Македонија
Ковачевски: Како членка на НАТО ќе продолжиме активно да учествуваме во сите активности на Алијансата
Пред точно две години ја остваривме една од стратешките цели поставени уште од осамостојувањето на државата – полноправно членство во НАТО алијансата. Две години подоцна, во екот на најголемата воена и економска криза по втората светска војна, ја согледуваме исправноста на оваа одлука, порача премиерот Димитар Ковачевски.
„ Во овие неизвесни времиња, кога целиот свет се грижи иднината и безбедноста, Северна Македонија е дел од најмоќниот воено политички сојуз кој го гарантира нашиот територијателен интегритет и сигурност.
Членството во алијансата е многу повеќе од гарантирана безбедност и заштита на нашите граѓани. Да се биде дел од НАТО значи исполнување на сите стандарди на цивилизираниот свет, како заштита на човековите права, солидарност меѓу народите и унапредување на демократијата.
Како членка на НАТО ќе продолжиме активно да учествуваме во сите активности на Алијансата и да го градиме сојузништвото со нашите партнери. Оваа определба значи долгорочен развој за нашата земја и сигурна иднина за нашите деца.
За крај, денес се потсетуваме дека одлуките кои владата на СДСМ ги донесе беа визионерски и во најдобар интерес на граѓаните. Со храбри и одлучни чекори продолжуваме и понатаму затоа што политката е лидерство и одговорност за иднината на сопствените граѓани“ напиша Ковачевски на Фејсбук.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

