Македонија
Ковачевски не одговори колку време ќе земаат зголемени плати: Одлуката на Уставен суд е конечна
Функционерите ќе си земаат зголемени плати во време на криза бидејќи одлуката на Уставниот суд, за премиерот Димитар Ковачевски, е конечна. Прашан дали ќе донесат владина одлука со која ќе ги намалат коефициентите, а со тоа ќе спречат енормно зголемување на нивните плати, рече: „Во делот на коефициентите тоа е дел од законското решение за платите. Носењето решенија кои не се базираат на правна и економска издржаност завршуваат како ова решение“.
Ковачевски не кажа начин на кој планираат да го спречат зголемувањето на платите, како неговата така и на неговите колеги и сите избрани именувани лица.
„Одлуката на Уставниот суд е конечна и не може да се носат одлуки за дерогирање на одлуките на судот. Тоа е казниво дело“, додаде Ковачевски.
Прашан дали ќе ја донира платата и дали ќе побара од неговите колеги да го направат тоа – не одговори конкретно.
„Во делот на донациите, јас многупати имам донирано. Доколку некогаш пиеме кафе кај мене, ќе видите и голем број благодарници. Но, со тоа не сум правел пиар“, рече Ковачевски.
Според него, нема сите избрани и именувани лица да добијат поголеми плати.
„И денес постои неконзистентност во исплатата на плати на функционерите. Има акционерски друштва, разни агенции, чии плати на директори се неколкукратно поголеми од платата на пратеник во Собранието. Работиме на нов општ колективен договор за регулација на платите. Одлуката на Уставниот суд, со која се укинуваат одредби од Законот за платата и други надоместоци на избрани и именувани лица, е конечна и треба да се почитува. Тоа не значи дека автоматски ќе им се зголемат платите на сите именувани лица. Досегашното замрзнување на основицата беше, всушност, владин став изминатиов период и од страна на Владата е бранет како став пред Уставниот суд, а со нивна одлука се укинува“, рече Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

