Македонија
(Видео) Ковачки: Ковачевски, Османи и Маричиќ да поднесат оставки поради ветото

Бараме директна одговорност од Ковачевски за францускиот предлог, кој самиот го преговараше и го договори. Ковачевски не може да манипулира дека тој и Владата не знаеле за предлогот, во чија подготовка учествувале официјални државни органи. И според изјавите на Стево Пендаровски, но и многубројни дипломати од кариера, предлогот бил изработен со вклученост на сите страни, изјави на денешната прес-конференција Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Бараме одговорност и оставки од Бојан Маричиќ и Бујар Османи како директно вклучени во процесот на преговори. Одговорноста не смее да се сведе на принципот на кабелот е виновен за пожарот на некој административни функционери. На народот му е преку глава од манипулации. Доколку Ковачевски не бил запознаен со предлогот, како што тврди, иако е невозможно да не знаел што работат неговите подредени, треба да побара оставка и од Османи и од Маричиќ или самиот да ги разреши веднаш. Иако веруваме дека Ковачевски цело време стои зад понижувачкиот предлог и бил запознаен со деталите, но и го менаџирал процесот за туркање во јавноста“, вели Ковачки.
Да не заборавиме, додава Ковачки, дека целиот план им бил преку блицкриг-манипулација да се манипулира и лаже јавноста предлогот веднаш да помине во бугарското собрание, што е одолжено поради оставката на бугарската влада, а потоа и блицкриг-операција за поминување на овој предлог во Македонија преку креирање еуфорија за почеток на преговорите, дополни Ковачки.
„Ковачевски треба да си даде оставка поради манипулација и лажење на јавноста, но и нанесување трајна штета на македонските преговарачки позиции. Со согласноста што Владата и Ковачевски му ја имаат дадено на овој предлог воопшто и да излезе во јавноста, поставени се темелите на идните бугарски уцени и можноста секој следен предлог да биде најмалку лош како овој. Вака направената штета не е моментна, туку трајна и за ова мора да има одговорност“, нагласува пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија, оценува тој, сè поизвесно дека ќе добие уште едно вето, а ќе остане, како што вели, и со трајно нарушени преговарачки позиции.
„Поради трајното нанесување штета на македонските преговарачки позиции, Владата мора да падне. Избори се решение“, вели Ковачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.