Македонија
Кацарска побара од Собранието итно да се изберат уште четворица уставни судии
Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, денеска испрати писмо до претседателот на Собранието, Талат Џафери, во кое изрази загриженост за состојбата со намалениот број на судии и побара Џафери да го заложи својот авторитет и во Собранието да се изберат нови четворица уставни судии во најскоро време.
Во писмото, Кацарска наведе дека е отежнато фунционирањето на Уставниот суд поради тоа што во него има само петмина судии, иако Уставот предвидува полниот состав на Судот да биде со девет судии. Претседателката на највисокиот судски орган тврди дека таквата состојба влијае при одлучувањето кога често се случува предлогот да не го добие потребното мнозинство, поради што во моментот за 16 предмети не може да се донесе одлука поради недоволно мнозинство. Кацарска додава и дека пред Судот треба да се разгледуваат предмети кои се од врвен интерес за државата, а за кои е потребно да се одлучува во полн состав со што одлуките би имале поголема тежина.
„Верувам дека сте информиран за оваа ситуација и се надевам дека веќе се бара решение за избор на нови четворица уставни судии. Затоа, Ви се обраќам лично да го заложите Вашиот авторитет како претседател на Собранието и заедно со Вашите колеги да изберете нови уставни судии. На крај, дозволете ми да изразам надеж дека Вие и пратениците непосредно избрани од граѓаните, ќе се вложите максимално за процесот на предлагање и избор на судии да се заврши што поскоро со што би се зачувала функционалноста на Уставниот суд“, додава Кацарска во писмото до Џафери.
Уставниот суд е орган што ја штити уставноста и законитоста во Македонија. Составен е од девет судии избрани од Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Мандатот на судиите трае девет години без право на повторен избор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК ги соопшти местата на кои ќе се прегласува на 22 мај
Државната изборна комисија (ДИК) денеска, на 105. седница, едногласно го усвои предлогот да се повтори гласањето во Изборната единица (ИЕ) 5 на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1.194 и 1.202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачкото место 2101 во Општина Желино. Гласањето ќе се одржи идната среда, на 22 мај 2024 година.
ДИК на седницата ги разреши и претседателите на избирачките одбори, членовите и нивните заменици во избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.
Со оглед дека се кратки роковите за избор на нови избирачки одбори, за да биде регуларно прегласувањето, општинските изборни комисии (ОИК) ќе треба да ангажираат некои од веќе постојните избирачки одбори, или од најблиските избирачки места или некои други, и за тоа ќе треба да достават известување до ДИК.
Кампањата за повторното гласање ќе трае до понеделник, 20 мај, 00.00 часот. Притоа, ќе важат истите листи за болни и немоќни лица, ќе нема можност да се пријавуваат нови.
Според ДИК, има можност за измени и предлози за овластени претставници на кандидати. Тоа важи и за членовите на избирачките одбори кои се предложени од политичките партии.
Македонија
Кацарска ја чува обезбедување, денес добила закани дека „страшно ќе одговара“
Непознато лице денеска напладне во близина на ТЦ „Рамстор“ во центарот на Скопје вербално и се заканувало на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска. По инцидентот интервенирало нејзиното обезбедување.
„Полициски службеници од полициската станица Центар денеска во 14:00 часот го лишиле од слобода В.П.Г. (57) од Богданци, постапувајќи по претходна пријава дека во угостителски објект во трговски центар на подрачјето на Центар во Скопје упатил закани кон Д.К.(67) од Скопје со зборовите ‘ќе одговараш, страшно ќе одговараш’. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 144 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Пред неколку дена во подземна гаража на зграда во Центар пронајдени се импровизиран кревет и кујнски нож на гражаното место на Кацарска.
Од МВР потврдуваат дека известен е јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Утре затворени неколку улици во Скопје
Утре од 08.30 до 12.30 часот, поради одржување на натпревар „Стопански триоги триатлон”, со стартно-целна позиција кај Спортскиот центар „Борис Трајковски” во дел од градот ќе има изменет режим на сообраќај, соопшти СВР Скопје.
Посебниот режим на сообраќај ќе опфати дел од уличната мрежа околу СЦ „Борис Трајковски” и дел од булеварот Илинден (десна коловозна лента), потоа на потегот од крстосницата со булевар 8 Септември до крстосницата со улицата Никола Парапунов и обратно.
Утре исто така со почеток во 09.45 часот, поради одржување на спортско-рекреативен настан „Прв до врв” ќе има посебен режим на сообраќај во делот од градот каде што ќе се реализира манифестацијата.
Настанот почнува пред Музеј на град Скопје – улица Св.Кирил и Методиј, потоа лево по булеварот Св.Климент Охридски, во продолжение право по булеварот Мајка Тереза, па лево по улицата Тодор Александров и по локалниот пат за Средно Водно до врв на Водно („Милениумски крст”).