Македонија
Ковачевски: Ја замрзнавме цената на лебот, нема да дозволиме едни да плаќаат, други да се богатат

Владата на денешната седница ја укина субвенцијата за струја на пекарниците и ја замрзна цената на лебот на 33 денари. Премиерот Димитар Ковачевски рече дека одлуките ги носат за да не дозволат едни да плаќаат, други да се богатат оти и покрај субвенцијата за струја, само некои ги намалиле цените.
„Неоправдано покачување на цените нема да дозволам. Помина доволно време за да се усогласат цените. По извршените проверки од Државниот пазарен инспекторат, иако производителите добиваа субвенција за електрична енергија, цените на производите не ги намалија или ги намалија незначително. Ова се однесува на дел од производителите на основни прехранбени продукти, дел намалија од 7 до 12 проценти. Затоа денес ја укинавме оваа мерка. Ќе се снабдуваат со струја во согласност со Законот за енергетиката. Ја замрзнавме цената на белиот и на полубелиот леб, сечен и на парчиња или цел, на 33 денари за леб со тежина од 450 грама. Цената на лебот под 450 грама ќе биде до 33 денари. Антикризните мерки не ги донесовме за едни да бидат поповластени од други, едни да плаќаат, други да се богатат и да удрат по џебот на граѓаните за бенефит на поединци“, рече премиерот Ковачевски.
Крајната цел на субвенцијата, како што нагласи Ковачевски, била да се овозможи пониска цена на производите за граѓаните, па од тука мерката се укинува.
Пекарниците вчера се заканија дека ќе престанат да произведуваат леб и да го носат на пазарот ден по објавувањето на одлуката за замрзнување на цената на лебот во „Службен весник“. Пекарско-мелничарската индустрија смета дека замрзнувањето на цената на 33 денари неминовно води кон затворање на компаниите оти сите веќе бележат загуби или се на нула.
На обвинувањата од министерот за економија, Крешник Бектеши, дека ја замрзнува цената за да не дозволи воени профитери, му одговори Горан Ѓорѓиевски, претседател на Агробизнис-комората при Сојузот на стопанските комори на Македонија и сопственик на пекарницата „Специјал“. Тој едностраното замрзнување на цената на лебот, без консултација со производителите, го нарече советско-болшевичка метода.
На ваквата престрелка меѓу министерот и пекарниците претходеше укинување на субвенцијата за струја за пекарската индустрија оти малкумина ги намалиле цените на лебот по што следуваше и најавата за замрзнување на цената на лебот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Битиќи: Ја добивме битката, концесијата дадена од ВМРО-ДПМНЕ, падна на арбитража

Концесијата дадена од ВМРО-ДПМНЕ, симбол на криминал и коруптивни зделки, падна на арбитража. Државата ја доби битката, нема да плати штета од 115 милиони евра, реагира пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи и поранешен вицепремиер.
„Да се потсетиме: Случајот односно судските рочишта се затворени во 2023 година. Арбитражниот суд носи конечна пресуда во рок од две (2) години по завршните зборови. Тимот што ги застапуваше правата на нашата држава во целиот тој процес се водеше со јасни определби и насоки од страна на мојот кабинет во претходната Влада“, наведува Битиќи.
И затоа, додаде тој, искрена благодарност до White & Case, нашите главни застапници во арбитражата, државните службеници и експерти кои вложија знаење и енергија, како и до локалните адвокатски друштва за нивната посветеност и професионалност.
„Благодарност до сите што ги застапуваa интересите на државата. Вака се почитува татковината, со искрен настап и без калкулации – а за оние кои имаа други интереси, иднината ќе покаже“, стои во објавата на Битиќи.
Македонија
Поради пожарот кај Јасен, затворен за сообраќај патот Македонски Брод – Скопје

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 30 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Меџити: 65 милиони евра за Универзитетскиот кампус и подземниот паркинг на Плоштад Скендербег во Скопје

Изградбата на Универзитетскиот кампус „Мајка Тереза“ и подземниот паркинг на Плоштад Скендербег стануваат реалност. За овие крупни проекти се обезбедени 65 милиони евра од државниот буџет, соопшти првиот вицепремиер Изет Меџити.
Според него, реализацијата на овие проекти ќе започне многу скоро.
„Сè е подготвено за нивниот почеток. Овие инвестиции ќе донесат долгорочни придобивки за студентите, граѓаните и економскиот развој на Скопје. Во таа насока, денес остварив значаен состанок со министерот за транспорт, Александар Николовски, директорот на Инспекторатот за градежништво и претставници на Општина Чаир, каде што се договоривме за конкретните чекори што ќе го обезбедат итното започнување на овие проекти. Овие инвестиции поставуваат нови темели за урбаното и образовното модернизирање на нашиот град, означувајќи клучен момент за стратешкиот развој на Скопје. Со оваа посветеност, отвораме нова фаза, каде визијата за функционален, иновативен и развоен град се претвора во реалност. Благодарение на меѓуинституционалната координација и заедничката посветеност, многу брзо ќе започне теренската реализација на овие проекти од национално и стратешко значење. Ние ги исполнуваме ветувањата и ја претвораме визијата во реалност!“, напиша Меџити.