Македонија
Ковачевски: Убиства, кражби и злоупотреба на службената должност не се опфатени со законот за амнестија
Законот за амнестија е подготвуван долго време, министерот за правда го најави и го објасни и во него се опфатени дела до шест месеци и издржување казни што веќе се почнати со нивно намалување, со цел да може да се најдат други начини да казнување на затворениците и намалување на товарот во пренатрупаните затвори, одговори премиерот Димитар Ковачевски на новинарско прашање.
„Точно се дефинирани делата за кои не може да се добие ваков тип амнестија и тие се наведени. Сите оние сериозни дела, убиства, кражби, злоупотреби на службената положба, не се опфатени. Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи? Прво, ВМРО-ДПМНЕ ништо не поддржува. ВМРО-ДПМНЕ го блокира и овој проект, па еве почна. Тие кога блокираат, блокираат без аргументи, чисто за да се блокира. Го блокираат и Скопје. Првин бараа доверба, па го блокираа целиот град. Министерството за правда веќе има побарано од координаторите на пратеничките групи да го дадат своето мислење дали би претрпел модификации. Секој закон во Собранието би можел да претрпи модификации. Се работи за закон што ги подобрува процедурите, ги забрзува процедурите, не дава никаква амнестија на некој што направил тешко дело, затоа мислам дека треба да се отвори парламентарна дебата. Ние како Влада ќе го разгледаме на една од наредните седници. Од блокирање никој нема корист“, рече премиерот Ковачевски на денешниот почеток на градежните активности за Коридорот 10 д.
Ковачевски во Општина Карпош нагласи дека Владата работи на реализација на шестиот проект.
„Ако јас блокирам сè, тоа значи дека шест огромни проекти во Скопје не би биле направени. Ако решила Владата да блокира затоа што градоначалникот не бил од истата партија, губат само граѓаните. На граѓаните им е доста од кавга и од бесконечни прес-конференции во кои се обвинуваат меѓусебно. На граѓаните им требаат подобри услови за живеење“, додаде Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

