Македонија
Катастарот воведува адресен регистар што треба да помогне при спроведување на пописот
Агенцијата за катастар на недвижности во хотелот „Континентал“ во Скопје одржа презентација и работилница во врска со воспоставувањето на адресниот регистер во Република Македонија. На средбата, покрај градоначалникот на Скопје, кој исто така беше и во својство на претседател на Заедницата на единиците на локална самоуправа ЗЕЛС, присуствуваа и голем број градоначалници од градовите во Република Македонија, или нивни претставници, како и голем број геодети.
Агенцијата за катастар на недвижности, во својот стратешки план за 2017-2019 година, одобрен од Владата, како приоритетен проект го има поставено воспоставувањето на адресниот регистар на Република Македонија. Градоначалникот на Град Скопје, Петар Шилегов, поздравувајќи ги присутните, издвои дека: „Со новиот закон ќе се овозможи да се надминат недостатоците во однос на начинот и постапката на донесување одлука за определување на име на улица, булевар, плоштад, кеј и друг инфраструктурен објект, како и во делот на водење евиденција за имиња на улици, булевари, плоштади и други инфраструктурни објекти, како и за броевите на објектите. На тој начин ќе се воспостави стандардизиран систем за адреси со интегрирани графички и атрибутни податоци кои еднозначно ќе ја определат локацијата на адресата“.
Непостоењето на единствен централизиран адресен регистер со точни и ажурни податоци го отежнува работењето на институциите, соработката и размената на податоци. Адресниот регистер ќе содржи единствени просторни и описни податоци за улиците и куќните броеви и ќе се користи во разни статистички цели. На пример при попис општините ќе го користат за планирање, а преку централизираниот систем на адресен регистер ќе се овозможи креирање разни навигациски апликации. Во Македонија, при воспоставувањето адресниот регистер клучна улога ќе имаат општините, и тоа најмногу во компарацијата на теренските податоци, со податоците од нивната евиденција.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Борис Тунџев, потенцираше дека: „Од адресниот регистер, придобивки ќе имаат Агенцијата за катастар на недвижности, сите државни институции, но и сите правни и физички лица во Република Македонија. Ќе се овозможи брз и лесен начин за пребарување и идентификација на улиците, зградите и становите, ќе се поедностават и скратат роковите за воведување нови улици и ќе се осигура точноста на податоците. Исто така, воспоставениот адресен регистар ќе овозможи и успешно спроведување на наредните пописи на населението, кои ќе бидат спроведувани во Македонија“.
На денешната работилница своја презентација имаше и Томаж Петек од Геодетската управа на Словенија, кој го пренесе искуството од воспоставувањето и одржувањето на адресниот регистер во Словенија. Целта на оваа работилница беше да слушнат меѓународни искуства, но и да се запознаат Општините и Градот Скопје со планираните, како и до сега преземените активности, секако и со улогата што треба да ја имаат и Општините и Градот Скопје, при воспоставувањето на овој регистер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
