Македонија
Ковачевски: ЕУ да испорача европски вредности и да го потисне влијанието на трети страни врз Балканот

Премиерот, Димитар Ковачевски на панелот „Сега или никогаш: Откривање на европската иднина за Западен Балкан“, на конференцијата за безбедност ГлобСек 2022 во Братислава, истакна дека проширувањето на ЕУ треба да биде процес кој се заснова на заслуги, каде што државата кандидат треба да ги имплементира вредностите на Европската Унија.
„Во нашиот случај 45% од законодавството е веќе усогласено и ако ја споредиме со други држави кои веќе преговараат неколку години тогаш во различни поглавја ние сме многу подобри. Ако ги земеме последните пет извештаи на Европската комисија за напредокот на земјата може да видите дека сите тие се позитивни“, истакна Ковачевски.
Тој додаде дека проблемот е тоа што процесот заснован на заслуги е типично политички процес, каде што поради начинот на носење одлуки во ЕУ, една држава може да го блокира процесот на пристапување на земја-кандидат што се случува со Северна Македонија во моментот.
Од друга страна, рече Ковачевски, има нов геополитички развој на настаните и апсолутно поинаква слика во Европа каде што ЕУ треба да одлучува за начинот како да го задржи својот кредибилитет и својата определба за Западен Балкан.
„Ние покажавме како држава и регион дека ја поддржуваме Украина и нејзиниот народ, ја изразивме нашата поддршка и кон украинската Влада. Но, од друга страна Европската Унија сега има два проблема. Едниот е доколку не се донесе јасна одлука за Западен Балкан, кредибилитетот на ЕУ ќе опадне, и истиот момент национализмот ќе почне да расте, што е нешто што може да се случи во Западен Балкан, а ние не сакаме да го видиме тоа“, истакна премиерот.
Ковачевски оцени дека клучната одлука сега е да се прати јасна порака за Западен Балкан за тоа како да се продолжи понатаму по јуни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР: Извршен е службен разговор со лицето што држеше пиштол кај „Скендербег“, оружјето е на вештачење

Полициски службеници од Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни деликти при СВР Скопје, во полициската станица извршија службен разговор со С. Р. (34) од Скопје, кој беше идентификуван од страна на полицијата како лице што за време на инцидентот во близина на споменикот „Скендербег“ држел пиштол во раката, но не го употребил, соопшти МВР.
Пиштолот ќе биде предаден за вештачење, а за случајот е известен јавен обвинител и се преземаат мерки за негово расчистување.
Македонија
МВР: Kривична пријава против лицето што фрлаше со „молотови коктели“

Единицата за насилен криминал – Одделение за насилен криминал при СВР Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава по брза постапка против Ј. С. (18) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело, казниво според член 385 од Кривичниот законик.
„Имено, на 5.7.2022 година, околу 21 часот, за време на одржување јавен сoбир на граѓани организиран преку социјални мрежи, Ј. С. почнал да подготвува ‘молотови коктели’ и да фрла со нив кон полициските службеници и објектот на Собранието на РСМ.
По преземените мерки и активности од страна на полициските службеници, Ј. С. е лишен од слобода, обезбедени се сите докази против него во координација со ОЈО Скопје и лицето е изнесено пред судија на претходна постапка“, информираат од МВР.
Македонија
Францускиот предлог стигна во Собранието, седница не е планирана за вечерва

Владата до Собранието ја достави информацијата за содржината на предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, предложена од страна на претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни 2022 година.
Од Собранието информираат дека во согласност со процедурите материјалот ќе се достави до пратениците и за понатамошно постапување, соодветно и навремено јавноста ќе биде информирана.
„Имајќи ги предвид шпекулациите, ве информираме дека за вечерва не е планирана седница. Во моментот кога претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе ја свика седницата, навремено ќе бидете информирани“, велат од Собранието.