Македонија
Коневски: СДСМ да престане со мое дискредитирање и изнесување на лаги
По една недела протести и негодување поради деталниот урбанистички план на општината Аеродром и неколкуте прес-конференции од страна на СДСМ, на кои посочија дека истиот претставува сериозен проблем за граѓаните на општината, денес со реакција се јави и градоначалникот Ивица Коневски.
„Би сакал уште еднаш да ве информирам дека челниците од СДСМ од Аеродром продолжуваат да пласираат лаги и невистини во јавноста во врска со донесувањето на деталните урбанистички планови и наводното уништување на зеленилото во Општина Аеродром“, вели Коневски.
Градоначаникот на општината Аеродром, вели дека СДСМ се обиделе да ја излажат јавноста и изнеле ноторни лаги каде го обвинувале за незаконски активности, а со цел да ја дискредитираат неговата личност.
„Лажните пресови на опозицијата, со кои очигледно се надева дека повеќепати повторената лага ќе стане вистина, не можат да го оспорат фактот што во последните неколку години изградивме преку 10 нови паркови и само во последните неколку месеци насадивме над 50.000 нови дрвца во Општина Аеродром“, додава Коневски.
Од ревизорските извештаи, можело да се види дека нема ниту една дамка врз начинот на донесување на ДУП-овите, а тој одговорно тврди дека и во идните контроли ќе се покаже дека залудно СДСМ го вперуваат прстот кон неговата работа.
„Ги повикувам советниците од редовите на СДСМ, деструктивната политика што ја водат со недели наназад, да ја претворат во дијалог и соработка за доброто на граѓаните, а јавноста да не подлегнува на овие манипулации и лажни вести, бидејќи постапките за донесување детални урбанистички планови се водат целосно во согласност со законот и во транспарентни процедури“, потенцира градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски.
Минатата недела Коневски за „Макфакс“ изјави дека протестите кои се организирале пред општинската зграда биле политички мотивирани од СДСМ./крај/мф/кл
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

