Македонија
Кржалоски поднесе оставка од функцијата претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ
Претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Лука Кржалоски, поднесе неотповиклива оставка од функцијата, која ја објави на својот фејсбук-профил. Како што наведува, во продолжение на текстот ги наведува и објаснува причините за неговиот потег, за кој, како што додава, дошло по долго и сериозно размислување.
„Пред сè, сакам да кажам дека во ова матно и непредвидливо време за нашата партија и држава тешко е човек да знае кој е вистинскиот пат. Токму за вакви ситуации постојат вредностите на коишто се базира нашата партија, а со коишто сум израснат преку моето долгогодишно дејствување во Унијата на mлади sили. Тие вредности беа моја клучна водилка да се одлучам на овој сериозен чекор. За жал, стигнав до заклучок, којшто сум убеден дека го споделува и пошироката јавност, а особено младиот сегмент од популацијата, дека во последниот период партијата е преокупирана со дневна политика, популизам и задоволување на интересите на една мала група луѓе. Покрај тоа што моменталното раководство имаше речиси цела една година да излезе со една сеопфатна стратегија за одговарање на горливите прашања, тоа не само што не се случи туку и ништо не навестува дека ќе дојде до промена на курсот. Дополнително, гледаме дека има континуирано влошување на односите со клучните меѓународни фактори, коишто, сакале ние да признаеме или не, имаат огромно влијание врз политичкиот живот во нашата држава и во поширокиот балкански регион. Ова е очигледно од сè појасното дистанцирање на нашата партија од најмоќното политичко семејство на континентот – Европската народна партија – каде што лежат нашите вредности и интереси, уште од самото основање на ВМРО-ДПМНЕ. Друг пример е фактот дека клучни носители на одлуки од американската администрација целосно одбиваат да дискутираат со моменталното раководство т.е. воопшто не ја сметаат нашата партија за релевантен фактор. За крај, сакам да подвлечам дека на функцијата од која сега давам оставка се нафатив со силно убедување дека како и во минатото и сега нашата партија има капацитет да еволуира и да биде предводник во отворањето на едно ново поглавје во модерната македонска историја. Никогаш не сум сакал да бидам дел од дворски игри, коишто го одвлекуваат нашето цело внимание од вистинските проблеми. Најодбивно од сè ми е грубото поигрување со националните чувства на Mакедонецот, а со цел бегањето од одговорноста и од носењето сериозни одлуки во клучни моменти. ВМРО-ДПМНЕ како столб на македонската државност има посебна одговорност, не само спрема своето членство туку и према нацијата. Без ВМРО, нема Македонија! Борбата продолжува!“ напиша Кржалоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од корисниците на Гази Баба утре без вода
Дел од корисниците на Општина Гази Баба утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 25.02.2026 година ( среда ) имаат планирано неколку интервенции и тоа поради промена на вентил од 2.5“ на ул.Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности“, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи Скопје.

