Македонија
Коалиција „Маргини“: Вознемирувачки содржини во учебник по Социологија

Коалицијата „Маргини“ соопшти дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) по однос на нивната претставка утврдила продолжено и повеќекратно вознемирување врз основа на род, сексуална ориентација, родов идентитет, социјално потекло и припадност на маргинализирана група во учебникот Социологија за трета година реформирано гимназиско образование.
Автори на учебникот се: Кеснофон Угриновски и Трајан Крстевски, а рецензенти Илија Ацевски, Момир Стаменковиќ и Зоран Петрушевски и Министерството за образование и наука кое донело решение со кое се одобрува употребата на учебникот.
Како што информира Коалиција „Маргини“, во Мислењето на КСЗД е наведено дека „учебникот како целина врши вознемирување кон ЛГБТИ-луѓето, сиромашните, сексуалните работници и самохраните мајки“.
„Комисијата утврди продолжено и повеќекратно вознемирување што е потежок облик на дискриминација“, наведуваат „Маргини“.
Од таму информираат дека Комисијата препорачала најдоцна шест месеци МОН да го повлече од употреба учебникот и во иднина да не одобрува употреба учебници со содржини што вознемируваат.
„Авторите најдоцна во рок од шест месеци да извршат ревизија на спорните делови од учебникот така што ќе ги отстранат содржините со кои се врши вознемирување врз секоја од погоре наведените основи и рецензентите во иднина да не одобруваат употреба на учебници чијашто содржина врши вознемирување врз дадените основи согласно ЗСЗД и ратификуваните меѓународни договори“, информира „Маргини“ за препораките на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Во соопштението „Маргини“ посочува спорни делови од учебникот поради кои пријавиле во Комисијата: за самохраните мајки се зборува како за кориснички на социјална помош и беспомошни родители и за жените воопшто се зборува стереотипно и се опишани како „послаб пол“. Учебникот ја афирмира и машката супермација бидејќи во него нема ниту една слика на која е претставена единствено жена.
Во поглавјето посветено на сиромаштијата, посочува „Маргини“, се изнесуваат застарени и одамна отфрлени теории за сиромаштијата, кои ги дехуманизираат сиромашните луѓе, генерираат омраза, предрасуди и неразбирање на нивните социјални проблеми. Авторите ја прикажуваат сиромаштијата како нужностпоради распределба на работни позиции, па според нив функцијата на сиромаштија е да обезбеди некој да ги работи „најнечесните и најопасните работи“.
Во учебникот сексуалната работа е изедначена со криминал, а сексуалните работници се ословени како „проститутки“.
Ваквото нивно претставување, се наведува во соопштението на „Маргини“, е „вознемирувачко и ги афирмира стереотипите за сексуалните работници како криминалци, неморални и општествено непожелни, што претставува вознемирување врз основа на припадност на маргинализирана група и социјално потекло“.
Трансродовите лица се дефинирани како „ни мажи ни жени“, како „мажи заробени во женски тела“ или „жените кои се заробени во машки тела [и кои] ја прифатиле родовата улога определена за мажите, но се чувствуваат како жени“ што, наведува „Маргини“, е сосема погрешно сфаќање на трансродовото искуство.
„Во учебникот се истакнуваат повеќе неточни тврдења кои ги афирмираат стереотипите за трансродовоста и претставуваат вознемирување врз основа на родов идентитет. Генералниот впечаток е дека учебникот перпетуира хомофобија и трансфобија, а учениците од него се стекнуваат со погрешни информации за ЛГБТИ-луѓето, се вели, меѓу другото, во Мислењето на КСЗД.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како што информира коалицијата „Маргини“, ќе го следи извршувањето на препораките и на Мислењето сè до нивно исполнување.
„Доколку субјектите не постапат по мислењето, Комисијата има законска надлежност да поднесе Барање за покренување прекршочна постапка пред надлежниот суд за прекршоци, согласно Член 27, став 4 од ЗСЗД“, се додава во соопштението на коалиција „Маргини“, која ја поднесе претставката за учебникот Социологија за трета година реформирано гимназиско образование.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Отчукува часовникот до застарување на делото на Мијлаков – остануваат 16 дена до слобода

Преостануваат 16 денови во кои Апелација треба да донесе одлука за предметот „Титаник 2“, а за на обвинетиот Сашо Мијалков да не му застари делото. Предметот кој Кривичен суд предвреме го пратил до Апелација, па беше вратен назад и повторно пратен – сега е во Вишото јавно обвинителство. Таму, обвинител треба да даде мислење по однос на жалбите.
„Предметот денеска ни стигна од Апелација. Го дадеме на обвинител да го проучи предметот. Мислам дека утре или задутре, ќе има одлука од страна на Обвинителство“, вели Мустафа Хајрулахи за „Макфакс“.
Ако предметот биде вратен задутре со мислење, ќе останат уште 14 дена за закажување на јавна седница. По нејзиното одржување, ќе може да се донесе и одлука.
За овој предмет двапати се изрекува пресуда. Првата беше укината од Апелација во декември 2019 година. Од тогаш до јануари 2023 година предметот се судеше во Кривичен суд. Судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани одново ги прогласија обвинетите за виновни. На повтореното судење, ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков е осуден на казна затвор од две години. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, исто така доби казна затвор од две години.
Македонија
Пресудата за Владимир Талески пред Врховен суд: Предметот ќе го пратиме во Обвинителство на мислење

Врховен суд сега ќе одлучува за иднината на предметот „Транспортер“ за кој ексградоначалникот на Битола, Владимир Талески, издржува затворска казна заедно со поранешниот секретар на општината. Оттаму посочуваат дека предметот за мислење ќе биде доставен до Обвинителство, по што ќе се донесе одлука.
„Во Врховниот суд на Република Северна Македонија доставен е предметот ‘Транспортер’. Во согласност со Законот за кривичната постапка, предметот веднаш ќе биде доставен на мислење во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, вели Врховен суд.
Предметот патуваше од Апелација до Врховен суд три месеци, време во кое се поднесоа жалби на пресудата донесена од второстепените судии. Апелација на крајот од декември им ги намали казните на обвинетите. Талески треба да одлежи седум години затвор наместо осум. Поранешниот секретар на општина Битола Слободан Бончановски, исто така доби намалување на казната, па од шест години сега треба да одлежи 5 години и шест месеци. На дел од управителите на фирми кои добија казни од 2 до 3 години затвор, Апелација им изрече условни осуди.
Македонија
(Видео) Со трактори ќе го блокираат патот кон Бугарија кај Страцин, државата не најде решение за пресечениот локален пат

Жителите на кратовското село Страцин следната недела со трактори и автомобили ќе го блокираат патот кон Бугарија. Разочарани се што и по три недели откако јавно изразија револт Јавното претпријатие за државни патишта не презело ништо за да им обезбеди пристап до селото откога им го пресече локалниот пат заради изградба на експресната сообраќајница Ранковце-Крива Паланка.
„ Пред три недели кога се собравме и кажавме дека планираме да го блокираме патот кон Бугарија ни рекоа дека ќе најдат решение, да не излегуваме на протест. Ние пат сè уште немаме ниту пак се работи на терен за да ни се овозможи пристап. Со стоката и со трактори место по локалниот пат сега одиме преку патот што води кон Бугарија. Следната недела ќе го блокираме и нема да може никој да помине. Денес имавме состаноци, а за викендов ни се закажани последните подготовки. Протестот ќе го пријавиме и ќе се организираме како секој ден што мораме со тракторите да излеземе на патот кон Бугарија, еден ден ќе ги оставиме паркирани на патот. Немаме друг излез“, велат жителите на Страцин кои веќе формирале штрајкувачки одбор.
Тие бараат Јавното претпријатие за државни патишта да најде алтернатива на локалниот пат со која ќе бидат поврзани сите куќи од селото за да може непречено да си ги завршуваат вообичаените обврски. Најавуваат дека за проблемот ќе ги известат и сите амбасади во Македонија од кои очекуваат помош за локалниот пат повторно да им биде функционален.
Јавното претпријатие за државни патишта пред три недели извести дека на изведувачот му е даден налог веднаш да овозможи сообраќај по стариот локален пат со заобиколување на пресечените делови.
Објаснување зошто три недели на терен нема никакво поместување од Јавното претпријатие за државни патишта најавија за утре.