќе нè гонат и судат. Кој ќе го гони својот татко, брат, сестра, роднина за висок криминал и корупција? Никој, точно! Ќе го ‘јадат’ обични смртници за релативно ситен криминал за да може овие горенаведените да покажат дека работат нешто. Ама и тие обични ќе фатат џаде од тука и после што? Како канцери со метастази сте се закачиле на државниот организам и го ништите без усул, ама знаете што… кога ќе умре организмот и канцерот умира со него, така што последицата е таа. Срам да ви е!“, пишува адвокатот.
Според адвокатот Димоски, само ветинг може да ја реши оваа појава.
„Кога роднини на политичари стануваат кандидати за судии, има поле да зборуваме за сторена злоупотреба на положбата. Кога деца/сопружници на судии и обвинители стануваат кандидати за правосудни функционери, има поле да зборуваме за корупција. Ако некој ме прашува мене, сето ова треба да биде опфатено со ветинг.
п.с. Ова како родител: Им правите мечкина услуга на вашите деца. Јасно е дека немајќи можност да им оставите занает, во наследство им ги оставате функциите! Единствено што треба да остави во наследство одговорен родител е чист образ! Нормално, ако го има“, посочува Димовски.
„Макфакс“ објави дека речиси 18 проценти од положените кандидати, кои се идни судии и обвинители, се синови, ќерки, снаи и сопруги на актуелни политичари, сегашни и поранешни судии и обвинители. Ова го покажува јавно објавената ранг-листа на Академијата за судии и обвинители „Павел Шатев“. Од 58 кандидати, само еден го нема положено завршниот испит. Во листата има и многу звучни имиња.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со паричка во погача голем број семејства вечерва ќе ја дочекаат Старата Нова година
Според Јулијанскиот календар, по кој се водат православните христијани, вечер се дочекува православната нова година, кај народот позната уште како и Стара нова година, која почнува утре на Василица.
Во Македонија, Василица многумина ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј го слават и својот именден.
Некои семејства, повеќе во западниот дел на Македонија, кршат погача со паричка. Се верува дека на оној што ќе му падне, му претстои среќна и исполнета година.
По повод православната нова година и празникот Обрезание Господово и Свети Василиј Велики, утре во храмовите на Македонската православна црква ќе биде служена света Василиева литургија.
Македонија
Студени утра, посвежи денови: променливо облачно време со сончеви периоди
Времето денес ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе дува умерен западен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -12 до -3, а максималната ќе достигне од 0 до 7 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 3 степени.
До крајот на седмицата ќе се задржи стабилно и суво време. Од среда по котлините ќе има услови за појава на магла, а температурата ќе биде во благ пораст.
Македонија
Без струја делови од Аеродром и Сопиште
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, на ден 13.01.2025 година ( вторник ) без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Ѓорѓи Андреевиќ Кун. (општина Аеродром)
· од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од ул. 23 Село Сопиште (со сите подулички). (општина Сопиште).
Фото: pexels

