Македонија
Кочани, „Беса транс“, тетовската болница, Ласкарци: Изет Меџити ветува правда за сите трагедии

Првиот вицепремиер Изет Меџити вети дека ќе има правда не само за трагедијата со пожарот во Кочани, каде што загинаа 59 лица, а над 100 беа повредени, туку и за другите тешки случаи што ја потресоа земјата, како несреќата со „Беса транс“, пожарот во модуларната болница во Тетово и трагичната несреќа во Ласкарци. Тој нагласи дека Северна Македонија доживеала многу трагедии со тешки последици, но правдата недостигала, а државата повеќе нема да седи со скрстени раце.
„Додека се молиме за преживеаните и се подготвуваме да ги испратиме трагично загинатите на 16 март, како Влада ветуваме дека горчливата лекција од Кочани е научена, пораката е примена: државата нема да седи со вкрстени раце и нема да дозволи правдата да заталка и да се девалвира во институционалните лавиринти изградени да ги штитат токму недопирливите!“, напиша Меџити.
Тој истакна дека Владата ќе работи на тоа правдата да не остане само концепт заробен од мафијата и ендемската корупција.
„Нашата борба за подобра Македонија ќе има смисла само тогаш кога оние кон кои системот бил неправеден ќе почувствуваат дека правдата, сепак, не е заробена од мафијата, која ја контролира државата, како што, за жал, тоа било случај со години, и дека нивните повици за правда ќе наидат на одговори и реакција“.
Според Меџити, трагедијата во Кочани треба да биде потсетник за институциите дека не смее да дозволат повторување вакви несреќи.
„Кочани е нашата совест, која повикува на дејствување. Кочани е нашиот непребол, кој налага реакција. Кочани е катарза на скапаниот систем и ендемската корупција вкоренети длабоко во институциите што ги уништуваат човечките животи“.
Тој ги увери граѓаните дека државата ќе преземе мерки и ќе има одговорност за сите случаи во кои животите на граѓаните биле загрозени поради негрижа и корупција.
„Но, државата ќе дејствува! Одговорност ќе има! Правда ќе има: за Кочани, за ‘Беса транс’, за тетовската болница, за Ласкарци, за сите трагедии предизвикани од корупција и неказнивост, а чии последици се човечки животи!“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Таравари: Оптимист сум дека ќе најдеме заеднички јазик со партиите ВЛЕН за локалните избори

Министерот за здравство, Арбен Таравари, изјави дека се во постојана комуникација со останатите партии од коалицијата ВЛЕН за тоа како ќе се натпреваруваат на локалните избори.
Тој рече дека оние како Алијанса за Албанци инсистираат да се изготват посебни листи за советници, а додаде дека е оптимист дека ќе најдат заеднички јазик.
„Ние сме во постојана комуникација, комуницираме и се подготвуваме за локални избори, така што мислам дека наскоро ќе излеземе и ќе ги покажеме нашите позиции. Јас кажав колку што е можно повеќе и инсистирав во преговорите да излеземе со посебна листа како Алијанса за Албанците, но и други партии бидејќи мотивираме многу повеќе луѓе да се ангажираат на локалните избори, но тоа го правиме, изјавивме дека сме во точни извештаи, дека ќе имаме постојана комуникација„ рече Таравари.
Македонија
Пратениците од Левица ќе донираат по половина плата за Кочани: „Пратениците да земат по половина плата оти решија да не работат две недели“

Во знак на солидарност со семејствата на загинатите во трагичниот настан во Кочани, а поради големиот интерес на јавноста и бројните прашања, пратениците на Левица соопштија дека ќе донираат повеќе од половина од својата мартовска плата.
„Оваа одлука ја носиме свесни дека вистинската поддршка не треба да се темели на индивидуални гестови, туку на системски решенија што ќе обезбедат сигурност и социјална правда за сите граѓани и ќе излезат во пресрет за погодените. Дополнително, сметаме дека поради двонеделната неактивност на Собранието, која е резултат на политичка оттуѓеност, пратениците немаат морално право да ја примат целата плата во месецот во кој не ја извршуваа својата должност во полн капацитет. Во исто време, сведоци сме на луксузирањето и развратот на Владата, додека народот се бори со трагедии и економска несигурност“, посочуваат од Левица и додаваат:
„Сепак, оваа донација не ја менува реалноста – државата мора да има социјално проактивна влада и функционално Собрание, кои навремено ќе реагираат и ќе овозможат поддршка на оние на кои им е најпотребна. Само со одговорни и правични политики можеме да изградиме општество во кое нема да се потпираме на поединечна помош, туку на силни и праведни институции“
Македонија
Крива Река отруена со олово, арсен и цијанид од „Тораница“, реката добила сива боја

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски за утре свика прес-конференција за да објасни за цијанидот кој денеска истекол во Крива Река.
Станува збор за истекување од рудникот „Торадница-булмак“, еден од најголемите рудници за олово и цинк.
„Ве покануваме на прес-конференција на градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски по повод хаваријата т.е.инцидентот со излевање на опасна течност од рудникот “Тоарница-Булмак“ во водите на Крива Река, што се случи на 14 март и што предизвика големо заматување и загадување на водата, како и презентација на пристигнатите анализи од мострите земени од водите на Крива Река“, стои во соопштението на Крива Паланка.
Алармот се вклучил откако реката добила сива боја.