Македонија
(Видео) Канческа-Милевска бара национален консензус пред да се гласаат уставните измени
Лидерите на политичките партии да седнат на заедничка маса, ни треба консензус и дијалог наместо присилно наметнување за одржлив договор. По затворање на расправата, ние нема да гласаме дали веднаш ќе се менува Уставот, туку ќе донесеме одлука дали може нешто да направиме за договорт или не, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Елизабета Канческа-Милевска, на собраниската седница за уставните измени.
„Жалам што не се реши ова со национален консензус, тогаш немаше да се расправаме и да се калкулира кои пратеници ќе гласаат за уставните измени и ќе се карактеризираат како патриоти и предавници. Ако постигневте консензус, сега сите 120 пратеници ќе ја потврдевме со акламација евро-атлантската иднина“, рече Канческа-Милевска.
Според неа, голема пречка било селективното информирање, исклучувањето на Иванов, опозицијата и непочитување на законите и Деловникот.
„Брзоплето скративте можност за дебата и нè ограничивте за брзо да протуркате, со тоа се префрли одговорноста на пратениците, а тоа не е чесно. Референдумот не е анкета, факт е дека беше неуспешен. Сите сме за ЕУ и НАТО, но не може договор и промена на Уставот без национален консензус. Двете партии да имаа кампања ‘за’ и ‘против’ ќе имавме реална слика на референдумот“, рече таа.
Според неа, сите пратеници требало активно да бидат вклучени и да не се третираат како гласачка машинерија.
Таа го цитира премиерот Зоран Заев, кој рекол дека пратениците не се математика и бројки и убедена е дека никој нема да се продаде. „Во медиумите читаме секакви коментари за предавници и калкулации за пратеници од опозицијата. Нема да дозволам да бидам втурната во нешто за што не сум одговорна“, рече Канческа-Милевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре облачно време со локални врнежи од дожд, на планините снег
Времето утре ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи ќе има во западните и јужните делови. На повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд и слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Под влијание на циклонска активност од денес во вечерните часови, до крајот на неделата, следува период на претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во западните и јужните делови.
На некои од повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Минималните температури ќе бидат насекаде позитивни.
Македонија
Утре без вода поголем дел од Гази Баба поради дефект
Утре, 3 декември, без вода и со намален притисок ќе останат корисниците од поголем дел од Гази Баба.
„Ве известуваме дека поради итен водоводен дефект на водоводна линија Ф700мм на бул.Александар Македонски, ЈП Водовод и канализација Скопје ќе превземе одреден технички зафат кој ќе се одвива на ден 03.12.2025 година (среда)“, информира Центарот за управување со кризи.
Прекин на водоснабдување од 7:30 часот до санација на дефeктот, ќе имаат следните улици и населени места:
– Бул. Александар Македоски
– Ул. 808 (дел од улица)
– Бул. Киро Глигоров (дел од булевар)
– Населба Автокоманда со намален притисок во ниска зона
– Триангла со намален притисок
– Населба Хиподром со намален притисок
– Ул. Перо Наков кај Кванташки со намален притисок
– Населба М.А.Ченто прекин на водоснабдување
– Ул. Маџари прекин на водоснабдување
– Ул. Палмиро Тољати прекин на водоснабдување
– С.Сингелиќ прекин на водоснабдување
Македонија
Финансиска поддршка од 12.000 денари за новороденчињата од општина Кисела Вода
Ваучери во вредност од 12.000 денари за новороденчињата денес додели Општина Кисела Вода на настан посветен на најмладите жители и нивните семејства. Мерката претставува финансиска поддршка за родителите во првите месеци по раѓањето на детето.
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, порача дека грижата за децата и семејствата започнува уште од првиот ден. Додаде дека финансиски средства се исплатени и за останатите новороденчиња од претходните месеци, за кои исплатата беше оневозможена поради изборниот процес.
„Сакам да ги информирам и сите родители со новороденчиња кои аплицирале во изминатите месеци, а за кои, поради изборниот процес не беше можна исплатата, дека средствата ќе ги имаат на нивните сметки во текот на утрешниот ден“, истакна Стаменкоска Трајкоска, повикувајќи ги сите нови родители слободно да аплицираат за оваа мерка.
Право на апликација имаат семејствата чии новороденчиња не се постари од 90 дена, а целосната потребна документација која е сосема едноставна, е достапна на веб-страницата на Општина Кисела Вода.

