Македонија
Кривична пријава за ексградоначалникот на Битола, Талески, и негови соработници

Секторот за внатрешни работи Битола поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против В.Т (59) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, и против С.Б. (59), М.К. (66) и С.П. (55), сите од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
В.Т. како градоначалник на општина Битола во период од 25.10.2012 до 19.12.2012 година без да потпише анекс-договор со две фирми, дозволил да се извршат набавки на масло за греење од нив. В.Т. ја дозволил набавката по завршување на договорот што го имала склучено општината со една од фирмите за јавна набавка на екстра лесно масло за греење. Исто така, на 27.12.2016 година, повикувајќи се на стар договор со истата фирма со важност до 01.12.2016 година, без да биде потпишан анекс-договор дозволил да се изврши набавка на уште 9.324 литри масло за греење од истото правно лице.
С.Б. како претседател, а М.К. и С.П. како членови на комисијата за јавни набавки во општина Битола, во постапка за набавка на екстра лесно масло за греење, на 17.12.2012 година донеле одлука за најповолен понудувач за фирма која не поседувала лиценца од Регулаторна комисија на Република Македонија за трговија со сурова нафта, нафтени деривати, био-гориво и горива за транспорт. Врз основа на таа одлука првопријавениот донел одлука за избор и потпишал договор со фирмата и и овозможил да се стекне со противправна имотна корист.
Со ваквите дејствија пријавенитe им овозможиле на двете фирми да се стекнат со противправна имотна корист од 44.870.702 или 729.604 евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: „Влен“ покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив

„Процесот на вработувања во државните институции се одвива селективно и дискриминаторски, при што Албанците остануваат целосно непретставени. Секојдневно, нивното исклучување станува редовна пракса на оваа Влада“, велат од ДУИ.
„Наместо да се зајакне правичната застапеност, Владата предлага замена на постојниот законски механизам (балансерот) со нефункционална комисија која еднаш годишно ќе подготвува „анализи“. Таквиот модел не гарантира ниту застапеност, ниту фер примена на законот, ниту основна еднаквост.
Дури и овој навредлив предлог-закон не се испраќа во Собранието, што укажува на понижувањето и недостаток на капацитет од страна на остатоците на ВЛЕН.
„Влен“ досега покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив ангажирајќи ја Каракамишева да изготви навредлив закон, кој потоа и самите не се осмелуваат да го достават до Собранието.
ДУИ бара од надлежните институции и од меѓународниот фактор внимателно да ја следат оваа ситуација и да реагираат на назадувањето на правичната застапеност на Албанците во јавните институции“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
Муцунски од Мала Преспа: Преку конкретни проекти ќе продолжиме да ја јакнеме врската со дијаспората

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и министерот за култура, Зоран Љутков, вчера ја посетија Мала Преспа и општина Пустец – домот на македонското малцинство во Албанија. Во рамки на посетата, министрите остварија топли и конструктивни средби со локалното население и присуствуваа на свеченото отворање на фестивалот „Македонско културно лето“, каде настап имаше Велешкиот театар.
„Мала Преспа и Пустец се жив доказ дека етничката и културната разноликост не разделува, туку обединува. Благодарение на официјалниот статус на македонскиот јазик, двојазичното образование, активната дипломатска и прекугранична поддршка од нашата Влада – заедно со посветеноста и ангажманот на локалното население – македонската заедница во Албанија успева да ја зачува својата уникатност, да ја негува врската со матичната земја и да гради мостови на пријателство меѓу двете држави“, истакна министерот Муцунски во својата објава на социјалните мрежи.
На средбите со Македонците од Албанија, министерот ги сослуша нивните предизвици и се обврза дека поддршката од државата нема да остане само на декларативно ниво.
„Преку конкретни проекти и активности, ќе продолжиме да ги јакнеме врските на дијаспората со татковината. Само така ќе ја чуваме и пренесуваме македонската историја, култура и традиција во овој значаен дел од Балканот“, порача Муцунски.
Министерот упати искрена благодарност за поканата и срдечниот пречек и истакна дека секогаш со задоволство ќе се враќа во Пустец – помеѓу Македонците во Албанија.
Македонија
Герасимовски: Во мојот мандат Центар доби целосна поддршка за урбаната велосипедска култура

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на средбата со жителите од строгиот центар разговараше за најгорливите урбани предизвици: сообраќајниот метеж, загадениот воздух и потребата од алтернативен превоз.
„Она што секојдневно го отежнува животот во Центар е хаосот во сообраќајот. Затоа вложуваме во решенија за почист воздух и подобар квалитет на живеење“, истакна Герасимовски.
Тој потсети дека Центар е првата општина што воведе субвенции за алтернативен превоз, велосипеди, електрични велосипеди и тротинети, мерка што се надградува од година во година:
„Во мојот мандат воведовме и субвенции за дополнителна опрема, за што интересот постојано расте. Само годинава, од предвидените 600.000 денари за велосипеди, веќе се субвенционирани 197 граѓани”, рече Герасимовски, посочувајки дека во последните три години се дадени субвенции за над 500 велосипеди.
„Жителите на Центар заслужуваат модерен и одржлив град. Затоа продолжуваме со инвестиции во алтернативен превоз, почиста животна средина и поздрав начин на урбано живеење“, порача Герасимовски.