Македонија
Кочан може да излезе од затвор две години порано, ако Пендаровски реши да му скрати половина од казната

Бизнисменот Сеад Кочан е на листата со затвореници кои бараат помилување од претседателот Стево Пендаровски. Списокот е доставен до Министерството за правда, од каде, потоа треба да се процесира до Кабинетот на шефот на државата. За тоа, дали исполнува критериуми да биде помилуван, треба да одлучи првиот човек на правда, Бојан Маричиќ. Според неофицијални информации, таква одлука не е донесена, ниту мислењето е доставено до Пендаровски.
Доколку бизнисменот Кочан биде помеѓу затворениците кои исполнуваат услови, тогаш може да се даде мислење да му се скрати затворската казна од 4,8 години. Тој досега има одлежано две години и четири месеци. Тоа значи дека нему му останува уште половина казна. За неговото помилување, одлучува претседателот Пендаровски. Доколку го прифати барањето и скрати половина од казната на Кочан, тоа значи дека тој може веќе во јануари да излезе од затвор.
Управителот на компанијата „Трансмет“, Сеад Кочан, беше осуден бидејќи со лажни документи учествувал и добил тендери за ископ на јаглен и јаловина во РЕК „Битола“ на АД ЕЛЕМ вреден 17 милиони евра. Во истиот предмет, условно осуден од Апелациониот суд беше Василије Авировиќ, син на експратеничката Владанка Авировиќ, иако Кривичниот суд му одреди три години затворска казна.
Судијката Лидија Трајковска-Зимбовска го ослободи од обивинение третообвинетиот Сафет Ветиќ затоа што делото за кое се гони не е кривично дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во средните медицински училишта ќе можат да се запишуваат само редовни ученици

Министерството за образование и наука ги извести сите јавни средни училишта во државата кои имаат добиено верификација за изведување на настава од здравствена струка, дека запишувањето на вонредни ученици се става во мирување почнувајќи од мартовската испитна сесија.
Претходно запишаните вонредни ученици продолжуваат со полагањето на предвидените испити, но во следниот период нема да може да се запишуваат нови. Редовни ученици пак, ќе можат да се запишуваат вообичаено во текот на месец јуни, а согласно квотите кои ќе бидат утврдувани во конкурсите за уписи во јавни средни училишта.
Од МОН велат дека одлуката првенствено е од интерес на процесот на создавање квалитетен медицински кадар. За разлика од редовните ученици кои освен теоретската, имаат и ефективна практична настава по стандарди утврдени во наставните планови и програми, за вонредните ученици по медицина, можностите за пракса во реални услови се значително ограничени.
Исто така, оваа одлука е во согласност со напорите на државата за спречување на одливот на работна сила, која значително недостасува во здравствениот сектор. Статистиките велат дека во вонредно медицинско образование најчесто се запишуваат повозрасни граѓани, со намера да се преквалификуваат и да побараат работен ангажман надвор од земјата.
Дополнителен предизвик е и тоа што уписот во вонредно образование нема ограничувачки квоти, за разлика од уписот на редовни ученици кој се дефинира со конкретни квоти, согласно капацитетите на училиштата и минимум поени дефинирани во секој конкурс за упис во средно образование што изнесува минимум 70 поени, односно одличен успех во основното образование, а понекогаш и дополнителни квалификациони тестирања за селекција на поголем број на пријавени ученици со 75 поени.
Министерството за образование и наука информира дека се работи за времена одлука, а во периодот што следи фокус ќе биде ставен на можностите за унапредување на вонредното образование од здравствената струка, со цел граѓаните кои ќе се одлучат за оваа опција, да стекнуваат соодветни знаења и вештини, но и притоа да бидат мотивирани за реализација на личниот потенцијал во сопствената земја.
Македонија
ЛДП со осуда за скандалозната објава на Касами: „Македонија е мултиетничка држава“

Либерално-Демократската партија најостро ја осудува скандалозната објава на лидерот на БЕСА и градоначалник на Тетово, Билал Касами, во која на социјалната мрежа Фејсбук напиша „Добредојдовте во албанскиот главен град во Северна Македонија!“.
Од партијата велат дека во недостаток на идеи и проекти дел од опозициските партии продолжуваат да играат на картата на национализмот и да се обидуваат да ги влошат меѓуетничките односи и да ги разнишаат европските вредности.
Либерално-Демократска партија упатува порака дека Македонија е мултиетничка држава и Тетово е и ќе биде мултикултурен град, а не главен град на Албанците.
„Како либерал-демократи секогаш приоритет ќе ни биде почитување и обезбедување еднакви права и можности за сите граѓани на Македонија“, велат од партијата.
Според нив, симптоматично е што оваа објава доаѓа само неколку недели по барањето за формирање Заедница на албански општини, по теркот на она што се договара за Косово, барање кое дојде од Алтернатива, уште една опозициска партија од албанскиот политички блок.
Македонија
Kасами: Тетово е главниот град на Албанците во Северна Македонија

Добредојдовте во главниот град на Албанците во Северна Македонија, напиша на „Фејсбук“ градоначалникот на Тетово oд партијата БЕСА, Билал Касами.
Неговата објава предизвика бројни реакции кај корисниците на социјалните мрежи.
„Немој да бараш втор мандат“, „Дали вие сте градоначалник на Тирана?“, се само дел од коментарите.
До овој момент, ниту еден функционер не се огласи со реакција за скандалозната објава.