Македонија
Славјанка Петровска секојдневно користи седативи и е опседната, рече Ковачки покажувајќи документ од психијатар
Пратеникот Драган Ковачки, денеска, на седницата за пратенички прашања рече дека поседува документ од специјалист психијатар, според кој министерката за одбрана, Славјанка Петровска, секојдневно користи седативи и дискутабилно е дали може одговорно да ја извршува функцијата.
„На министерката за одбрана, во согласност со извештајот од специјалист психијатар, цитирам: Ѝ се тресат рацете, не може да задржи мисла, има намалени внимание и концентрација, има проблеми во мислењето, збунета е и конфузна, има намалена волја, непријатни мисли и мора да вложува дополнителни напори да ги извршува истите работи што претходно ги извршувала. Почитуваната министерка, според извештајот, чувствува бесцелност на својата активност и залагања и цели три месеци има повторувачки слики, опседната е, постојано е напната, често има немир и нарушен сон. Министерката сама доброволно се јавила за преглед и доброволно ги вршела психијатриските прегледи, се констатира дека има оптоварен мисловен процес. На министерката ѝ е препишана и седативна терапија, односно 3 месеци е под седативи“, рече тој на собраниската говорница.
Според Ковачки, не може да му се издаде безбедносен сертификат на лице што страда од ментална или емоционална состојба, која може да предизвика значителни недостатоци на неговото расудување или доверливост и може да го направи лицето потенцијален безбедносен ризи .
„Министерката не искористила ниту еден ден боледување, одела на работа и не чувствувала потреба да поднесе оставка и покрај констатираниот наод, а премиерот може и да не знаел дека во Владата има таков министер.
Тој го праша Ковачевски дали смета дека поради сето ова, Петровска треба да биде разрешена.
Министерката за одбрана најави низа тужби за пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, и порача дека е здрава и стабилна да одговори на сите прашања, исто како што е здрава и стабилна да одговори на сите лаги што пратеникот упорно ги изнесува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мурал на потпорен ѕид долг 120 метри крај реката Пена со порака за отпорност кон поплавите
Потпорниот ѕид изграден за спречување на лизгање на земјиштето во близина на ХЕЦ Пена, покрај тоа што обезбедува сигурност за возилата и пешаците, трансформиран е и во дело на уличната уметност, преку голем мурал кој пренесува порака за отпорност и единство во заедниците соочени со катастрофи.
Муралот е изработен како дел од серијата активности кои УНДП ќе ги спроведе за одбележување на меѓународниот ден за намалување на ризиците од катастрофи, 13-ти октомври.
На претставувањето на муралот нацртан по целата должина на ѕидот долг 120 метри денеска присуствуваа Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), Армен Григорјан и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
„Овој ѕид е одлично направен и обезбедува безбедно одвивање на сообраќајот и движење на граѓаните на Тетово кон Бањиче, популарна рекреативна дестинација. Но, беше сив и ние сакавме да го разубавиме, но и да испратиме значајна порака за отпорност и единство во заедниците соочени со ризик од катастрофи“, изјави Григорјан.
„Големо задоволство е да се биде тука со нашите партнери од УНДП, на презентацијата на овој мурал, во чија подготовка учествуваа и повеќе млади лица. Заедно спроведуваме значајни активности со кои сакаме во Полог да ја засилиме отпорноста кон поплавите и нашите заедници да ги направиме поотпорни на катастрофи“, рече Касами.
Инспирација за приказната претставена на муралот, уметниците најдоа во цртежите кои ги изработија учениците од повеќе основни училишта во Тетовско, на работилниците организирани од УНДП.
Ѕидот кој послужи како платно за уличните уметници е изграден во рамки на проектот за „Подобрување на отпорноста кон поплавите во Полошкиот регион“, финансиран од Швајцарија, кој Програмата за развој на Обединетите нации го спроведува во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините во регионот.
Македонија
Потпишан договор за европски грант, 50-тина училишта ќе добијат соларни фотоволтаични системи
Педесетина училишта во Македонија ќе ја подобрат енергетската ефикасност преку инсталирање на соларни фотоволтаични системи, за што, денеска министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и вицегувернерот на Банката за развој на Советот на Европа, Томас Бошек потпишаа договор за неповратен грант вреден 1,1 милион евра.
Училиштата ќе ја заменат енергијата базирана на фосилни горива со чиста и обновлива енергија. На овој начин, тие ќе дадат дополнителен придонес кон заштитата на животната средина, а ќе заштедат и средства кои ќе можат да се реалоцираат во унапредувањето на условите за настава.
На потпишувањето на договорот за овој проект одобрен преку Европскиот фонд за зелени општествени инвестиции, наменет за јакнење на инклузивните климатски мерки, Јаневска изрази благодарност до Банката за развој при Советот на Европа за континуираната поддршка на државата во унапредувањето на инфраструктурните услови во областа на образованието.
Министерката изрази очекувања дека соработката во насока на достигнување на европските стандарди за квалитет, ќе продолжи и во иднина.
Скопје
„Ако сакате да си правите маркетинг, да си се вработите во маркетинг агенција, а не во МВР, треба да ви е срам“, порача Јакимовски и најави кривична за лажно пријавување
На денешната прес конференција, градоначалникот Јакимовски повторно го образложи проблемот со кој Општината се соочува наназад неколку дена. Тој, пред новинарските екипи, со факти и документи, објасни детално за тениските игралишта на хотелот Александар Палас, за кој изминатиов период Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави за дел од вработените во Урбанизам, како и за градоначалникот Јакимовски.
– Зборуваме повторно за тениските терени на хотелот Александар Палас. Поднесена е кривична пријава затоа што сме извршиле легализација на овие тениски терени кои што се составен дел на Александар Палас, а за кои што има и одобрение за градба. Овде имаме тениски терени, сопственост на Борис Трајковски, изградени 2013 година од страна на Владата на Република Македонија, впишани во Катастар со имотен лист. Значи она што го тврди Владата дека се времени објекти, е тотална лага, односно на Министерството за внатрешни работи, рече Јакимовски.
Тој даде и неколку примери каде што се случува истата ситуација, а кои за истите тие сопственици не одговараат по никаков Закон.
– Ова се сансет тениски терени во Аеродром, значи приватна сопственост на земјиште кое што е дадено со право на користење. Потполно иста ситуација како оваа, тие истите биле 1999 година, впишани и дадено е одобрени за градба. Имаме понатака хотел Русија, изградени 2015 година тениски терени до хотелот кои се впишани исто така во Катастар. Следно, во парк тениските терени на Југ, тоа е 1995 година. Сите терени на Југ се впишани во Катастар како имот на тениски клуб Југ, и еве уште едно, ова се наоѓа на тениски терени во склоп на основно училиште во Кисела Вода, изградени 1995 година и сопственик е Општина Кисела Вода. Сега јас сакам да ги прашам професионалците од Министерството за внатрешни работи, како тоа впишани се во Катастар како имот сите овие тениски терени односно спортски терени во сите други општини, само во Карпош не смеело да се впишува, и како тоа сите имаат право на упис во Катастар, само господата од Александар Палас немаат право на сопственост? Овде јасно си стои во геодетските подлоги кои што се издадени 1999 година, во кои што точно се гледаат тениските терени. Ова Катастарот го снимил и го впишал се што видел на лице место и тоа е сегаде. А потоа се прави излагање и на тоа излагање вие го носите основот по кој вие тоа го владеете. Е сега, Александар Палас кога било излагањето не го доставиле документот кој што го поседувале, а тоа е одобрението за градба, за да тоа им се впише како сопственост, туку тој рок тие го пропуштиле. Ова е сопственост на Александар Палас, но со незапишани права и тие незапишани права го остваруваат преку Законот за легализација донесен 2011 и дополна 2016 година и Општина Карпош и службениците на Општина Карпош постапиле согласно Законските прописи и нема никаков пропуст, уверливо посочи првиот човек на Општината.
– Сакам да кажам дека за ова што го прават треба да им е срам, не мораше да има ваква помпезност, за се ова можевме да се разбереме. Очигледно тие сакаат да си прават маркетинг и сакам да им порачам дека ако сакате да си правите маркетинг и да си правите политичко влијание да си се вработите во маркетинг агенција. А не во Министерството за внатрешни работи каде што ве плаќаме со народни пари наместо да гоните организиран криминал и корупција, вие се бавите со маркетинг и пропаганда, ова е чиста пропаганда за која што тие треба да се срамат. Сакам да нагласам дека ние со нашите колеги ќе поднесеме кривична пријава за лажно пријавување затоа што овој предмет е чист како солза и не треба за ова да бидеш посебен професионалец туку од сателит се гледа дека е политички монтиран процес во кој што колегите кои го работеле овој предмет, како колатерална штета ќе настрадаат затоа што градоначалник им е Стевче Јакимовски, заврши градоначалникот на Карпош.