Македонија
Ковачевски со честитка за новогодишните празници: Наша најголема вредност се луѓето, заедно направивме многу, со верба, оптимизам и мудрост ќе ги постигнеме целите пред нас
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, упати честитка до граѓаните за новогодишните празници.
„Драги сограѓани,
Оставаме зад нас уште една година. Година која не беше воопшто лесна. Но сепак, треба да сме горди на постигнатото. Во рамки на можностите направивме многу. Во најтешката криза работевме напорно, посветено и фокусирано. Работевме да го направиме животот подобар. За да сите имаат повеќе. И најважно од сè, никој не беше оставен сам! Платите и пензиите пораснаа на историски високо ниво. Денес имаме речиси 50% покачени пензии, имаме двојно повисока минимална плата, и просечна плата која е веќе над 600 евра. Ве уверувам, и платите, и пензиите, ќе продолжат да растат и следната година! Со антикризните мерки, го заштитивме и помогнавме животниот стандард на семејствата и на фирмите. И пензионерите, и студентите, и учениците, и самохраните родители, и најранливите можеа да се потпрат на нас. Имаме двојно повеќе странски инвестиции, намалена невработеност и зголемена вработеност. За првпат авансна исплати за земјоделците. Продолживме да ја трансформираме земјата во зелен енергетски центар на Европа. Заеднички постигнавме многу, затоа што напорно работевме. Рамноправно, еднакво и солидарно! И така и ќе продолжиме и понатаму. Има пред нас простор да направиме и уште повеќе, да биде уште подобро, платите и пензиите да продолжат да растат, а на најранливите директно и солидарно да им помогнеме. Затоа што тоа се вистинските и македонски и европски вредности. И затоа во овој момент, најмногу е потребна верба, оптимизам и мудрост.
И ова го кажувам, не само како премиер, туку пред сè како граѓанин, како татко, сопруг, син, како човек кој својата иднина ја гледа тука, дома, во татковината. Ни треба целото знаење со кое располагаме, за да ги постигнеме целите кои се пред нас. Често велам дека нашата предност, наша најголема вредност и најсилна страна се луѓето, нашите граѓани. Затоа што имаме капацитет, имаме знаење, имаме волја да ги направиме следните чекори. Да продолжиме и понатаму да го подобруваме животот на граѓаните. Да го направиме и она што е најважно – да ги задржиме младите дома. Да ги вратиме тие што заминале, затоа што европскиот пат на кој сме тргнати, е започнат, и не застанува. Мора да гледаме напред, мора да се движиме напред. Токму европскиот пат ќе донесе развој и подобро утре.
А сигурен сум и Ве уверувам дека ќе има подобро утре. Оптимизмот кој го споделувам со Вас, е изграден на реални основи, затоа што знам, дека сѐ што треба, заеднички ќе го направиме. Оваа држава има луѓе кои имаат и храброст, и енергија длабоко во себе, кои ќе го изодат тој пат и кои ќе остават подобра земја за своите деца, за сегашните и за идните генерации.
На крајот на овој европски пат е големата награда, членството во Европската Унија. Пат и цел кои ќе ни овозможат врвна демократија, социјална правда, функционално владеење на правото. Јас верувам во тоа и во тој дух, и со позитивна мисла, Вам и на Вашите семејства ви ги честитам новогодишните и Божиќните празници!
Искрено, од срце, ви посакувам добро здравје, среќа, радост и спокој. Изразувам благодарност до сите кои во овие празнични мигови се на работните места и се грижат за нашето здравје и безбедност. Среќна Нова година и среќен Божиќ, да сте живи и здрави!“, вели Ковачевски во новогодишната честитка до граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

