Македонија
Компаниите да ги користат можностите на домашната берза за електрична енергија, порача Божиновска

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Националниот оператор на пазар на електрична енергија-МЕМО ДООЕЛ Скопје и Бирото за јавни набавки, организираа настан на кој беа презентирани придобивките од работата на домашната берза на електрична енергија, со акцент на идните заеднички активности на трите институции кои треба да придонесат во унапредување на македонскиот пазар на електрична енергија.
На настанот беше промовирана важноста институциите и компаниите, при процесот на јавна набавка на електрична енергија, да применуваат стандардни тендерски правила преку кои договорите за снабдување со електрична енергија би се индексирале согласно податоците на македонската берза на електрична енергија – Индекс на МЕМО-Пазар ден однапред (ПДО). Досегашната пракса, во отсуство на домашна берза на електрична енергија беше според индексирање на странските берзи на електрична енергија.
Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини во своето обраќање истакна дека придобивките од индексирање на цената на електрична енергија согласно домашната берза се бројни, пред сè со оглед на тоа што веќе имаме конкурентна македонска берза каде цената по постигнат MWh е соодветна на реалната понуда и побарувачка на електрична енергија во нашата држава. Затоа е важно компаниите и институциите кои набавуваат електрична енергија за сопствени потреби да ги користат можностите на домашната берза за електрична енергија.
„Важно е институциите и компаниите, при процесот на јавна набавка на електрична енергија, да применуваат стандардни тендерски правила преку кои договорите за снабдување со електрична енергија би се индексирале согласно податоците на македонската берза на електрична енергија – Индекс на МЕМО-Пазар ден однапред (ПДО). Досегашната пракса, во отсуство на домашна берза на електрична енергија беше според индексирање на странските берзи на електрична енергија. Јакнењето на македонската берза е од клучно значење за нашиот енергетски сектор. Не само што обезбедува фер и конкурентни цени, туку и ја зајакнува нашата енергетска независност.“ изјави Божиновска.
На настанот присуствуваа претставници на релевантните чинители во секторот енергетика, државни институции и приватни компании, претставници на стопанските комори како и општините.
Маре Богева Мицовска, директорка на Бирото за јавни набавки подвлече дека со унифицирана тендерска документација ќе се намалат грешките и неусогласеностите во спроведувањето на постапките за јавна набавка на електрична енергија.
„Со примена на унифицирана тендерска документација за јавна набавка на електрична енергија ќе се зголеми ефикасноста во спроведувањето на постапките, што води и кон поголема заштеда на јавните средства“, истакна Богева Мицовска.
Богева Мицовска посочи дека Бирото за јавни набавки и понатаму останува партнер со учесниците на пазарот за јавни набавки, со што ја остварува својата цел и мисија.
Управителот на Националниот оператор на пазар на електрична енергија-МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, ги презентираше достигнувањата на домашната берза каде 37 учесници секојдневно тргуваат, како и важноста од примената на информациите за цената на електрична енергија во постапките за јавна набавка на електрична енергија од македонската берза.
„Домашната берза на електрична енергија, речиси две години обезбедува сигурност и релевантни цени за секој час од денот. Ценовниот сигнал од пазарот „ден однапред“ кој го управува МЕМО е клучен индикатор за ефикасно функционирање на електроенергетскиот сектор во нашата земја. Овој сигнал не само што ги одразува реалните услови на понудата и побарувачката за електрична енергија, туку и игра суштинска улога во процесот на донесување одлуки од страна на сите учесници во пазарот, вклучувајќи ги компаниите-потрошувачи на електрична енергија.
Преку стабилни и точни ценовни сигнали од пазарот „ден однапред“, обезбедуваме сигурност за домашните учесници, ја зајакнуваме конкурентноста и ја унапредуваме подготвеноста за поврзување со регионалните и европските пазари“, рече Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевки во својата презентација се осврна и на идните планови и активности на МЕМО, она што следи е воведување на еврото како валута за тргување, во првиот квартал на оваа година, пазарно спојување (market coupling) со берзите на соседните земји и ЕУ, Развој на интрадневен пазар и гаранции за потекло (GOs) од обновливи извори.
Со почит,
Министерство за
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити не се појави на прес-конференцијата за опасниот пожар во Трубарево

Министерот за животна средина, Изет Меџити, вечерва не беше присутен на вонредната прес-конференција во МВР за големиот пожар во фабриката за електронски отпад во Трубарево, каде покрај батерии гореше и пластика што предизвика сериозна загриженост за здравјето на населението. Новинарите инсистираа да добијат одговор зошто ресорниот министер деновиве воопшто не се обратил до јавноста.
Министерот за здравство, Азир Алиу, рече дека материјал од местото на пожарот е земен од акредитирана институција и најави дека официјалните резултати ќе бидат објавени во понеделник.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека повеќепати разговарал со Меџити и со неговата заменичка, но ги упати новинарите да го прашаат директно вицепремиерот зошто не се појавува.
Присутните новинари потсетија дека попладнево Меџити бил на партиски настан, додека истовремено гореше складиште со електронски и пластичен отпад во Трубарево. Дополнително, тој не се појави ниту во изминатите денови, кога во главниот град гореа повеќе депонии.
На денешната вонредна прес-конференција зборуваа министрите Панче Тошковски, Азир Алиу, Цветан Трипуновски и Владо Мисајловски, заменик-претседателот на Владата Љупчо Димовски, како и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Министерот Панче Тошковски објави дека не е регистрирано радијационо зрачење, а во непосредна близина на 150 метри на центарот од огнот има високо ниво на штетни супстанци и состојбата е високоризична. До 200 метри се забележува средно ниво на опасност, а до 400 е ниско ниво на опасност.
„За да ја минимизираме опасноста, препорачуваме оние кои се во непосредна близина да ги напуштат своите домови. На располагање се ставени сместувачки капацитети на Центарот за обука“, изјави Тошковски.
Тој истакна и дека се вршат разговори со три лица во станица, за да се утврдат околностите за пожарот, а оперативните активности продолжуваат.
Македонија
Тошковски: Жителите во непосредна близина на пожарот да ги напуштат живеалиштата поради штетните сустанци, радијација нема

Локализиран е пожарот кој избувна во складиштето за електроника во Трубарево, пришто опожарена е и пластика.
Министерот Панче Тошковски вечерва на вонредна прес-конференција објави дека не е регистрирано радијационо зрачење, а во непосредна близина на 150 метри на центарот од огнот има високо ниво на штетни супстанци и е високоризично. До 200 метри е средно ниво на опасност, а до 400 е ниско ниво на опасност.
„За да ја минимизираме опасноста, препорачуваме оние кои се во непосредна близина да ги напуштат своите домови. На располагање се ставани сместувачки капацитети на Центарот за обука“, изјави Тошковски, истакнувајќи дека на 400 метри од пожарот не е евидентирано загадување и ова се однесува на оние кои живеат во околината.
Тој истакна и дека се вршат разговори со три лица во станица, за да се утврдат околностите за пожарот, а оперативните активности продолжуваат.
Пожарот се гасне со песок, по препорака на меѓународни стручњаци. Министерот потврди дека горат батерии што налага посебен начин на делување.
Македонија
Вечерва ќе има први резултати за квалитетот на воздухот во Трубарево

Министерството за животна средина и просторно планирање ангажираше акредитирани лаборатории за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух во погодената зона, по пожарот што избувна во Трубарево.
Резултатите од овие мерења ќе бидат јавно објавени веднаш по нивната обработка, а првите резултати веќе се очекуваат вечерва.
Во очекување на резултатите од мерењата, Министерството препорачува граѓаните во погодената област да преземат следниве мерки за заштита:
1. Останете дома – Избегнувајте престој на отворено, особено во близина на локацијата на пожарот.
2. Затворете ги прозорците и вратите, за да се намали можноста за внесување на загаден воздух во просториите.
3. Исклучете надворешна вентилација, Избегнувајте користење на клима уреди и системи без филтри кои вовлекуваат воздух однадвор.
4. Заштитете ги ранливите групи – Децата, постарите лица и лицата со хронични заболувања нека останат во затворен простор.
5. Користете заштитни маски – Ако е неопходно излегување, носете маски од тип FFP2 или FFP3.
6. Бидете внимателни со храна и вода – Темелно измијте овошје и зеленчук од околните градини. Користете само вода од сигурни извори.
7. Следете ги официјалните информации, Редовно информирајте се преку каналите на Министерството.
Министерството апелира на смиреност и рационално однесување и уверува дека сите надлежни институции се мобилизирани за следење и управување со состојбата.