Македонија
Ковачевски: Сите пратеници да бидат одговорни, блокадите се на штета на граѓаните

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски истакна дека е апсолутно неодговорно во услови на криза да се врши бојкотирање и блокирање на Собранието.
„Тоа граѓаните не го заслужуваат. Пратениците треба да бидат одговорни бидејќи нив не ги бираат политички партии туку ги бираат граѓаните. Тие треба да бидат таму 24 часа како што е и наведено во самиот деловник на собранието бидејќи собранието е практично во постојано заседавање и треба да носи одлуки кои што ќе значат подобро за сите граѓани во државата“, потенцираше премиерот Ковачевски.
Тој додаде дека и покрај блокадата на Собранието од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а не од целата опозиција, тоа сепак функционира.
„На последната седница е усвоен дневниот ред и беа изгласани дел од точките за кои што постоеа исполнети услови за нивно усвојување. Потоа гледаме дека на Комисијата за избори и именувања веќе почна расправата за избор на уставни судии, каде што сите политички партии ги предложија своите предлози и според мислења на стручната јавност се работи за лица кои што се предложени од страна на пратениците и за кои што ќе има вредна расправа и за кои што следува избор на уставни судии.
Секоја политичка партија треба да биде одговорна и да даде максимум да се носат мерки и да се носат закони кои што го олеснуваат секојдневниот живот и кои што се грижат за задржување на стандардот на населението“, посочи Ковачевски.
„Не постојат закони кои што не влијаат на општествените процеси во позитивна смисла, и тука не може да се смета Собранието за супермаркет каде што некој ќе одлучува кој закон ќе помине кој нема да помине. Секое законско решение содржи во себе или унапредување на одредени процеси или унапредување на одредени права на граѓаните или на компаниите во државата бидејќи не сите закони се однесуваат исклучиво на граѓаните туку има голем дел на законски решенија кои што се однесуваат на подобри услови на деловната заедница во државата“, нагласи премиерот Ковачевски.
Ковачевски дополни дека има голем број на одредени групи во општеството на кои што треба да им се излезе во пресрет и дека постојат голем број на законски решенија кои што се важни за напредокот на развојот на општеството и за усогласувањето со директивите на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Билатерални средби на претседателот Пендаровски на Светскиот економски форум во Давос

Претседателот Стево Пендаровски во рамки на учеството на Светскиот економски форум во Давос, денеска оствари кратки средби со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез, со косовскиот премиер, Албин Курти, со Принцот Алојз од Лихтенштајн и со американскиот политичар и поранешен потпретседател на САД, Ал Гор.
Пендаровски на средбата со шпанскиот премиер Педро Санчез се заблагодари за принципиелната поддршка од Шпанија на македонските евроинтеграции и изрази подготвеност за натамошно поттикнување и развој на односите меѓу двете земји. Во разговорите беше посочено дека политиката на проширување на ЕУ е неопходно да продолжи во интерес на стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот на Западен Балкан.
На средбата со косовскиот премиер Албин Курти беа реафирмирани заложбите на Северна Македонија и Косово за продлабочување на билатералната комуникација и меѓусебната соработка во сите области од заемен интерес, со цел натамошно зацврстување на добрососедските односи, како и пријателството и блискоста меѓу граѓаните од двете земји.
На средбата со Принцот Алојз од Лихтенштајн се разговараше за актуелните случувања во Европа и во регионот на Западен Балкан. Во контекст на мерките коишто се преземаат за ублажување и справување со економските последици од руската агресија, претседателот Пендаровски и принцот Алојз, разменија мислења и за тековните случувања и ефектите врз економиите во Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА), каде Лихтенштајн е земја-членка.
На средбата со американскиот политичар и поранешен потпретседател на САД, Ал Гор, беа разменети мислења за надворешната политика на САД и Северна Македонија низ призма на актуелните случувања во Европа и светот, како и за потребата од интензивирање на трансатланските односи. Претседателот Пендаровски посочи дека поддршката и помошта од САД како НАТО сојузници и стратешки партнери на земјава, се од клучно значење за стабилноста, безбедноста и јакнење на демократските процеси во регионот.
Македонија
Алијанса за Албанците: Инцидентот во Чаир со највисоки полициски службеници е одраз на владеењето на ДУИ

Синоќешниот инцидент во Чаир во којшто учествуваа највисоки полициски службеници е најдобар одраз на владеењето на ДУИ, се вели во соопштението од Алијанса за Албанците.
Криминалот на оваа партија ги допре највисоките врвови на власта, велат од оваа партија.
„Тие коишто треба да работат за безбедноста станаа најголемата опасност за Албанците особено и за граѓаните воопшто. ДУИ ги направи албанските населби најопасни места за живеење, тие станаа места каде те убива полицаец и каде се заштитени криминалците. Кога го осудивме заробувањето на правосудниот систем, заменик министерот од ДУИ се пожали дека опозицијата ги навредува албанските функционери“, е наведено во напишаното од страна на Алијанса за Албанците.
„Ги прашуваме поранешниот министер за полиција, актуелниот заменик министер за полиција и сите функционери на ДУИ, кој синоќа ги навреди и посрамоти Албанците, кој со куршумите на нивните началници ги загрози Албанците и албанските населби ги претвори во гето на криминални картели!?“, се потенцира во писмената реакција од партијата.
Ветингот во судството, полицијата и другите сфери, како што потенцираат е повеќе од неопходен, но предходно, сугерираат дека мора да се отстранат од власт тие, кои како што додаваат, го попречуваат ветингот и го зајакнуваат криминалот и корупцијата.
Македонија
Ковачевски: Автокефалноста на МПЦ– ОА е историска вест и автентичен дел на македонскиот идентитет

Голем е денешниот ден, историски, кога ги чествуваме Светите браќа Кирил и Методиј, да ја добиеме и автокефалноста на нашата црква како рамноправна со другите и како признание за нејзиното наследство во духовната величина на древната Охридска Архиепископија, и како автентичен дел на македонскиот идентитет, истакнува премиерот Димитар Ковачевски по повод автокефалноста на Македонската православна црква.
„Се радуваме заедно со сите православни христијани во нашата земја на историската вест со која Македонската православна црква – Охридска Архиепископија се стекнува со автокефалност“, вели Ковачевски.
„Оваа со векови очекувана вест е соопштена денеска на заедничката служба со Српската православна црква, на која патријархот Порфириј соопшти дека одлуката МПЦ-ОА да биде прифатена како автокефална црква ќе биде предложена пред Вселенската патријаршија со препорака таа да биде прифатена од сите православни цркви. Нека е честит овој голем ден за сите православни верници и за сите граѓани“, изјави премиерот Ковачевски.