Македонија
Кирацовски најави повлекување на роднините од државните институции
Пратеникот од СДСМ, Александар Кирацовски, вели дека ќе ги повлече сите свои роднини од работните места во државните компании. Ова следува откако Државната комисија за спречување на корупцијата објави дека тој е на врвот на листата по случаи на непотизам. Кирацовски бара ДКСК да поведе постапка и за, како што вели, многубројни партиски вработувања на ВМРО-ДПМНЕ.
„Јас бев првиот што јавно негодуваше уште на првите реакции од јавноста. Таткото на мојата сопруга, Борис Поповски, веднаш го повлече својот ангажман како алатничар преку Агенцијата за привремени вработувања. Во оваа насока сакам да ја известам јавноста дека побарав повлекувањe на моите роднини од работните места за кои ДКСК наоѓа некакви индиции иако немам право на тоа затоа што никако не сум влијаел за нивните вработувања. Од работното место, кое нема никаква поврзаност со непотизам, се повлекуваат и мојата сестра Мирјана Јосифовска и мајката на мојата сопруга. По нивна волја како нивна лична одлука. Привилегии, партизација и непотизам не се вредности на СДСМ, не се, ниту ќе бидат мои вредности. Очекувам Државната комисија за спречување на корупцијата да поведе постапка и за многуте партиски вработувања на ВМРО-ДПМНЕ и за непотизмот што го раширија до невидени размери“, пишува Кирацовски.
Според пратеникот на СДСМ, доколку не се поведе постапка за вработувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ, тоа би било дискриминација на граѓаните. Тој не го сподели мислењето за одлуките на ДКСК оти според него тоа не е важно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.

