Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Слависти од Балканот и од целиот свет веќе 50 години го чуваат и го негуваат македонскиот јазик преку Меѓународната научна конференција

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ денеска во Охрид ја организира 50-тата Меѓународна научна конференција.
Во поздравното обраќање, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ги изрази својата радост и своето спокојство за безбедноста на нашата јазична средина, за силината на македонскиот јазик, чии специфики преку оваа конференција научно се поткрепени и поддржани од домашни и од странски македонисти.
„Оваа Меѓународна конференција, со сите учесници низ изминативе 50 години – македонисти, слависти, балканолози од земјава и од целиот свет – создаде семејство пријатели на македонскиот јазик кое е природен бедем, семејство кое има големо срце, почит и љубов кон македонскиот јазик, култура и историја“, рече министерката.
Костадиновска-Стојчевска потенцираше дека се постигнати целите од основачкиот акт на Конференцијата, и затоа светската јавност е одамна запознаена со научните достигнувања во областа на македонскиот јазик, литературата и културата, научниците слависти се зближуваат, родени се трајни професионални врски и пријателства низ целиот свет, а секоја година се создаваат нови.
Министерката за култура подвлече: „Спецификите на македонскиот јазик и научниот пристап во неговото истражување нè зближија со сите земји од словенското јазично семејство, со сите земји од балканскиот јазичен сојуз, што е, верувам, исклучителен научен предизвик.
Голема придобивка од Меѓународната конференција за нас претставуваат трудовите на учесниците од балканолошките центри, како и присуството на научници од сите соседни земји, со што се покажува дека за науката не постојат граници. А, сево ова оди во прилог на афирмацијата на македонскиот јазик, литература и македонистиката како наука“.
Обраќајќи се пред професорите, домашните и странските слависти и македонисти, Костадиновска-Стојчевска го искажа задоволството од постигнатите резултати од научните трудови во изминативе децении, кои ја издигнаа македонистиката во призната и привлечна наука, а ја афирмираа македонската литература споредувајќи ја со дела од светската книжевност.
„Вашиот влог во развојот и афирмацијата на македонистиката како наука е бесценет, вашите вредни трудови дадоа поттик и за младите истражувачи да се посветат на теми посветени на Крсте Петков Мисирков, Блаже Конески, Божидар Видоески, Благоја Корубин или, пак, на истакнатите македонски писатели Димитар и Константин Миладинов, Ѓорѓи Абаџиев, Славко Јаневски, Димитар Митрев, Ацо Шопов, Анте Поповски, Коле Чашуле, Живко Чинго, Горан Стефановски и др.
Благодарение на вашата љубов и посветеност, македонските лингвисти и литерати се застапени во престижните славистички центри, но вашиот ’широкоглед‘ му нуди на светот и научна разработка на некои општи теми, настани важни за историјата на македонскиот народ, како што се АСНОМ или Илинден“, рече Костадиновска-Стојчевска.
На Меѓународната научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ и годинава учествуваа голем број истакнати професори, кои дадоа придонес со своите трудови во лингвистичката и во литературната секција. Големото семејство македонисти продолжува да ја развива македонистиката која е еден од најважните столбови на државава, на македонскиот идентитет и посебност.
„Зборуваме за темелна вредност на нашата држава, за заштитено духовно богатство, за загарантирана уставна категорија. Зборуваме за бедем кој цврсто и заштитнички стои пред нас, како и пред идните генерации Македонци“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска во Охрид.
Меѓународната научна конференција се одржа во две сесии, а со министерката за култура, учесниците ги поздрави директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, Весна Мојсова-Чипишевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.