Македонија
Клековски: „8 Септември“, Штип, Битола и Тетово или ќе третираат и со биолошка терапија или нема потреба од онколошки одделенија што не работат

Шесте онколошки лека што недостигаат ќе бидат обезбедени неделава, уверува и денес директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, откога онколошки пациенти се пожалија дека веќе една недела немаат терапија. Дел од лековите ќе биде обезбеден со донација, а другиот дел со анекси на договорите.
„Се разрешуваат проблемите со недостиг на онколошките лекови и ќе бидат многу бргу решени. Сега доаѓам од состанок со директорот на Клиниката. Дел ќе биде решен со донации, кои ќе се реализираат во текот на неделата бидејќи лековите се присутни во Македонија, ги има резерва, а дел ќе биде со анекси на договорите. Тоа го расчистуваме денес и утре со јавните набавки, па мислам дека критичните лекови многу бргу ќе бидат достапни“, рече директорот Клековски.
Тој очекува оваа недела да биде одобрено речиси двојно зголемување на условниот буџет, пари со кои ќе се удвои и набавката на некои од критичните лекови.
„Од 3-3,5 илјади вијали бројот на лекови ќе се зголеми на 6-7 илјади вијали годишно, со тоа што таму мора да се разгледа и децентрализација на терапијата. Гледаме дел од таблетарната форма да биде на позитивната листа за да може да се подига надвор од Онкологија и ќе бараме начин како дел од биолошката терапија да се доделува надвор од Клиниката за онкологија. Ние имаме онколошки одделенија во ‘8 Септември’, Штип, Битола и во Тетово, кои во овој момент не третираат со биолошка терапија. Или ќе третираат или нема потреба да имаме онколошки одделенија што не работат“, рече директорот Клековски.
Според неговите очекувања, состојбата дополнително ќе се стабилизира со регистарот на пациенти, кој треба да обезбеди предвидливост на промените.
Министерот за здравство Арбен Таравари нагласи дека недостигаат само шест лека од биолошката терапија за онколошките пациенти за која има зголемена потреба.
„Нема недостиг на целата онколошка терапија, 90 отсто од лековите што се користат како онколошка терпија ги има на Клиниката за онкологија. Недостига биолошка терапија, и тоа само шест-седум дена. Се надевам дека оваа недела Клиниката за онкологија ќе биде снабдена со биолошката терапија“, рече министерот Таравари.
Недостигот на кадар на Клинката за онкологија, исто како и на другите клиники во земјата, Таравари очекува да почне да се решава со одобрените вработувања за кои се обезбедени сите дозволи и се чека согласност од Министерството за финансии.
Министерот Таравари објасни дека размислуваат за реорганизација на Клиниката за онкологија по примерот на Токсикологија, односно функционирање со единствена дирекција во која директорот ќе ги управува сите единици што ќе бидат во градовите во кои ќе може да се подели или да се ординира онколошка терапија. Во таа насока најави дека интензивно работат „8 Септмеври“ набргу за почне да функционира.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Мицкоски е скапо платен спроведувач на интересите на држави кои не ѝ мислат добро на Македонија

За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план, станавме држава заложник на туѓи интереси, кажа претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната трибина „Мугра на Слободата“, во Крушево.
Тој рече дека Владата на ВМРО ДПМНЕ од држава со јасна иднина напред, ја направи држава заложник на туѓи интереси.
„За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план. Од држава со јасна иднина напред, станавме држава заложник на туѓи интереси кои што ја раководат оваа власт преку финансиско заложништво. Мицкоски е скапо платен спроведувач на политики на држави кои не и мислат добро на Македонија, туку ја гледаат само како поле за своите геостратешки интереси“, рече Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски со новите задолжувања направил вистинско предавство на интересите на државата.
„Долговите од 7 милијарди евра ќе бидат камен околу вратот за секој млад човек и за развојот на државата во следните 10 години. Ова е вистинско предавство на националните интереси, вистинско предавство на државата“, рече Филипче.
Во обраќањето пред присутните граѓани во Крушево, Филипче рече дека премиерот Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата, самоволието, киднапирајќи ја европската иднина за државата.
Македонија
(Видео) Филипче: Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон

На вечерашната граѓанска трибина „Мугра на слободата“ која се одржа во Крушево, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање рече дека кумановскиот градоначалник Миксим Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон.
„Максим Димитриевски конечно се потврди за што е влезен во коалиција со Мицкоски и која беше неговата цел. Не била само поделбата на СДСМ. Негова цел била да се спаси од правен прогон. Скандалозно е и преседан е во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. И ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Христијан Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“, рече Филипче.
Оценувајќи ги меѓупартиските релации, тој во своето обраќање партиите ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ги нарече колаборациоалисти.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се „бореле со Бугарите“, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од било која причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против „бугарски диктат“ а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“, рече Филипче.
Македонија
Мицкоски: Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок

Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок, најави премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Струмица насловена „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
„Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме гаранција за услуга, во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба , туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, кажа Мицкоски.
Тој истакна дека во образованието ќе се воведе предмет за изучување на вештачката интелигенција.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.