Македонија
Кичеец сам ќе се пријави во затворот: „Не барам одлагање на казната“
„Не сум поднел и не барам одлагање на издржување на казната. Ќе постапам како што налага судот“, изјави за „Mакфакс“, Зоран Милески-Кичеец, кој денеска требаше да се јави на издржување на затворската казна за случајот „Рекет“.
Тој најверојатно утре или во среда ќе се пријави во затворот во Шуто Оризари, со оглед на тоа што денеска бил неработен ден.
Милески на стартот на процесот „Рекет“ призна вина по што веднаш ја доби и пресудата, тригодишна затворска казна.
Освен Кичеец, во истиот процес на седумгодишна затворска казна е осудена и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и на девет годишна затворска казна неформалниот сопственик на поранешната 1ТВ, Бојан Јовановски попознат како Боки 13.
Кичеец, како што беше наведено во пресудата, бил посредник и договарал средби помеѓу Бојан Јовановски-Боки 13 и сопругата на бизнисменот Орце Камчев, Ана. Средби имале потоа и со Камчев кога тој излегол од притвор. На средбите тие барале и земале пари за Камчев да добие поблаг третман во случајот на СЈО, „Империја“, каде што тој е осомничен. Според пресудата, двајцата од Камчеви зеле околу 1,5 милиони евра.
Кичеец првично беше во куќен притвор, а по поднесувањето на гаранцијата во недвижности од 13 милиони денари, куќниот притвор му беше укинат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во прекин сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 17:30 часот сообраќајот на граничниот премин Евзони (Богородица) е во прекин, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Македонија
Во наредните десет дена изменет сообраќаен режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта
СВР Охрид информира дека од денеска во наредните десет дена, на сила ќе бидат измените на сообраќајниот режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта, општина Дебрца.
„На овој патен потег, сообраќајот ќе се одвива наизменично по левата сообраќајна лента гледано во правец од Охрид кон Кичево поради што, апелираме до возачите, крајно внимателно и со прилагодена брзина да ги управуваат своите патнички и други моторни возила и во согласност со поставената хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација“, соопштуваат од СВР Охрид.
Македонија
СДСМ: „Тефтерчињата“ во судството од времето на Никола Груевски се вратија
„Го сменија јавниот обвинител за да постават обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник од ДПМНЕ назначија за член на Судскиот совет, поставија партиски човек во Советот за јавни обвинители. ‘Тефтерчињата’ во судството од времето на Никола Груевски се вратија“, велат од СДСМ.
„Сите знаат, следува целосно погребување на правдата. Со неуставна Резолуција во Собранието ДПМНЕ-ЗНАМ ја гушат демократијата, слободата на говор и се обидува да ја замолчи опозицијата да не зборува за договорот мигранти за пари.
Дури и Катица Јанева ја пуштија од затвор. Три години порано ја пуштија надвор од затвор за 3 месеци да тера кампања. Copy-paste сценарија како методите на Никола Груевски и Вучиќ. Режим 2.0.
Затоа е потребен широк фронт за правда на сите слободоумни граѓани, опозициски партии, прогресивни сили, здруженија. Заедно ќе ја одбраниме демократијата, заедно ќе ја одбраниме Македонија!“, се наведува во соопштението на СДСМ.

