Македонија
Кацарска: Ако до декември не се изберат судии, целосно ќе се блокира работата на Уставниот суд

Зарем само пет судии треба да дискутираме за указите за преспанскиот договор, за Законот за употреба на јазиците каде е оспорена уставноста?, праша јавно претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, откако со месеци чека Собранието да ги избере четворицата судии со што ќе се пополнат празните столчиња. Според неа, несериозно е пет судии да носат толку важни одлуки кои се важни за иднината на Македонија.
„Ваквиот однос на пратениците е несериозен. Како да не ја сфаќаат улогата на Уставниот суд. Во последно време и самата се прашувам дали можеби некому одговара Уставниот суд да е во ваква ситуација“, рече Кацарска.
Ако до декември не се изберат судии, целосно ќе се блокира работата на Уставниот суд, бидејќи уште еден судија ќе остане без мандат.
„Единствена надлежност на Уставниот суд е да се обрати до претседателот на Собранието пред да истече мандат на некој од судиите. Тоа е направено во април минатата година, кога Џафери е информиран дека на тројца судии престанува мандатот. Потоа во месец ноември испратив и писмо со кое го информирав дека на еден судија му престанува мандатот во јануари. Тоа се моите надлежности. Јавноста знае дека испратив и писмо со апел да се најде начин да се изберат четворицата судии“, посочи Кацарска.
Ако Уставниот суд биде блокиран, според Кацарска, угледот на Уставниот суд ќе биде максимално нарушен и меѓународно.
„Согласно Деловникот имаме деловничка надлежност да работиме и со пет судии, кои ќе бидат присутни. Но тежината на одлуките кои ги носиме, дури и оние кои се носат едногласно со пет гласови ‘за’ е сепак поинаква во споредба доколку за таа одлука би дискутирале сите девет судии. Не залудно Уставот предвидува, девет судии да го сочинуваат Уставниот суд. Притоа, сакам да нагласам дека има важни предмети за граѓаните на оваа држава, несериозно да одлучуваме само пет судии за тие предмети“, додаде Кацарска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.