Македонија
„Корупцијата во Министерството за животна средина се продлабочува, каква е улогата на шефот на кабинетот на Меџити“, прашува ДУИ
„ДУИ повторно го осудува тешкиот корупциски скандал во Министерството за животна средина, каде што по контролата на Државниот управен инспекторат е потврдено злоупотребата на службената должност од страна на министерот Изет Меџити и неговиот кабинет“, велат од ДУИ.
„Но, прашањето што останува без одговор е: Каква е улогата на шефот на кабинетот на Меџити во овој скандал?
Доверливи извори од Министерството за животна средина потврдуваат дека шефот на кабинетот на Меџити бил клучна фигура во шемата на уцени и мито, вршејќи притисок врз компании и граѓани за секоја административна услуга.
Од лиценци и еколошки дозволи до обични бирократски постапки, ништо не поминувало без негово одобрение и без коруптивните шеми водени од кабинетот на Меџити.
Истите овие луѓе биле вклучени во слични корупциски шеми и во Општина Чаир, претворајќи ја во урбанистички кошмар за граѓаните.
ДУИ бара истражните органи да ги прошират истрагите не само против Меџити, туку и против клучните личности во неговиот кабинет, вклучително и шефот на неговиот кабинет, кој со месеци води добро организиран систем на уцени и корупција во Министерството за животна средина.
Оваа Влада секојдневно тоне во скандали, докажувајќи ја својата неспособност и отворена корупција.
ДУИ ќе продолжи да ги разобличува сите случаи на злоупотреба на власта и да бара одговорност од сите што ја изневеруваат довербата на граѓаните“, соопшти ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Оставка на Сабахадин Рустеми од „Комунална хигиена“ за да не влијае на истрагата
В.Д. директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Сабахадин Рустеми, поднесе оставка од функцијата поради морални причини, соопшти неговиот адвокат Асмир Алиспахиќ.
Адвокатот изјави дека оставката не е поврзана со признание на вина, туку со желба да не влијае на истрагата.
„Тоа е чин што ќе овозможи непречено водење на постапката. Ќе докажеме дека Рустеми нема никаква поврзаност со делото“, рече адвокатот.
Според него, постојат докази дека Рустеми преземал активности за обезбедување механизација и ресурси, но дека неговите барања не биле одобрени од Управниот одбор на претпријатието.
Рустеми и Аки Саити, управител за отпад во претпријатието, добија мерка притвор од 30 дена поради основано сомнение за сторено кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад, како и опасност од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото.
Македонија
Државна лотарија предупредува: нелегални платформи го злоупотребуваат името и логото
Нелегални интернет платформи неовластено го користат името и логото на Државна лотарија
Државна лотарија ги повикува сите играчи на интернет игри на среќа да внимаваат при изборот на интернет платформи и да учествуваат исклучиво преку официјалните канали на Државна лотарија, со цел да се заштитат од можни злоупотреби, односно, да учествуваат во игри на среќа, кои се транспарентни, регулирани и одговорно приредени.
Државна лотарија, како единствено овластено друштво за приредување игри на среќа во Република Северна Македонија, ја информира јавноста дека исклучиво таа има законско право да приредува лотариски, инстант лотариски и интернет игри на среќа на територијата на државата.
Секоја појава на трета страна, како што се додава, која неовластено користи визуелни елементи, лого или други обележја што претставуваат интелектуална сопственост на Државна лотарија, претставува нелегално користење и кршење на законските прописи, со што се доведува во заблуда јавноста и се нарушува довербата во легалниот систем за игри на среќа.
Македонија
Животните заслужуваат правда: здруженијата за заштита на животните со иницијатива за укинување на мерката за евтаназија на кучиња со лајшманиоза
Здруженијата за заштита на животните од целата држава имаат со иницијатива за укинување на мерката за задолжително тестирање и автоматска еутаназија на бездомни кучиња со лајшманиоза.
„Ние, здруженијата за заштита на животните од целата држава, заедно ја поднесовме оваа иницијатива пред повеќе од еден месец, со јасно барање – итно укинување на мерката за задолжително тестирање и автоматска еутаназија на бездомни кучиња со лајшманиоза, пропишана во точката 6.2 од Годишната наредба за здравствена заштита на животните“, појаснуваат во соопштението.
Оваа мерка, додаваат, е морален, научен и институционален пораз.
Таа, како што информираат, дозволува убивање на здрави животни под изговор на „заштита“, без никакво јавно-здравствено оправдување.
„Наместо превенција и контрола на векторите – единствениот вистински начин за справување со болеста, државата со години го избира најлесниот и најсуров пат: уништување на живот.
Од нејзиното воведување, мерката по инерција се повторува секоја година, без никакви резултати, легитимира убивање, служи како параван за трошење јавни средства и претставува смртна пресуда за илјадници здрави, мирни бездомни животни.
Ниту една земја од ЕУ не спроведува ваква пракса, ни оние со висока ендемичност како Грција, Италија или Шпанија. Светската здравствена организација, ECDC и CDC јасно укажуваат дека лајшманиозата не се пренесува од куче на човек, туку преку песочни мушички.
Значи, не убивањето, туку превенцијата е одговорот.
Покрај тоа, мерката е длабоко неправедна и дискриминаторска – се применува исклучиво врз бездомни животни, додека сопственичките остануваат надвор од системот. Тоа е двоен стандард, медицински апсурд и цивилизациски срам“.
Бараат надлежните институции итно да ја укинат оваа мерка и да воведат современ, хуман и европски модел за справување со лајшманиозата – преку превенција, лекување, згрижување и вдомување, а не ликвидација.
Ова прашање, оценуваат здруженијата, одамна го надминува полето на ветеринарната политика.
„Ова е прашање на вредности, морал и наука — затоа што мерка што медицински и научно е нелогична не може да биде оправдана ниту законски, ниту човечки.
Дали сакаме држава што убива, или држава што штити?
Македонија може подобро, а животните заслужуваат правда.

