Македонија
Конститутивната седница на Собранието ќе се одржи на 28 мај во 11 часот
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/05/1-11.jpg)
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, врз основа на член 9 став (2) од Деловникот на Собранието, денеска одржа состанок со претставници на политичките партии застапени во новоизбраното Собрание, на кој консензуално беше одлучено конститутивната седница по одржувањето на единаесеттите парламентарни избори, да биде на 28 мај 2024 година, вторник, во 11 часот.
Во согласност со Деловникот, со конститутивната седница до изборот на новиот претседател треба да претседава највозрасниот по години пратеник. Во новоизбраниот состав тоа е пратеничката Мерита Колчи-Коџаџику.
Претседателот Митрески ги информира присутните дека дневниот ред на конститутивната седница, според Деловникот, ќе има три точки, односно избор на верификациска комисија, избор на комисија за прашања на изборите и именувањата, како и избор на претседател на Собранието.
Конститутивната седница, според новиот Деловник, трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на претседателот на Собранието.
На денешниот состанок присуствуваа Никола Мицески од коалицијата „Твоја Македонија“ – ВМРО-ДПМНЕ; Оливер Спасовски од коалицијата „За европска иднина“ – СДСМ; Арбер Адеми од коалицијата „Европски фронт“; Халил Снопче од коалицијата „Влен“; Борислав Крмов од партијата Левица и Бобан Карапејовски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
На состанокот присуствуваше и Мерита Колчи-Коџаџику како највозрасна пратеничка, како и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
(Видео) Полициските хеликоптери исфрлија над 120 тони вода врз пожарите кај селото Тажево и „Јасен“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-26-203439.jpg)
Денеска Одделот за воздухопловни единици при МВР учествуваше со два хеликоптери во гасење на пожарот во реонот на Јасен.
Во 62 налети исфрлени се преку 120 тони вода со што успеа да се локализираат новите реактивирани краци на пожарот и да се спречи прошорување на пожарот кон селото Брезница , селото Тажево и националниот парк Јасен.
Македонија
Пронајдено детето од Скопје кое беше пријавено дека се оддалечило од домот
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/02/policija-5.jpg)
Вечерва околу 19.20 часот полициски службеници од СВР Скопје го пронајдоа осумгодишното дете за кое денеска околу 18.40 часот неговата мајка С.Н. во ПС Карпош пријави дека околу 17 часот се оддалечило од домот.
Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје ги презеле сите неопходни мерки и активности и детето било пронајдено во добра здравствена состојба и ќе биде предадено на родителот, соопшти МВР.
Македонија
На Табановце за влез во државата се чека околу еден час
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/07/tabanovce.jpg)
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце за влез во државата се чека е околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани –Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Термините се следни:
– петок од 17:00 – 22:00 часот,
– сабота од 09:00 до 18:00 часот и
– недела од 09:00 до 22:00 часот.
На магистралниот пат А2 делница: Скопје – Охрид – Скопје се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите, во следните интервали:
– петок од 15:00 – 22:00 часот,
– сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот и
– недела од 07:00 до 22:00 часот.