Македонија
(Видео) Калајџиев: СЈО се мисли дали ќе ги предаде предметите на ЈО
Републичкото обвинителство е подготвено да ги прифати предметите, а СЈО сè уште се мисли дали ќе ги предаде бидејќи правниот основ за предавање на тие предмети е проблематичен. Мене ако ме прашате, како професор по право, мислам дека предметите не можат да бидат предадени и мислам дека дополнително ќе се искомплицираат работите со тоа што ќе им се даде дополнителен основ на одбраната и адвокатите да ja оспоруваат правната издржаност на оваа трансформација, вели универзитетскиот професор Гордан Калајџиев по денешните консултации по писмото на обвинителката Катица Јанева за префрлање на предметите од СЈО во ЈО.
Калајџиев смета дека министерката за правда разговара во име на СДСМ, а не како прв човек на Министерството, што, според него, ги става другите е учесници во незгодна ситуација, а тоа е да бидат советници на партијата на власт.
„Во дадената ситуација каде што министерката во име на политичка партија разговара за судбината на СЈО со друга политичка партија, нашата улога е многу незгодна. Излегуваме како советници на една партија бидејќи немаме контакт со идеите и претставниците на ВМРО-ДПМНЕ. Излегуваме како консултанти кои би дале тежина на претставниците на СДСМ коишто прегоараат партиски, а не како министерство за правда. Групата би требала да работи без партиски влијанија. Мојот предлог беше, кој најверојатно нема да помине, политичките партии да ја остават работната група да излезе со професионален концепт, а не амандмански на политичките партии. Од верзијата на работната група има многу малку останато. Јасно е дека е донесена одлука да згасне СЈО без да видиме која е вистинската причина за тоа. Тука не се изјаснува ниту меѓународната заедница. На состанокот имаше претставници од американската амбасада, имаше претставници и на СЈО сите излегоа низ задниот влез, треба и нив да се прашаат бидејќи се фактори. Не беше моја идеја да се формира СЈО, беше идеја на американската амбасада. Во кој момент сега се откажаа, не знам“, вели Калајџиев.
Според професорот, во овој момент се прават обиди законот за обвинителство да биде донесен тукутака со сосема друга позадина, далеку од првичната идеја за продолжување на работата на СЈО. Тој исто така вели дека некој треба да одговара затоа што сè уште не е избран нов специјален јавен обвинител.
„Не е идејата сега да се бутка законот за обвинителство како наслов, идејата беше со тој закон да се обезбеди СЈО на потрајна основа. Се откажаа од таа идеја, сега се оди кон носење на законот зад кој стои нешто сосема трето. Со право сите се збунети, правната фела и невладиниот сектор, и тоа не е добро бидејќи, според мене,тој закон не треба да се носи набрзина. Треба да се продолжи законот за СЈО. Треба некој да одговара зошто не е избран обвинител бидејќи требаше да се избере уште пред неколку месеци. Најдобро е да се избере обвинител кој ќе ги продолжи предметите во рамки на законот за којшто постои согласност и пропишана процедура по која делува бидејќи трансформацијата на овој начин ќе ги искомплицира работите повеќе отколку што ќе придонесе да се завршат барем предметите за коишто се суди. Да не се има некаква скриена амнестија за спорните предмети од аспект на установста и законитоста на рокот по 18 месеци се ставаат на тенок лед и другите предмети.
„СЈО не треба да згасне затоа што тоа е симбол на владеење на правото. Политичарите треба да одговорат зошто до пред месец дена сите беа за СЈО, а сега не се. Дали е тоа инцидентот со Катица Јанева или нешто друго. Тоа е проблем што не треба да значи крај на СЈО бидејќи не излеговме на улица Катица Јанева да дојде, туку да има правна држава. Сè додека главниот обвинител го бира политичка партија на власт, има потреба од независен орган што ќе биде коректор на политичката елита да не забегува бидејќи тие секогаш ќе си донесат обвинител кој ќе им даде гаранција да не ги гони“, вели Калајџиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

