Македонија
Кирков: ЈП Лајка не ги исполни очекувањата на скопјани, кога ќе се смени Арсовска сите претпријатија ќе профункционираат
„Внимателно го разгледав 9 месечниот финансиски извештај на ова Јавно претпријатие. Како советник и како активист, како љубител на животни некој кој најмногу се радуваше за отворање на ваков тип на претпријатие имам неколку забелешки за недомаќинското работење на ова Јавно претпријатие“, истакна советникот на ВМРО-ДПМНЕ Стефан Кирков во своето воведно обраќање на денешната седница за советнички прашања на Град Скопје, по однос на разгледување на финансискиот извештај и за целокупното работење на ЈП Лајка заклучно септември оваа година.
Кирков напомена дека претпријатието Лајка нема видливи резултати, исто така посочи дека единствено што може да се забележи се исполнети билтени на МВР од луѓе кои се нападнати од кучиња и незадоволни туристи.
„Функционира повеќе од 8 години и ние не можеме да се пофалиме дека гледаме видливи резултати. Напротив гледаме дека билтените на МВР се полни од луѓе кои се нападнати од кучињата скитници кои се во Скопје. Разговараме за град на култура, град на туризмот, сакаме да привлечеме туристи. А во сите оние портали каде се рекламира Скопје како град кој што треба да се посети стои забелешка “Внимавајте Скопје е преполно од кучиња бездомни“ и тоа е навистина жално“, дециден беше Кирков.
Според Кирков доколку се разгледа детално финансискиот извештај она што јасно се забележува е одлевање на огромна сума на пари од касата на Град Скопје. Јавно побара да добие одговори од надлежните на ова претпријатие се со цел да може да биде известена македонската јавност.
„Доколку го разгледате детално финансискиот извештај, ќе забележите дека има стотици илјади евра кои се одлеваат од касата на Град Скопје, пари на граѓаните. Ние како советници треба да знаеме каде завршуваат нашите пари. ЈП Лајка не ги исполни очекувањата на скопјани, ситуацијата во Скопје е алармантна, очекувам целосна ревизија во ова претпријатие и ќе побараме одговорност“, заклучи Кирков.
Според него кога ќе се смени градоначалничката Арсовска сите претпријатија ќе профункционираат, не само ЈП Лајка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Славески: Арсовска е на потег, приватните превозници бараат зголемување на цена на услуги преку член во Советот на Град Скопје
Предлогот за зголемување на цената за поминат километар на приватните превозници е пуштен на мислење до градоначалничката Данела Арсовска, ова го објави претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески.
„Приватните превозници преку член на Совет на Град Скопје бараат зголемување на цената на нивните услуги.
ПРИВАТИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ ПРЕКУ ЧЛЕН НА СОВЕТ НА ГРАД СКОПЈЕ БАРААТ ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЦЕНАТА ЗА НИВНИТЕ УСЛУГИ
– НА ПОТЕГ Е ГРАДОНАЧАЛНИКОТ АРСОВСКА – pic.twitter.com/eDvd8DmyWC
— Trajko Slaveski (@TSlaveski) November 27, 2024
На потег е градоначалникот Арсовска“, обзнани Славески.
Тој според објавеното побарал од Арсовска да одговори дали се согласува со промена на условите во договорот кој има важност до мај следната година, но бара и конкретен птредлог за зголемување на цената со образчожение на кои параметри го темели предлогот.
Македонија
Фетаи- Сарацин: разменети мислења за евроинтеграцијата и приоритетните реформи
Заменик-претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, денес се сретна со Специјалниот претставник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин. Средбата се одвиваше во отворена и конструктивна атмосфера, при што се разговараше за стратешките приоритети на Владата во контекст на европската интеграција.
Вицепремиерот Фетаи и специјалниот претставник Сарацин разменија мислења за неопходноста од забрзување на процесот на пристапување кон Европската унија, кој останува стратешка цел на Северна Македонија. Во текот на разговорот, Фетаи ја нагласи силната посветеност на Владата кон унапредување на клучните реформи, како што се зајакнување на правната држава, интензивирање на борбата против корупцијата и градење на стабилни и функционални демократски институции.
Посебен акцент беше ставен на зачувувањето и унапредувањето на меѓуетничката хармонија, како и на промоцијата на јазичната разновидност – вредности кои се основа на општествената кохезија и развој на земјата.
Специјалниот претставник Сарацин ја истакна важноста од исполнување на обврските кои произлегуваат од Преговарачката рамка и ги охрабри властите во Северна Македонија да го искористат поволниот момент за започнување на преговорите за членство. Тој нагласи дека во рамки на ЕУ постои широк консензус за потребата од проширување со земјите од Западен Балкан.
Македонија
Град Скопје за градоначалникот Курто Дудуш: Само во Македонија кога функционер е фатен во криминал, организира протести за да го покрие сопствениот срам
Само во Македонија кога функционер е фатен во криминал, организира протести за да го покрие сопствениот срам. За жал, таков е и случајот со градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш кој е доволно храбар ем да им наплаќа на сопствените сограѓани противправно „услуга“ за собирање на смет, истиот тој смет да го собира со општински возила и нелегално да го фрла на дива депонија формирана на приватен плац сопственост на Курто Дудуш, реагираат преку соопштение од Град Скопје:
Срамота е додаваат од оваа институција, во 21 век, во 2024 година вакви луѓе да зборуваат и да обвинуваат други за наводен расизам. Во време кога здравата животна средина е императив , да ги труеш своите сограѓани креирајќи диви депонии не е расизам туку екоцид врз сопствениот народ.
Ги повикуваме надлежните органи, МВР и Јавното Обвинителство сериозно да ги разгледаат доказите кои се состојат од видео и фото материјали, записници, документации и изјави, а кои ќе бидат доставени од градот Скопје.
Следниот пат кога Дудуш ќе ги повика жителите на својата општина на протести, нека им објасни што всушност крие и дека градот Скопје нема намера да ги чисти депониите кои тој лично ги прави.