Македонија
Клиничкиот центар во Србија ја соопшти состојбата на пациентите од пожарот во Кочани

Вчера, на Ургентниот центар на КЦС, од пожарот што избувна во дискотеката во Кочани, пристигнаа осум посериозно повредени пациенти, што изнесува вкупно 17. За нивната состојба утрово во изјава говореше Милан Стоичиќ, директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, КЦС.
„Сите пациенти имаат сериозни повреди опасни за животот. Од осумте, тројца се на респиратор, што значи дека им е потребна механичка вентилација. Површината на телото погодена од повреди од изгорениците се движи до 25 %. Нагласувам дека имаат симптоми на интоксикација и изгореници на дишните патишта и затоа се опасни за животот. По приемот, се почна со дијагностички и терапевтски процедури. Од осуммина, седум се лекувани во услови на операциона сала“, изјави Стојичиќ за РТС.
Во тек се и консултации со неврохирурзи, ОРЛ-специјалисти, пулмолози, како и радиолошки прегледи.
„Сите беа згрижени во текот на ноќта, тие се стабилни, со стабилни витални параметри. Што се однесува до пациентите оперирани претходниот ден, тие се хемодинамски стабилни, нивниот третман продолжува, што секако ќе потрае долго“, потенцира овој лекар.
Објасни дека некои пациенти ќе бидат подложени на операција. „Денеска, продолжува нивното лекување во операционите сали и планот е да бидат оперирани во наредните денови.
„Некои ќе се третираат конзервативно, други оперативно. А овој хируршки третман веќе е планиран за утре или задутре. Детаљни информации ќе имаме денеска бидејќи сега проценуваме кои кандидати се за хируршки третман. А доколку има потреба од донори на кожа, ќе ве информираме и за тоа“, изјави Стојичиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На „Табановце“ и „Богородица“ за влез во државата се чека околу 20 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини „Табановце“ и „Богородица“ времето на чекање за влез во државата изнесува околу 20 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
„СДС да престане да ја понижува државата“, бара ВМРО-ДПМНЕ

„Одењето со глава во ѕид од страна на СДС, веќе можеме да го приметиме по коментарите од бугарските власти дека уставните измени не се последно нивно барање. Иако секојдневно, од СДС како да не пратат вести и коментари од Бугарија, продолжуваат со нивниот безобразен ПР каде што велат дека со спроведување на уставните измени, влегуваме во ЕУ, а знаеме дека не е воопшто така“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Министерот за надворешни работи на Бугарија, излезе и кажа дека уставните измени не се последното нивно барање, туку дека ќе има и други.
Знаејќи го ова СДС, ги бранат бугарските позиции кои се од најголема штетност врз македонскиот народ, само за да им се допаднат на Бугарите.
Во немањето решение и излез од ситуацијата, СДС само се понижуваше себеси и Македонија како држава. Велеа дека Гоце Делчев е Бугарин, а македонскиот јазик, бугарски.
Затоа, граѓаните ги казнија и јасно им порачаа дека не треба тие да им ја водат државата во бездна. ВМРО-ДПМНЕ гордо и достоинствено ја претставува Македонија на меѓународно поле!“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Опожарена површина од околу седум хектари со трска во Охрид

Вчера попладне во 17.25 часот во СВР Охрид е пријавено дека во месноста „Трно“ во близина на улицата „Прилепска“ во Охрид била опожарена површина од околу седум хектари со трска.
Повредени лица нема, а интервенирала Територијалната противпожарна единица од Охрид.