Македонија
Ковачевски: Со замрзнување на цените на храната, ја преполовивме инфлацијата, со покачување на платите, ја заштитивме куповната моќ на граѓаните
„Владата продолжува во спроведување на антикризни мерки кои значат заштита на куповната моќ и стандардот на граѓаните, како и преполовување на инфлацијата“, истакна премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието на Република Северна Македонија.
Тој истакна дека Северна Македонија останува да биде држава која има најниска основна стапка на ДДВ од 18% и највисоко ниво, односно најдолга листа на повластени производи со 5% од 1.650 производи кои граѓаните ги користат во својата секојдневна употреба.
„Со замрзнувањето на цените, со мерките кои беа преземени овозможивме да ја преполовиме инфлацијата, носиме мерки во интерес на сите со цел да последниот месец од годината, инфлацијата биде 5%, што е остварливо. Со замрзнување на цените на основните прехранбени продукти и нивното намалување преку обезбедување на „гарантирана“ цена на производите, како и со владината одлука за допрецизирање на повластената стапка на ДДВ од 5%, нашата држава останува да биде држава која има најниска основна стапка на ДДВ од 18% и највисоко ниво, односно најдолга листа на повластени производи со 5% од 1.650 производи кои граѓаните ги користат во својата секојдневна употреба. Со овие, но и со останатите мерки, очекуваме дека до крајот на годината ќе имаме намалување на инфлацијата на она што е проектирано 5%, коешто ќе претставува четирикратно намалување во однос на она што беше во зимските месеци од изминатата година“, изјави Ковачевски.
Владата освен што обезбеди поддршка за граѓаните и стопанството исто така ги покачи и платите, пензиите со што ја заштити куповната моќ на граѓаните, вели тој.
„Согласно последните податоци, просечната исплатена нето плата по вработен во Република Северна Македонија според официјалните податоци на Државниот Завод за Статистика за месец август 2023 година, изнесува 36.390 денари, односно истата е зголемена за 4.519 денари споредено со август 2022 година. Она што е важно за животниот стандард на граѓаните, економијата создава реален раст на платите, кој веќе петти месец по ред го надминува индексот на трошоците на живот односно инфлацијата, а кој во август месец изнесуваше 108,3, што значи дека имаме разлика од 5,9 индексни поени во корист на куповната моќ на граѓаните. Овие бројки покажуваат дека мерките се добри дека оценката која ја дава Светска Банка во однос на антикризниот пакет на мерки е точна и дека може навистина да им честитаме на сите служби кои работеа, тоа се професионалци во сите министерства на подготовката и имплементација на овие антикризни мерки“, изјави Ковачевски во Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

