Македонија
Кривична пријава за градоначалникот на Делчево: вработил лице што исполнувало услови за пензија

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево на 25.08.2025 до ОЈО Делчево поднесе кривична пријава против Г.Т. (54) од Делчево поради основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, предвидено и казниво по член 353 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Пријавениот Г.Т. како овластено службено лице градоначалник на Општина Делчево на 01.08.2018 по јавен оглас од 25.06.2018 за вработување на административен службеник, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување со пречекорување на границите на службената должност донел незаконска одлука за избор на кандидатот В.М. од Делчево, кој уште во првата фаза од постапката за вработување, како и во моментот на донесување на решението за стекнување на статус на административен службеник ги исполнувал законските услови да се стекне со право на пензиско и инвалидско осигурување со навршени 64 години старост, што претставува основа за престанок на работен однос на административен службеник, а не основа за вработување согласно член 98 став 1 алинеа 3, а во врска со член 98 став 5 алинеја 9 и 10 од Законот за административни службеници.
Со незаконското вработување, пријавениот Г.Т. му овозможил на В.М. да се стекне со противправна имотна корист од 505.561 денари на име плата и да нанесе штета на Општина Делчево во износ од 762.318 денари по основ на исплатени придонеси и плата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Буџетот на Чаир, Бујар би го потрошил за една недела, државниот ревизор му ги извади валканите алишта на виделина

Кандидатот за градоначалник на Чаир од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, денеска реагираше на начинот на кој поранешниот министер Бујар Османи ги менаџирал јавните пари, предупредувајќи дека злоупотребите и вештачки надуените цени во тендерите се директна опасност за секоја институција и за буџетот на граѓаните.
„Ако само замислиме дека со вакви цени, со вакви рекетирања, Бујар ќе ја косеше тревата во Чаир исто како во салата ‘Борис Трајковски’, тогаш е јасно дека буџетот на општината ќе се проголта за една недела. Со таков начин на лошо менаџирање, наставниците ќе останеа без плати, а граѓаните без основни услуги“, изјави Меџити.
Тој се повика на последниот извештај на Државниот завод за ревизија, кој како што оцени, констатирал сериозни злоупотреби при организацијата на дводневен самит, за кој биле потрошени околу два милиони евра државни пари.
„Овде не станува збор за мои зборови или политички обвинувања. Овде зборуваат фактите, документите и официјалните извештаи. А кога еден министер троши два милиони евра за дводневен самит, додека граѓаните се мачат со инфраструктура, образование и основни услови, тоа е непростливо“, нагласи Меџити.
Тој потсети и на времето кога Османи беше министер за здравство, споменувајќи дека во Гинеколошката болница во Чаир тогаш добил прекар „пациентот“ – што според него е симболичен показател за неуспешното раководење со институциите.
Меџити кој денес оствари посета на ОУ “Васил Главинов” порача дека Чаир заслужува транспарентно управување, реални инвестиции и грижа за граѓаните, а не злоупотреби и тендери со рекетирање.
„Граѓаните имаат право да знаат каде завршуваат нивните пари. Моја обврска како иден градоначалник е да ја вратам довербата и да го заштитам буџетот на Чаир од вакви злоупотреби“, заклучи тој.
Македонија
На Табановце се чека околу 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, поради летните одмори се бележи зголемена фрекфенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез од државата е околу 30 минути, додека на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре ќе се прска против комарци во Скопје

Од Градот Скопје известуваат дека утре (петок), во раните утрински часови ќе се изврши авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин.
Се известуваат пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.